Ничии луѓе

По победничкиот извоз на демократија, настапува парадокс: јакнат националните држави, репресивниот апарат и националната безбедност. ЕУ веќе ја фрли маската: таа е Тврдината Европа, подготвена да се заштити со сите средства, па и со помош на вазалите. Зачуден ли е некој искрено што Македонија се вброи „гордо“ на подолгата листа европски (ама и неевропски) држави кои со репресија се справуваат со незапирливите мигрантски бранови? Македонската полиција, па и војска, стои рамо до рамо со оние на Грција, Унгарија, Франција, Британија, Србија, Турција итн. (Австралија и САД се вон конкуренција). Европа забрзано се милитаризира, па банално е и евтино да се покажува згрозување од една сцена на македонско-грчката граница (на која не беше употребен солзавец, како што тврдат некои). Европската комисија, наводната супранационална институција, има разбирање за ваквите мерки за контрола на границите, што е поддршка за валканата работа која вазалите треба да ја завршат за несреќниците да не стасаат или да се обесхрабрат пред воопшто и да тргнат. Додека членките на ЕУ се натегаат околу бројот на мигранти кон кои ќе покажат милосрдие, илјадници почиваат на дното на Медитеранот или во безимени масовни гробови по балканските беспаќа. „Светлите“ примери како Полска, Чешка и Словачка, кои пуштија срце и отворија порти за „дури“ неколку стотици сириски христијани, зборуваат за мракот кој паднал врз Нобеловката за мир, ЕУ. Христијаниве секогаш биле човечни, и кога воделе крстоносни војни и кога бомбардирале за демократија и кога биле колонизатори, па како христијани се однесуваат и во ситуација со библиски размери.

Напливот на мигранти тешко дека е изненадување. Досега сите се однесуваа според онаа „грижо моја, прејди на друг“, ама сега таа гласи: „вино моја, прејди на друг“. Светските медиуми најдоа нов жртвен јарец: Македонија, најсиромашната земја во Европа, стана пример на држава која (наводно) најбрутално се справува со мигрантите. Македонската влада и полиција заслужуваат секаква критика за спороста и неспособноста, но поголем грев прават оние кои легитимираат полициски средства кога ги бранат своите богати граници, а ги критикуваат вазалите. Најголемиот грев кон мигрантите (покрај уништувањето на нивните земји) е нивната демонизација. Тие се расчовечени со самиот факт дека државите „имаат право“ да се штитат од нив. Луѓе, исти како нас, се третираат како наезда на штеточини. Наративот лесно се свртува против нив: сомнителни се оние кои бегаат од војна и глад, оние кои дезертираат или од војската на Асад, ИСИС или „демократската опозиција“ (штедро финансирана од Западот). Не се терористи оние кои бомбардираат, обезглавуваат, силуваат и убиваат (со оружје купено од западот). Солзите на децата пред македонската граница треба да болат десетпати повеќе, бидејќи не се ни први ни последни: замислете колку солзи пролеале од напуштањето на домот, минувањето на брановитото море, соочувањето со безброј полицајци на патот до овде; замислете уште колку солзи ќе пролеат додека (евентуално) стасаат до ЕУ и кога ќе видат колку се недобредојдени, сместени во собирни центри. ЕУ не сака во својот двор луѓе кои ја будат нечистата совест. Со Македонија на насловните страници се заборави полициската бруталност на Кос и Кале. Згодно се забораваат ѕидовите пред една импровизирана жица. Српската полиција ја врши истата работа заедно со колегите од Унгарија, поради наводната неспособност на македонската. А, станува збор за колективен злосторнички потфат спрема мигрантите. Кога Амнести Интернешенал потсетува дека полициска сила се употребува против бегалци од Сирија, Авганистан и Ирак, тогаш е ред да се каже и дека сите овие држави беа таму како ослободители, а нашите борци за човекови права кои се сега згрозени, гласно поддржуваа војни!

Во потрага по жртвени јарци, не беа поштедени и поединци. Се ловеа туристи за да се испрати „фотографија која зборува повеќе од илјада зборови“. Се пишуваше за „чудните средби“ на богатите (!) туристи и намачените мигранти на истите плажи. Една забележителна фотографија прикажа средовечен пар и мигранти како излегуваат од чамец. Фотографијата изрече (нема) пресуда: туристите, полнички и легнати под сонцебраните, се себичните и нечувствителните пред туѓата несреќа. Како и секогаш, медиумот дава приказ без контекст, без продолжение. Никој не знае (и не се грижи) кои се туристите, богати или домати-туристи; медиумот не покажува дали тие луѓе миг подоцна помогнале или можеби го сториле тоа некој претходен ден (или на пат кон Грција, како што правеа многумина од нас). Ваква сцена, се разбира, не може да се фотографира на плажите на луксузните одморалишта на кои се сончаат најмоќните; тие се под силна заштита и од обичните смртници, за мигрантите и да не зборуваме.

Самарјаните се на цена кај медиумите и политичарите, кои така си ја смируваат совеста за нехуманите државни политики. Хуманитарците заслужуваат длабока почит и се инспирација, но не се замена за институциите на системот. Нив ги има и во периферијата (и во Грција, и во Македонија, па и во богатите земји). Најболно е што нивната саможртва помага краткотрајно, на ограничен број бегалци. Нивната самоорганизација е симптом за болеста на системот, кој е милитантен, социјално неправеден и индиферентен за човечките несреќи. Во вакви времиња испливува и најдоброто и најлошото од луѓето. Но, тука нема ништо романтично, културно и демократско. Не е вината во тоа што мигрантите се однесувале насилно; вината е кај оние кои ги довеле во ситуација да заборават дека еднаш биле нормални луѓе. Виновни сме и сите ние ако сме заборавиле на сите историски бегалски трауми. Патриотите кои се палат на наслови како „Македонија – мајка на светот“, нека знаат дека мајчинскиот однос значи големи обврски и саможртва.

Дури и да се совршено добро организирани и координирани, најмногу што можат да сторат земјите од регионот е да обезбедат транспорт на бегалците – до некој европски ѕид. Европската помош (кога ќе стаса еден убав ден во октомври) ќе биде наменета за бегалски кампови – од Грција, до Унгарија и Австрија. Ова е момент за солидарност со мигрантите, ама и за заедништво на најпогодените земји. Грција, Македонија и Србија не се непријатели, туку паричка за поткусурување во Брисел. Само заедно можат да извршат притисок врз богатите да ги отворат и ќесињата, ама и портите. Наместо заемни обвинувања, потребно е здружување на напорите за надминување на кризата, која е грев на совеста на САД и земјите на НАТО (ако воопшто може да се зборува за совест). Некој ќе рече: Грција е во НАТО и ЕУ и дека нема право да ни ги префрла бегалците, туку дека треба да се справи во рамки на нејзиното европско семејство. Но, нештата веќе не се како што кажуваше бајката: Грција не само што е во банкрот, туку е и плен на раскрчмување и неоколонијализам. Десетици аеродроми се откупени од Германија. Замислете да се појави некој (како покојниот Борис Трајковски) кој ќе порача: ако навистина ви е жал за страдањата на овие луѓе, испратете авиони на и онака вашите аеродроми, и безбедно и брзо пренесете ги во вашите држави и дајте им достоинствен живот.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Ognen Teofilovski/Reuters/Landov via NPR