Ѕидови ли се ѕидови

Како и пред 12 години, кога почна војната во Ирак, секое утро со кафето, и раскажувам на мајка ми „што е ново“. Тогаш, пред ерата на социјалните медиуми, и го преведував Роберт Фиск кој известуваше од Багдад и Фалуџа, липајќи и бришејќи солзи до крајот на текстот. Сега и самото спомнување на сцените/сликите на бегалците кои ги гледам низ социјалните мрежи прави да плачам уште пред да отворам уста. Затоа, ќе ми простите ако пред ваквите сцени немам сила да се вознемирувам од нехуманото однесување кон коњ или од тоа што договорот од Пржино бил на умирање. Не затоа што тоа не се легитимни прашања, туку затоа што понекогаш е претешко да се носат сите болки и неправди на душа, и затоа што човечкиот живот има приоритет. Да, треба да се реагира и зборува секогаш за страдањата, ама има моменти кога разлика мора да се направи, колку и да е болна или навидум неправедна. Еден поглед на медиумите е доволен да се види дека доминираат политички и политикантски надмудрувања, кои во ваков миг се чинат не само тривијални, туку и непристојни. Многуте „вести“ успешно ја затскриваат единствената вистинска вест, која притоа не е ни нова: луѓето кои сега доаѓаат на нашиот праг страдаат со децении, а не со месеци. Некој сега „откри“ дека мигрантите/бегалците биле луѓе и дека сме го заборавиле тој факт. Проблемот е што нивниот човечки статус беше заборавен уште кога почна „демократизацијата“ на нивните земји, за кои и ние храбро придонесувавме. Во денешните „вести“ се провлекува перфиден серијал на ксенофобични и пропагандистички текстови во кои се демонизираат овие луѓе како опасност и (сегашни или идни) муџахедини. Но, и вестите однадвор не се подобри. Колку е само цинично да се известува за фудбалскиот натпревар во кој западно-балканските лидери ги победиле оние од ЕУ?! Ете, ги социјализираат и им покажуваат како со здружени напори можат дури и ЕУ да ја совладаат. Веднаш по натпреварот, на посериозниот дел од самитот, им соопштија дека од нивните земји се очекува да станат европска Краина. Познати странски аналитичари (кои изградија кариери на интеграцијата на Западен Балкан, бла, бла) и натаму пишуваат за европските перспективи на регионот, а не гледаат дека на дневен ред е поинаков и поургентен вид на интеграција: ако земјите на ЕУ (и НАТО) не сакаа да се шират со прием на нови членки, соочени со предизвикот да примат човечки суштества сега ги открија своите граници – и изградија видливи и невидливи ѕидови!

Милитантна, експлоататорска и неправедна политика водена кон земјите кои некогаш беа нивни колонии, а во отворено или премолчено сојузништво со САД, се враќа како бумеранг! И треба да им се врати! Само што цената е огромна и грозоморна како телата на 71 бегалци во шлеперот пред Виена или давениците по бреговите. Пропорциите на човечкото страдање не се никаква новина, всушност. Фината западна јавност (тука ја вбројувам и нашата, која нели чини сѐ да стане западна) полесно ги игнорира страдањата кога се случуваат на илјадници километри; малку потешко е кога ќе ги погледнеш в лице и ќе го почувствуваш тешкиот здив на смртта од распаднатите тела. Од падот на Берлинскиот ѕид и стратегијата за извоз на демократија еден голем дел од човештвото беше втурнат во неверојатна ама предвидлива трагедија, без своја вина, а за многу конкретни интереси. Ги броеше ли некој цивилните жртви од бомбардирањата, од дроновите, од „мировниците“ и „демократските опозиции“? Тоа е само статистика, таму некаде далеку, на некоја друга планета! Подготвени сме да се згрозуваме од погубувањата на ИСИС (или дури да лееме солзи над убиството на една лавица), но не и да ја видиме пошироката слика. На пример, дека ИСИС не е локален продукт, туку чудовиште на д-р Франкештајн, кој веќе имаше слични искуства во ликот на озогласениот Осама Бин Ладен и неговите муџахедини.

