Провизориум Македонија

Македонија, еднаш позната како „оаза на мирот“, а подоцна (по 2001-та) и како „успешна приказна“ на меѓународниот стејтбилдинг, сега е само провизориум. Онака како што спомениците на неславното Скопје 2014 се лишени и од суштина и од убавина, така и државните институции се фасади во двомилионското Потемкиново село. Пред ескалацијата на оваа криза можеше да се зборува за слабите институции и фингираното владеење на правото, за неслободата на медиумите, за приватизацијата на јавната власт – и генерално, за хибридна демократија зад која се криеше (а повремено и јавно манифестираше) автократска суштина. Парадоксално, но со своето вклучување во разрешување на кризата, т.н. меѓународна заедница стана катализатор во ултимативното демонтирање на Македонија како држава. Тоа, се разбира, не значи дека зад ова посредување лежи некаква конспирација или намера Македонија да ја нема; напротив, она што со децении беше „лек“ за слабата држава сега само ги покажува контраиндикациите на таквата терапија, која наместо да изгради институции – фактички ги разгради. Што би рекол Чендлер, токму оние кои беа тутори во процесот на стејтбилдинг, ја заменија демократизацијата со надворешен институционален инжењеринг. Мирот беше можен само без политика, а со губернатори како Фуере и компанија. Државниот неуспех сега им се припишува на локалците, кои ете не ги бива за држава. Оној кој воспоставил институции, може и да ги заобиколи или распушти, согласно потребата на моментот.

За сличноста на средбата во Пржино со охридските преговори нема потреба од елаборација: форматот е идентичен! На едно место беа собрани претставниците на четирите најголеми партии, гарантори на договореното се повторно претставниците на ЕУ и на САД, додека самиот Хан ја играше улогата на хронично отсутниот Иванов. Исходот на таа средба се сведе на пораката дека излезот од кризата лежи во (уште едни предвремени) избори, а во некаков транзициски период институциите ќе се оспособат да го прават она за што се создадени и што досега не успеале да го постигнат. Новинарите, па и јавноста, се фокусираа на појавното, на спектаклот и сеирот: чие лице било „хепи фејс“, чиј говор на телото покажувал победнички или лузерски став. Малкумина ја забележаа трагичната суштината и тоа е дека во оваа политичка војна нема и не може да има победници. Она што не се случи дури ни во воената 2001 година, се случи сега: собранието е фактички веќе распуштено, не претставува никого, само фигурира како празна школка. Експертите кои дефилираат пред ТВ камерите не појаснија дека според уставот не постои друга институција која може да го распушти парламентот, освен самиот тој. Второ, единствен начин да се дојде до предвремени избори е токму неговото самораспуштање. Потписите на партиските лидери и на меѓународните посредници значеа дерогирање на уставот, негово претворање во палома хартија. Народните претставници, оние кои се носители на народниот суверенитет, не само што не беа консултирани, туку и не реагираа на веста дека некој во нивно име донел одлука дека ќе се самораспуштат во почетокот на идната година. Иако одамна не се вистински носители на народен суверенитет, ами послушници пред партиските лидери, изненадува молкот. Со право, Иванов е предмет на потсмев: најнапред мудро молчеше и медијаторската улога им ја препушти на странците, за потоа дури и да го пофали постигнатиот договор. Судството отсекогаш било најслабата карика во системот на поделба на власта, под константен притисок на извршната власт, опозициските протести и на меѓународни критики и црни листи. Можеби затоа никој не реагираше на веста дека на лице за кое е подигнато обвинение за тешко кривично дело против државата му се враќа пасошот – по барање на странците. Во преодниот период до правично судење нема да дојде по ниту еден основ: едните се плашат, а другите бараат Нинбершки или барем Хашки трибунал.

Зад кусото кроки на државниот распад стои посуштинска експликација, но тоа е веројатно материјал за (небитен) научен труд со импакт фактор. Сублимирано, проектот на меѓународен стејтбилдинг колабира/ше. Македонија страда од јатрогена болест, од болест предизвикана од (меѓународен) медицински третман – наместо заздравување, пациентот умира. Да биде иронијата поголема, во моментов и лекарот го изгуби сиот кредибилитет. Додека државата ја моделираа според либански модел, со корумпирани и воинствени елити – реакции едвај и да имаше. Додека се вршеше притисок за промена на името – исто така. Но, сега кога е во прашање битката за власт (рамна на хамлетовски избор да се биде или не), се појави Тито и одважно викна: „НЕ“! На Хан не може да му се верува, пристрасен е, сака на иста маса да ги седне Хитлер и Евреите. Новинар обвинува: тој е виновен бидејќи не бара итно развластување на бандитската, нелегитимна, криминална и психопатска власт во Македонија! Некои додадоа и дека Хан е поткупен, а Најчевска повикува на протести за смена на Хан. (За волја на вистината, изблици на недоверба немаше кога европратеник и известувач за Македонија предупреди дека Заев не смее да биде изведен пред суд, бидејќи во спротивно тој лично ќе дошол да ја брани демократијата на македонските улици.) Хан дојде во мисија сам, бидејќи европратениците ги зафати македонски синдром. Така, не само што кризата се интернационализираше, туку и европските институции се балканизираа. Шегата настрана, во моментов ниту Македонија располага со капацитет самата да излезе од длабоката државна криза, ниту пак постои трета страна која би ја уживала довербата кај страните во конфликт. Како и во секој конфликт, поедноставената слика инсистира на две судрени страни, но реалноста е многу посложена. Поделена е и јавноста, дури и антигруевистичката (поделена меѓу „Граѓаните за Македонија“ и „Протестирам“). Активисти се расфрлаат со концепти (мешаат автократија, диктатура, тоталитаризам и неофашизам); другите одговараат со обвинувања за предавници и платеници. Движењето „Беса“, пак, ја урива идилата на братство-единство и реди радикални етнички барања, кои повторно водат до (менување на) палома-уставот. Титоизмот на Заев спласна и извесно е дека ќе се појави на бриселските преговори, чувајќи го адутот на етничка мобилизација за крај. Барем формално, Груевски на своја страна ги има институционалните решенија (факт е дека тој сепак има повеќе моќ во парламентот и дека од неговата наредба ќе зависи дали ќе се оди на предвремени избори или не). ЕУ е со празни раце и нечиста совест: ниту морков поседува, ниту стап, ниту пак ужива доверба на honest broker. Тие кои се обложуваат на Карл Билт, Питер Феит или Викторија Fuck EU или се наивни или злонамерни. Со такви посредници ни провизориумот нема да опстане. Во ваков ќорсокак и растечки притисок, најмногу што ќе добиеме се нови избори со стари ликови.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: виа МКД.мк