Обичен човек во политиката

Замислете го ова: голема опозициска партија доживува тежок пораз на парламентарните избори. Лидерот поднесува оставка со што се отвора процес на избор на нов лидер. Доскоро, тие избори се одвиваа на доста сложен начин: третина од гласовите доаѓаше од членовите на националниот и на Европскиот парламент, втората третина е од гласовите на партиското членство, и конечно – третина од синдикатите и другите цивилни организации блиски до партијата. Но, сега системот е демократизиран: еден член на партијата – еден глас! Токму тоа доведе до фасцинантна битка за секој член, небаре парламентарните избори ќе бидат утре; а всушност, станува збор за избори кои ќе се одржат по цели пет години. Се јавуваат четворица кандидати (од кои две жени), а секој од нив подготвен да аргументира за сите подрачја од надлежност не само на лидер, туку и на иден премиер. Тројца од нив се на високи позиции на хиерархиската скала на партискиот естаблишмент (министри во сенка); четвртиот е обичен член на парламентот и тотален аутсајдер. Согласно процедурата за кандидирање, тој во последен миг ја добива поддршката од едвај доволен број парламентарци кои отворено му кажуваат дека иако ги ставаат своите потписи, нема да гласаат за него. За нив, учеството на еден ваков необичен кандидат е доказ на внатрешната демократичност на партијата и фактор кој со своите неортодоксни ставови ќе ја поттикне и збогати внатрепартиската дебата. Но, само неколку седмици подоцна се случува чудо: кандидатот за подбив (joke candidate) станува фаворит, а денес на почетокот на гласањето (кое ќе трае до 12 септември) почнува да владее паника во редовите на партискиот естаблишмент. Дебатата не е веќе внатрепартиска, туку се прелеа во целото општество. Можеби погодивте, станува збор за Лабуристите во Велика Британија, и за Џереми Корбин – обичниот човек кој се обидува да застане на чело на партијата за да ја врати кон нејзините корени и идеали. Некои наши опозиционери би го нарекле „случаен минувач“ и би се впрегнале во контракампања, како и врвот на Лабуристите кои уште сега се закануваат со преврат и непослушност кон идниот лидер. Додека некои испитувања на јавното мислење укажуваат дека Корбин ќе добие убедлива победа уште во првиот круг, за паниката која владее зборува и очајничкиот повик на Тони Блер (познат и како BLiar): мразете ме, но не гласајте за Корбин кој ќе ја уништи партијата!

Како се уништува една партија? Така што ќе се скрши нејзиното закоравено лице и разбуди духот на она за кое таа постои. Корбин го направи она во што партијата не успеа: поттикна неверојатна мобилизација на граѓаните, вклучително и оние кои не се членови. Благодарение на него, дојде до рапидно зголемување на членството (што е услов за да може да се гласа за лидер на партијата) на пет години пред следните избори! Средбите со граѓаните се одржуваат без прекин, низ целата држава, а средствата се собираат од доброволни прилози. Ако погледнете една единствена средба со граѓаните, ќе забележите нешто што не сте го виделе никогаш во плурална Македонија. Луѓе кои доаѓаат со сопствен превоз, како поединци, и тоа со саати пред закажаното време, бидејќи знаат дека нема да има доволно места. Колку што луѓе има внатре, уште толку обично стојат надвор (па Корбин прави напори да излезе и барем да ги поздрави и да им заблагодари за поддршката). На бината се редат говорници, кои се обични луѓе од сите општествени слоеви – а кога ќе настапи, доаѓа до неверојатна синергија и интеракција на секој кажан збор. Не затоа што Корбин е толку харизматичен, туку затоа што зборува како детето од бајката: „Царот е гол!“. Зборува како човечко суштество и тоа за реални нешта – вели еден коментатор. Лабуристите и конзервативците се две верзии на една иста капиталистичка приказна, меѓу нив нема разлика бидејќи приоритетот е ставен на профитот, приватизацијата, корпорациите и мерките на штедење чиј товар го носат обичните граѓани. Суштината на тоа што е кажано, било од учесниците, дискутантите или самиот Корбин е мисла базирана на идеите за социјална правда, колективното добро како добро на секој поединец, работнички права, права на маргинализираните заедници, емпатија за мигрантите, за Палестинците, Ирачаните и Либијците, антимилитаризам и антикорпоративизам. Бауч кружи над Британија! Оние кои го познаваат, велат дека Корбин е скромен човек, чесен и искрен. Човек кој користи јавен превоз (замислете, ниту има џип, ниту телохранители), облечен скромно – но, не наменски, за кампањата; тоа е негов стил на живот. Некои додаваат и дека е наивен, што можеби е најголем квалитет во свет на цинизам и профитери! Медиумите го „откриваат“ човекот кој веќе неколку децении е во парламентот, како претставник на својата изборна единица (согласно мнозинскиот изборен систем), бунтовник и активист на сите антивоени и антинуклеарни протести, жесток противник на политиката на Тачер, но и дисидент во сопствената партија – со преку 500 пати гласање наспроти својата партија и тоа по многу важни прашања.

И покрај хајката која почнува да се води против Корбин, заеднички непријател на сите естаблишменти, многу нешта остануваат фасцинантни и незамисливи кај нас. Најнапред, самата можност член на партија да гласа по сопствено убедување и да биде активист, а не салонски и фин господин. Потоа, широката и демократска битка за лидерската позиција, дури и од кандидати за потсмев, а не нужно од луѓе кои се доволно богати да ја финансираат партијата. Конечно, моделот и обемот на медиумските дебати, на кои расправаат и кандидатите меѓу себе. Една од нив (иако бледо) наликуваше на нешто што можеме да го видиме кај нас само за време на претседателските избори, под услов сите кандидати да се појават во студио. Меѓусебното поставување на прашања за противкандидатите, контрааргументации и жестоки реплики (без навреди), а сето тоа меѓу сопартијци.

Интересно е како мејнстрим партиите, па и медиумите и активистите, се разоткриваат при појава на политичари како Корбин, Инглезијас или Сандерс. Поставуваат навидум тривијални прашања за немањето политичко искуство (дури и во случајот на Корбин!). Или, дали овој или оној можете да го замислите покрај Обама и Путин, дали е доволно претставителен, дали неговиот изглед и возраст се соодветни, и сл. На тој начин им се соопштува на обичните смртници дека постојат исклучиво како гласачи и воопшто и да не помислуваат дека политиката им припаѓа ним; дека, за да се биде политичар треба да се имаат посебни квалитети, да се згодни, со стил на облекување и зборување, образовани и богати. Ах, да, не смее да се користи разбирлив јазик или да се биде наивен и да се верува во идеали, кои се насушна потреба на обичните смртници. Современите демократии се стерилни, киднапирани од политички касти, а граѓаните се добри се додека не се политизираат премногу и почнат критички да гледаат на своите (како од бога дадени) политичари. Сите тие страдаат не од политизација, туку од деполитизација. Кога граѓаните се мобилизираат спонтано, тоа е закана – затоа што тие си ја бараат назад политиката како средство за остварување на нивните интереси, а не тие на политичките и економските касти. Затоа, кураж за сите случајни минувачи во политиката, затоа што само тие внесуваат вистински демократски дух во една привилегирана и отуѓена од граѓаните дејност!

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: WENN.com