Во каква тоа ЕУ сакаме да „влеземе“? Во какво НАТО? Вистината е сурова, еве само на сирискиот пример (објаснет графички од еден германски професор): од 20 милиони жители, осум се внатрешно раселени лица, а четири милиони се бегалци. Од сите тие бегалци, само 250 илјади тргнале кон ЕУ (2% од вкупниот број). ЕУ не дозволува барањата за влез да се поднесат во амбасадите во земјите кои згрижуваат милиони бегалци (Турција, Јордан и Либан), па затоа тие го ризикуваат животот за да стасаат до фактичките граници и власти на ЕУ. Според планот на квоти, доколку профашистичките влади ги прифатат, ќе бидат примени само 0,2% , односно 20 илјади Сиријци. Тоа значи стоп за сите баратели од Авганистан, Пакистан, Ирак, Еритреја, итн. Терминолошката акробација (бегалци наспроти мигранти) не е наивна: да се зборува за бегалци треба да се признае исходот на своите политики; но, ако луѓе кои со години живеат во ужас се прогласат за хуманитарен објект (на биополитика), им се ограничува правото да се изборат за подобар живот. Мнозина од нив имаат бегалски статус, но кое фајде кога во Либан на пример морале да потпишат дека нема да бараат работа (па после ронат солзи над слика на татко со ќеркичка в раце како продава пенкала по улица). ЕУ се штити со ѕидови налик на Адријановиот, а од НАТО се бара ги чува границите на западната цивилизација од оние чија цивилизација ја уништи. Ако некој има право да влезе во ЕУ (и да испорача многу конкретна сметка), тоа се луѓето од арапскиот свет и Африка. Штета што САД се предалеку. Трагедијата е резултат на пропаста на вредностите кои наводно ги претставува.

ЕУ која не е солидарна со своите граѓани, по социјална или расна основа (Ромите), не може да биде човечна ни кон Другиот. Освен, ако милосрдието не е исплатливо: Германија, „блескавиот исклучок“ среде себичните сојузници, го отвора портите за 800 илјади бегалци од прагматични причини. Ем изгледа благородно, ем потребно за економијата која има потреба од евтина работна сила. (Друго прашање е зошто тој недостаток не беше плански отстрануван со интеграција на посиромашните и маргинализирани европски граѓани.) Доскоро, во очите на Европа, Другиот бевме ние, Балканците, но во интерес на неолибералната мантра (и потребите на пазарот) станавме поприфатливи (идни) роднини. Сега Другиот се мигрантите/бегалците, па во своето лицемерие Европа се крши помеѓу улогата на светица (и нобеловка) со која се соживеа до степен во кој почна да верува дека тоа не е само глума, и она што извира од темниот Ид. Опасноста од мигрантите/бегалци не е во нив самите, ниту во можната инфилтрација на џихадисти, туку во тоа што се будат профашистичките нагони.

Балканската судбина е најдобро опишана на графитите во Грција: „Нашите дедовци беа бегалци, татковците – печалбари, а ние расисти?“. Никако да видиме дека и натаму сме на истиот крстопат на кој се среќавале цивилизациите, а дека луѓето кои се југо-источно по многу нешта ни се поблиски од тие на северот, вклучително и по долгиот историски стаж во иста империја. Дури и да не се, луѓе се кои страдаат и поради нашата индиферентност која трае со децении. Светот се сврте наопаку, па и ние со него. Нашите одат на печалба натаму, а некои дури и се борат; а тамошниот народ наваму во егзодус. Најапсурдната сцена која ја средбата на двата света е онаа во која група мигранти е сочекана од Ромчиња кои просат: за нив тоа се странци без оглед од каде доаѓаат.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: AFP PHOTO/CSABA SEGESVARI