Годишен одмор

Знаете ли што е дефиниција на типичен македонски оксиморон? Ќе ја најдете во насловите во медиумите: „Работните групи на одмор“. (Оваа вест оди заедно со таа за амбасадорите на САД и на ЕУ кои се обидуваат да ги приберат мрзеливите лидери и принудат да се фатат за работа). Навистина, време е на годишни одмори – а тоа е се чини света работа, барем за оние кои не се погодени од длабока сиромаштија. Како што предвидуваа некои аналитичари (признавам, беа во право), летото има чудна моќ врз револуционерите, демонстрантите и бранителите. Ги дигнаа (и онака веќе празните) шатори; некои заминаа на своите јахти, други на своите странски универзитети и летни дестинации, дел од пленумците се дотераа за приемот во американската амбасада и се замешаа меѓу ВИП личностите (меѓу кои беа и оние против кои се бунтуваа); политичарите со скапи очила за сонце тргнаа на „заслужен“ годишен одмор. Некако во исто време и најбунтовните новинари оставија аманет за решавање на политичката криза, па нивните портали се полнат со „позајмени“ фејсбук статуси. Дури и фејсбук групата „Оставка на владата на Никола Груевски“ влезе во летна шема, па се преименува во „Фудбалски новости“ (не дека е баш сезона на шампионат, ама изгледа повеќе шанси има да се чуе нешто за фудбалските трансфери одошто за политичката ситуација). Најстраствените интелектуалци, активисти и професори, пред и самите да заминат на одмор или дури и од местата каде одмараа, крикнаа обвинувајќи ги клетите гени за неуспехот на револуцијата и покрај политичките „бомби“. Интересен е овој антиклимакс и толку вообичаен за Македонија: најнапред еуфорија, крстење во силата на граѓаните, во општествената енергија, за потоа да паднат тешки зборови и колективни пресуди. Најтешка е онаа за лошите, недемократски гени. Така, кругот се затвори со завлегување во патетичен биологиски детерминизам кој добро се надополнува на балканизмот: судено ние ова што го живееме, имаме поданички менталитет. Нема тука место за дебата за процес на социјализација, за градење традиции и негување искуства; нема ни спомен на дисциплинирањето на граѓаните, што од туѓи што од сопствени елити. Нема саморефлексија за сопствените грешки, за тоа дали со елитизам и надменост се отуѓени оние кои се природни сојузници. Кога ќе речеш „до гените е“, тогаш си рекол: ни нема лек… освен можеби во генетскиот инженеринг. А тој е веќе испробан увозен производ со тешки контраиндикации.

Пред 14 години добивме Охридски договор, а сега спаднавме на договор именуван според скопска населба. Првиот барем имаше јасна (теориска и практична) концепција на институционален менаџмент на етнички поделено општество. Пржинскиот договор е чудна папазјанија за неспособни политички елити, резултат на непринципиелен компромис меѓу големите партии и странците (кои такви решенија никогаш не би предложиле во некоја нормална држава). Пржино е додуша добар назив за политичката запршка загорена од елитите пред да заминат на одмор. Сваког дана у сваком погледу… Запршката (до толку сум и јас домаќинка за да знам) доаѓа на крајот на готвењето; во нашиот случај, чорбата е запржена уште пред да биде готова, пред воопшто да има политички концепт. Таков концепт, за жал, не создадоа ниту оние кои беа најгласни во критиките. Следува бескрајно надмудрување околу „решенијата“, кои ќе бидат главно персонални, а помалку системски. Веќе е јасно дека лидерите немаат проблем со системот во кој луѓе како нив се политичка елита. Тоа најдобро се гледа од „генијалните“ идеи дека проблемот со избирачкиот список и легалноста на изборите ќе се реши доколку гласачите оставаат отисок при гласањето. Значи, повторно проблематични сме ние, граѓаните, а не тие – неспособните и ајдуците. Избирачкото место почнува да заличува на полициска станица, заедно со сите оние сили распоредени за обезбедување на редот и мирот. На минатите избори мнозина не гласаа затоа што не можеа да прифатат обележување (жигосување) како стока, а сега демотивизацијата може да биде уште поголема, особено ако граѓаните најнапред треба да се пријават/регистрираат дека ќе гласаат. Така, ќе си останат само партиските војски да си ги одмеруваат силите. А во војските се знае кој е на чело, а кој на опашката. Затоа, овие силни демократи не сакаат да слушнат за модели кои би овозможиле поголема застапеност на т.н. мали партии или пофлексибилни облици на гласање преку кои гласачите би одбирале од листата кој е нивен фаворит, а кој најнепосакуван кандидат. Но, за сето ова по одморите… Ќе биде ова долга и мачна предизборна кампања.

Но, зад политичката фасада стои една отуѓена држава, држава во распаѓање, држава која не ја чувствуваме за своја, која ја бараме, ама и колнеме и за она за што самите сме виновни. Никако да се решиме дали ни требаат државни институции или сме нихилисти. Дали овие институции ни служат нам или на моќните и богатите? Ова се покажа и за време на природната непогода во тетовско. Водената стихија донесе сцени кои е тешко и да се опишат; загубените животи, особено детските, ќе останат непребол. Нè потсетија на катастрофалните поплави во регионот, но наместо да слична солидарност и зближување, во прв момент на површина исплива – кој друг, ако не недовербата? Најнапред, сомнежот дали сите ќе бидат солидарни и хумани спрема жртви, претежно Албанци? Постепено сомнежот се сврте кон претставниците на власта, но и кон институциите генерално (што е сосема легитимно и оправдано), но набрзо зеде познат облик на нашиот омилен национален спорт: меѓупартиска пресметка! Зошто се појавил овој, а не оној (по партиски и етнички клуч)? Почнаа гласни прозивки: Каде е армијата? Сочувствуваат ли оние неранимајковци од дијаспората? А дијаспората, македонска е или албанска? Сомнеж и презир кон сè и секого! Точно е дека стихијата ја разоткри социјалната, моралната и општествената криза во која се давиме секојдневно, и без дождови. Природната катастрофа со нејзините тешки последици е потпомогната од општествените услови (политика на неказнивост за оние кои не се придржуваат до прописите за одржување на инфраструктурата или животната средина; сиромаштијата која ги тера луѓето да градат каде што не треба или без градежни стандарди; гастарбајтери за кои е поважно да дојдат со „бе-ем-ве“, отколку да инвестираат во селото, итн.) Државата на благосостојба е одамна прогласена за мртва и тоа во најразвиените демократии. Уште во 2013-та, холандскиот крал упати апел и побара „партиципативно општество“ во кое граѓаните ќе знаат да си самопомогнат во кризни ситуации, бидејќи државата нема веќе средства за тоа. Шипковица, не така одамна се прослави како место од кое Ахмети командуваше во војна за колективни права; сега е место на кое приказната за колективитетите паѓа буквално во вода. Можеби има некоја симболика во тоа што во заедничките напори за санирање на погоденото подрачје учествува и АРМ (можеби за првпат и стапнува на овој терен). Во Тетово и Шипковица се сретнаа добрите желби, сочувството и солидарноста на граѓаните од сите делови на земјата. Можеби од несреќата конечно ќе научиме нешто.

Напишано за Нова Македонија