Реквием за еден сон

Речиси истовремено, и во ист исцрпувачки и маратонски стил, на три различни точки на земјината топка се „решија“ три кризи: иранската, грчката и македонската. Би рекле благодарение на умешноста на ЕУ… Така, во рамки на преговорите во Виена, преку Могерини, ЕУ беше претставена како успешен преговарач и посредник во една од потенцијално најопасните кризи на денешницата. Од Скопје, комесарот Хан и тројцата европратеници заминаа задоволни што вразумиле двајца локални (и пошироко безначајни) лидери, кои се закануваа да ја турнат нивната „успешна приказна“ в бездна. За тоа, ниту имаат време да трошат, ниту нерви. Сепак, преговорите во Брисел имаа најголем влог и најдалекусежни импликации: отворија дилеми во врска со иднината на ЕУ. Оптимистите очекуваат научената лекција од соочувањето со амбисот да доведе до храбар исчекор кон поцврста политичка унија. Други се во потрага по Европа со човечки лик, Европа на социјална правда. Но, не е мал бројот на оние кои зборуваат за пирова победа на Германија и на капиталот, односно за умирање на сонот за обединета Европа.

Оние кои се сеќаваат на процесот на распад на југословенската федерација (а не само на финалниот и најнасилен чин) ги препознаваат сличностите. Иако ЕУ не стана федерација, сепак монетарната унија обедини 19 држави во суштински поцврст облик, по прашање кое е најчувствителното нешто околу кое се гради или распаѓа унија од ваков вид. Брат за брат, сирење за пари – вели поговорката. Повторно видовме стереотипи, самовиктимизација (грчка и германска), национализам, раскарани браќа, поделба на богати и сиромашни, на вредни (мравки) и мрзеливи (штурци), на чесни и корумпирани, битка помеѓу сиромашните и посиромашните. Слушнавме изрази кои досега не биле во оптек кога станувало збор за ЕУ, како оние за „фискални јастреби“, „хуманитарна помош“ и „протекторат“. Овој последен израз го употреби словачкиот премиер за да ја опише новата договорена положба на Грција, притоа во сосема позитивен контекст. Тука беше/е и ММФ, актер добро познат од времето на „либерализацијата“ на југословенската економија. Видовме дека интересот на капиталот има предност пред секоја политичка, човечка или морална аргументација. Видовме повампирен национализам кај европските нации, заедно со идеолошка нетрпеливост и страв од социјални движења и промени. Грција мораше да добие жестока казна за обидот да води левичарска политика (колку таа и да беше далеку од она што го очекуваа левичарите) со цел да ги дисциплинира останатите кои веруваат дека постои алтернатива за корпоративна Европа, кои настојуваат преку избори да дојдат на власт и да ја променат ЕУ и погубната политика на штедење.

На прв поглед Грција е таа која е сосема поразена, а Германија е победникот. Но, дали е така? Ако во почетокот кредиторите зборуваа за загубена доверба во Грција, по мачните преговори сѐ повеќе се зборува за губењето на довербата во Германија. Стравот од премоќната Германија внесува раздор, а тензиите на релација Берлин-Париз-Лондон се толку видливи што потсетуваат на некои времиња од пред сто години. Во ЕУ сите се еднакви, ама некои се поеднакви од другите; но, вазалското и себично однесување на членките од „нова Европа“ покажува дека со политичка одлука може да се стане членка на ЕУ, но не и да се создаде заедништво и за европски демос. Додека социјалната солидарност јакне по една оска (ниските социјални слоеви на Грција, Шпанија, Ирска, Италија – па дури и кај делови од германското општество), најбедни се жалопојките на земјите од бившиот Источен блок. Словачка или Бугарија се однесуваат налик на оние на кои им недостасувала љубов во детството, па носени од траумите од Советската империја прават сѐ за да го задоволат новиот хегемон и да го понижат „разгаленото дете на Европа“ (Грција), надевајќи се дека сега е ред тие самите да станат миленичиња поради својата послушност.

Ова е време на разоткривање на многу непријатни вистини за ЕУ. Евроинтеграцијата (што не е исто со проширувањето) отсега ќе се мери на онаа пред и по „решавањето“ на грчката криза. Никој и ништо не остана исто; ЕУ нема да може да се врати на стариот колосек на business as usual. Кризата на еврозоната директно се одразува на иднината на евроинтеграциите; таа е дел на глобалната криза на капитализмот и на демократијата. Ако со донесувањето на Лисабонскиот договор се промовираше визија за ЕУ како глобален актер, сега приоритет е одржувањето на внатрешната кохезија. Малкумина сакаа да ја видат вистината дека од половината на 20 век, па до денес, ЕУ беше и остана првенствено економски (неолиберален) феномен, а дури потоа политички (и тоа во мерка во која економијата е политика со други средства). Амбициите да стане глобален актер беа завиткани во обландата на „мека сила“, која шири вредности, ама и пазари, со ненасилни средства, асистенција, реформи. Сега пукаат шавовите на внатрешниот економски и социјален систем. Европската монетарна унија има структура на моќ и институционален дизајн без демократски легитимитет, а сепак доминира над легитимните и демократски избрани претставници. Станува јасно дека ваквата ЕУ може да функционира само благодарение на демократскиот дефицит; демократијата (волјата на народот/народите) е пречка за европската интеграција на картелите и елитите. Самата политика е редуцирана на козметички разлики во рамки на иста идеолошко-политичка-економска матрица.

Грчкото прифаќањето на новиот „Версајски договор“, за кој се покажа брутална отвореност во кршењето на еден демократски избран режим, е пораз на ЕУ и разбивање на сонот за Обединети европски држави. Поразот на Сириза можеби е удар и за сите леви партии, но една добра работа која произлезе од него е разголувањето на силата и бруталноста на непријателот. Сега на сите им е јасно на што е подготвена капиталистичката каста во класната борба. Пировата победа може да доведе до јакнење на крајната десница ширум ЕУ. Според Грамши, времето на монструми е она во кое стариот свет умира, а новиот се бори да се роди. Австрискиот автор Менасе, неодамна го парафразираше ова на следниот начин: „Денес, таа [ЕУ] е заробена помеѓу она што веќе не е и она што сѐ уште не станала, парализирана од една страна од својата плашливост да продолжи по патот, и од друга – од стравот од негативниот одговор; помеѓу амнезијата за она што таа еднаш значеше и недостаток на имагинација за тоа како понатаму, помеѓу постнационалниот развој и бруталната ренационализација. Во Македонија и натаму 80% од граѓаните го поддржуваат членството во ЕУ; по договорот од Пржино, по волја на нејзините лидери, државата стана политички протекторат. Во земја со најголем број еврофили и борци за човекови права по глава на жител, едвај некој и да се загрижи за иднината на ЕУ. Се чини, многу позагрижени се оние кои со подбив беа нарекувани евроскептици.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Photo Service of the European Parliament