Сите сме Грци

Не знам што е поразочарувачко и поапсурдно: тоа што нашата „револуција“ замина на летен одмор или тоа што грчката (наводно радикална) левица го претвори плебисцитарното „охи“ во парламентарно „да“!? Првото беше многу очекувано уште од почетокот на „граѓанскиот бунт“, барем за некои од нас. Второто, во моментов, наликува на тотален пораз на една (како што се покажа, радикална само по името) левица, којашто се чинеше дека внесува нова димензија во стерилниот дезидеологизиран европски простор. Интересно, гледано низ призмата на јавниот дискурс, Сириза успеа во нешто во што со месеци не успеваат ни амбасадори, ни европратеници и комесари од Брисел: таа ги обедини македонските политичари кои во хор порачаа дека се/сме супериорни, поголеми Европејци, па и демократи од Грците! За првпат проблемот со името беше некако во втор план. Тезата за непостоење битни идеолошки разлики меѓу нашите верзии на „кока кола“ и „пепси“ доби недвосмислена потврда. Тешко е да се процени дали поголема згрозеност од грчката непослушност пред „институциите“ проструи од лево или од десно, но беше не само искрена, туку и многу налик на онаа од Европскиот парламент. Се разголи вистината за сивилото во кое живееме со наводна демократија и со лажен плурализам. Заедничкиот атак на неспособните, неискусните, дрските и радикални грчки кловнови и коцкари покажа повеќе битни нешта, меѓу кои како најважно се издвојува отсуството на минимум политичка толеранција кон поинаквите, „радикалните“. Ова треба да го имаат на ум сите оние кои размислуваат за автентична лева алтернатива: против себе ќе го имаат овој здружен фронт обилно помогнат од ЕУ, особено ако случајно наидат на поголема поддршка кај граѓаните.

Колективното редизајнирање на политичкиот ум во Македонија е завршено: и десните и левите се движат во строго лимитиран политички простор обележан со црвени линии кои значат економски либерализам и хибридна политичка демократија (дополнително депривирана поради консоцијациските елементи). Политичкиот проект на „прочистување“ и дистанцирање од сѐ што е лево е успешно комплетиран во изминатите 25 години. Завршено е и со критичкиот ум, бидејќи секоја критика на сметка на ЕУ и САД, на капитализмот, корпоративизмот и милитаризмот од класна позиција се смета за ерес. Уште во моментот на победата на Сириза, во ТВ дебата претседателскиот кандидат на СДСМ го навести она што се случува сега: потценувачкиот однос кон левичарите од Грција испрати порака за тоа како ќе се гледа од висина на секој кој ќе се обиде да ја оспори веќе освоената позиција („да се биде лево“). Она во што нашите Курто и Мурто се сложуваат е повеќе и посуштинско од она во што се разликуваат; нивните (наводно идеолошки) разлики се во тоа кој заслужува да ја управува Македонија како територија. Затоа и отпорот кон Груевски беше стерилен и безидеен: колку повеќе се зборуваше за слобода, толку помалку јасно беше што подразбираат под неа. И едните и другите најмногу што можат да сторат е да им го испорачуваат на странските ментори она што тие го посакуваат: контрола на територијата и населението, стабилност (во меѓуетнички контекст), должничко ропство и спроведување на „структурните реформи“ на ММФ и Светска банка дури и кога се мешавина на антибиотици и отров за глувци.

Што се однесува до Грција, за само една недела се случи парламентарен преврат. Убедливото мнозинство кое гласаше „охи“, се чини го изненади и самиот Ципрас. Во говорот одржан веднаш по завршувањето на референдумот веќе беше евидентно дека не очекувал толку решителен глас од народот, а сосема е веројатно дека во другиот џеб имал соодветен говор и за случај на пораз. Во текот на преговорите, некој беше напишал дека грчката влада ги прифатила сите барања и направила речиси сѐ освен да ги приложи на тацна главата на Ципрас и ја*цата на Варуфакис. Кредиторите го добија обратното, но засега се задоволни од исходот. Оставката на брилијантниот Варуфакис беше сѐ освен личен и доброволен чин. Неговото жртвување пред „институциите“ покажа дека Ципрас не е вистински премиер кој именува и разрешува министри (hire and fire е фундаментална надлежност на премиерите), затоа што оној што беше именуван од него, беше разрешен од кредиторите. Во меѓувреме, Ципрас стана вистински политичар и прагматичар: го засакаа сите оние кои гласаа „да“ (иако малцинство од 38%), а сега се бори да ги заслужи симпатиите на Брисел. Цената за тоа е загубената доверба кај своите пратеници (и кај гласачите), што е практично пад на владата. Усвојувањето на новиот предлог-план за штедење зависеше од гласовите на оние кои се најодговорни за катастрофалната состојба. Кругот е затворен, смената на режимот (regime change) е на повидок. За жал, импликациите за левицата во Грција и пошироко се големи. Но, никој и не мислеше дека ќе биде лесно да се урива капитализмот и должничкото ропство од периферијата на ЕУ. Очигледно, во услови на глобализација, левицата не може да победи ако е ограничена во национални рамки: капиталот има глобализациски димензии, па таков мора да биде и отпорот и одговорот.

Колку и да звучи како фраза, вистината е дека сите сме (должни како) Грци, само што не се буниме како нив. Сега треба да се учи на грешките на другите, бидејќи прашање на време е кога и нашиот меур ќе пукне, а расположението кон неспособните Балканци веќе го видовме во ликот и зборовите на Шојбле. Она што е најпоразително како поука од оваа грчка трагикомедија е нешто за што досега ме обвинуваа дека сум евроскептик секогаш кога ќе го споменев, а тоа е: членството во ЕУ (па дури и во еврозоната) не значи дека се достигнати демократските и други критериуми. Оваа ЕУ е ЕУ на банкарите и на капиталот, а не ЕУ која се залага за социјална правда. Ова е ЕУ во која богатите можат да прават што сакаат, а сиромашните мораат тоа да го трпат додека во дикенсонов стил стојат простум и бараат милостина. Ова е Европа во која владеат елити кои не поднесуваат неискусни или попаметни од нив. На пример, пропагандната хајка против Варуфакис (вреди да се прочита „Златниот Минотаур“ пред да се поддржи хорот) отиде дотаму што беше наречен политичка рок ѕвезда и секс идол, со цел да се девалвира и сведе на „парче месо“ (замислете за Шојбле да пишуваат дека е грд и стар инвалид и без сексипил!). Ако мислевме дека само ние, како постконфликтни земји можеме да бидеме предмет на меѓународен стејтбилдинг, сега е јасно дека тоа можат да бидат и државите-членки, кога се слаби, сиромашни, со разурнати институции и „должни како Грчка“. Големата слика налага солидарност со грчкиот народ, т.е. со оние кои се и сиромашни и обвинети за гревовите на елити фаворизирани од самиот Запад. Ако ваков третман доживува народ на држава-членка, тогаш можеме да замислиме што ќе ни се случи нам кога ќе дојде pay-day. А спорот со името може да се надмине единствено со вистински лева влада – друга опција не гледам.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: LOUISA GOULIAMAKI/AFP/Getty Images via Bloomberg QuickTake