Вести од странство

Вртејќи се, од ден на ден, во сопствениот општествен, политички и егзистенцијален круг, си станавме сами на себе центар на универзумот. Фокусирани на сопствените несреќи (и „несреќи“), лесно забораваме на другите, на понесреќните од нас. Така некако минаа дваесетте години од Сребреница, а потоа и од Дејтон. Ќе рече некој: како само минува времето, летнале две децении од она што за мнозина од нас се случуваше вчера! Но, дали времето навистина лета или се скаменува во одреден наратив произлезен од крв и злосторство? Дали ги лекува раните? Дали се дваесет години доволни за да се зборува, да се размислува и да се извлече поука? Во Македонија, и кога споменуваме вакви годишнини, фокусирани сме главно на две: времето го мериме од стекнувањето на независноста и од конфликтот од 2001.

Во ООН се одржа Ден на комеморација на жртвите од Сребреница, се одвива геополитичко натегање околу една резолуција предложена од Велика Британија заедно со иницијативата за прогласување на нов меѓународен ден (сега Меѓународен ден на жртвите на геноцидот), се одржуваат серија дебати и комеморативни настани во пресрет на 11 јули. Но, ништо од тоа не допира до Македонија! Размислувајќи за времето во кое се случуваше војната во Хрватска и Босна, чесно е да се признае дека ние, во Македонија, го заборавивме остатокот од несреќната татковина уште пред Сребреница. Чувството на беспомошност да се стори нешто, но и на олеснување што не сме дел на таа воена приказна; контрадикторната атмосфера на задоволно препелкање во уверувањето дека сме единствената „оаза на мирот“ потајно придружена од стравот дека може да се случи „косовизација“ – сето тоа беа фактори кои придонесоа македонската јавност да почне да следи вести од странство. Тоа беше детачирање и емоционално, и етичко и секакво друго: тоа веќе не е наша грижа, па дури и ако умираат илјадници цивили на само неколку стотици километри од нас! Се сеќавам на една семејна сцена од тоа време: на ТВ вестите даваа некаков извештај од Босна, или можеби Хрватска, не можам со сигурност да се сетам. Додека ние, возрасните, седевме во тотален молк, мојата Марина (околу 10 години во тоа време) постави тешко и типично детско прашање: мамо, дали е ова документарен филм? Дали е ова од Втората светска војна? Се погледнавме набрзина зачудени како едно дете интуитивно го сфати ужасот и клучната поента на она што одеше како „вести од странство“: пред нашите (ширум затворени) очи се одвиваа некои од најужасните сцени кои можеа да се споредат само со оние сторени од Втората светска војна.

Кога по неколку години мирисот на крвта и оружјето дојде до нас, повторно не мислевме на Босна, на Сребреница, на Вуковар. Да ги имавме некаде во потсвеста, можеби и немаше да дојде до тргнување по тој пат и за придобивките кои имаа превисока цена во човечки животи… Но, од историјата можеме да научиме само дека од неа не може ништо да се научи. Луѓето и народите и натаму ќе ги прават истите грешки како и нивните соседи и претци, па дури и ќе мислат дека имаат „морална“ обврска да фатат оружје в рака. За среќа, нашата мала војна траеше релативно кусо и зад себе остави далеку помали човечки жртви. Но, на секоја годишнина од Сребреница или некое друго слично место, наместо да се чувствуваме како праведници, би требале да се прашаме: а што ние сторивме за нашите исчезнати? Токму затоа што се десетина (наспроти илјадниците во Хрватска, Босна, Србија и Косово), товарот и одговорноста се поголеми.

Над жална Босна и натаму надвиснале тешки облаци. И дваесет години подоцна, нема мирна Босна. За мнозина се уште се трага, а народите живеат посегрегирано од кога било порано. Омразата е сега официјализирана и вградена во учебниците по историја, а она што таму ќе се научи, потоа одекнува на спортските терени во речиси воинствени повици. „Нож, жица, Сребреница“, „Убиј, убиј“ или „Србе на врбе“ се слогани коишто се уште излегуваат од грлата на млади луѓе кои не ни биле родени во 1995 година, а некои од нив никогаш не излегле од своите држави. Од друга страна, некои од жртвите станаа селебрити, се стекнаа со маченички ореол и се пронајдоа себе си откако ги изгубија своите сакани. Почнаа да водат политика, а и судството не им е далечно, па делат правда: чиј генерал само го бранел својот народ, а кој само убивал недолжни цивили (од нивен етнички „происход“). За жал, џеназата во Сребреница и овојпат нема да значи обединување околу една порака, толку потребна на овој регион. Над чинот кој треба да значи потсетување на жртвите, признавање на нивните страдања и осуда на политиката која доведе (и оправдува) геноцид, сега влегува во нова фаза на меѓусебно препукување кој повеќе жртви имал (по повод апсењето на Насер Ориќ) и на геополитички шпекулации и теории на завери (во врска со резолуцијата за Сребреница). Срѓан Алексиќ, српското момче од Требиње кое беше убиено додека се обидуваше да го спаси својот познаник, Бошњак, е непознато име за поголемиот дел од јавноста, која повеќе се „пали“ на игра на бројки и натпревар во самовиктимизација одошто во истакнување на поединечни примери за херојство од инаков вид. Сето тоа е доказ за незавршена домашна задача на планот на утврдувањето на фактите, како основа за помирувањето (оставено за некои идни генерации).

Сѐ до август, кога само за ден-два ќе се потсетиме на 2001 година (не сум сигурна дека жртвите ќе бидат споменати), во Македонија нема да се отвори оваа тема. Сребреница останува во рубриката „вести од странство“ и фактички, и медиумски и емотивно. Оние на кои се уште им навираат солзи на помислата на начинот на кој умираше Југославија (и особено Босна која беше нејзиното срце) кришум ќе ја искажат својата тага – кришум за да не бидат обвинети како југоносталгичари, анти-Македонци или анти-Албанци. Во земја во која нема дијалог за сопствените жртви, колку и да се малку на број, не очекувајте емпатија за оние од регионот од кој се развеле. Да биде иронијата поголема, единствен кој се сети на БиХ и на резолуцијата за Сребреница е еден квазиновинар и сејач на омраза. Македонската јавност имаше „чест и задоволство“ (да ги цитирам зборовите на водителот чије име не сакам ни да го споменам) да слушне интервју со Милорад Додик, човекот кој го негира геноцидот во Сребреница. Но, таа тема е небитна за македонските гледачи. Така, за разлика од опозициските перјаници кои милуваат Македонија под Груевски да ја споредуваат со Србија под Милошевиќ, овде настана salto mortale. Беше направена „паралела“ помеѓу Додик и Груевски (Иванов е очигледно небитен дури и во ваков контекст). Паралелата меѓу Република Српска и Македонија ја „открија“ во странски заговор, обоени револуции, во опозицијата и НВО свртени кон уривање на власта избрана од народот. Во занес, водителот не ни забележа дека Додик се држи за Дејтон како слеп за стап од исти причини поради кои за просечен албански националист се крсти во духот на Охридскиот договор како предворје за легитимација на сепаратистичките идеи. Ете, тоа го „постигна“ Македонија за овие 20 години!

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Marko Drobnjakovic