Бегалци ante portas

Предупредување: ова е уште една колумна за бегалците! Значењето и пропорциите на ова што се случува (без шанси скоро да запре) се преголеми за сѐ да заврши со површно нотирање и свртување кон сопствениот политички аутизам. Бегалската криза сè уште (или подобро кажано, сè повеќе) се перципира како нешто што ни се случува нам (или на нашата ЕУ, нашата цивилизација), а не ним (на луѓето, бегалците). Како тече времето, емпатијата опаѓа, ако некогаш воопшто и постоела. Сузан Сонтаг со право запиша дека сочувството е нестабилна емоција. Таа мора да се преточи во акција или ќе избледи. Ако човек не знае што да направи со нараснатите чувства и ако преовлада уверувањето дека „ништо не може да се стори“ – тогаш и најголемата драма му станува здодевна. Полошата верзија е уверувањето дека „ова не е мој проблем и нема зошто да помогнам“. За жал, токму тој рефрен е доминантен: ова не е наша криза, си имаме доволно свои проблеми за да се грижиме за други, бегалците претставуваат неподнослив проблем од кој сакаме да се спасиме. Чудно за нација која заборави дека за десетина години ја напуштија половина милион луѓе, кои се сега прифатени во други земји. Македонското општество никогаш порано не покажало колку е ксенофобично, расистичко и нехумано.

Не е ново ниту необично тоа што луѓето повеќе ги трогнува нечија поединечна судбина (барем за одредено време) отколку сцените на колективно страдање, кое е валкано, шири реа и нелагода. (Овој трик успешно го користи Холивуд кога во филмови за апокалипсата одбира неколку ликови со кои публиката се соживува, додека сите останати се само статисти.) Нешто слично се случи со малиот Ајлан. Тешко беше да се остане без емоции пред слика на тригодишно детенце, а кое по изгледот потсетуваше на „нас“, на нашите деца и внучиња. Во колективната претстава за примитивните бегалци/мигранти не се вклопуваше „европскиот“ изглед на детенцето; морбидната слика на дете кое можеше да биде наше предизвика реакција за која не е јасно дали беше (антиципирана) саморефлексија или вистинска емпатија. Активистите од хуманитарните организации ми признаа дека со денови наназад имале тешка мака во собирањето донации од граѓаните, но дека смртта на Ајлан предизвикала одредена раздвиженост. Не мина долго, а на површина изби хипокризијата и почнаа да се нижат грди манипулации за заднината на оваа сторија. Тезата, исто така, е стара и добро позната: „жртвите не се сосема невини за она што им се случило; тие се сомнителни по многу основи“. Така, миграцијата станува криминал. Во таква ситуација ние сме амнестирани од грижата за сите преживеани Ајлани, кои сега по дожд и во кал, преплашени клечат пред пендреците на македонските полицајци.

Душегрижниците сметаа дека прикажувањето на сликата на мртвото детенце претставува непочитување на достоинството на жртвата и на неговите најблиски. Тоа беше очајнички изговор на вистината да не ѝ се погледне во грдото лице. Ова се случува во регион во кој и десетина години по сите конфликти кои оставија ужасни последици, сè уште се трага по идентитетот на жртвите, а од политичарите се бара да го признаат нивното страдање како на индивидуи, а не како на припадници на колективитети. Чудно е што после сè не постои волја жртвите да се спасат од заборав, од колективната амнезија и да им се врати ликот и името. Најгрозоморни беа мислењата дека прикажувањето на Ајлан било дел од добро смислена (происламска!?) медиумска кампања насочена кон будење сочувство и дефокусирање од вистинската природа на егзодусот. Како реакција почнаа да се шират слики на масакрирани деца од (наводно) христијански семејства, небаре сликите зборуваат за етничкиот и верски идентитет на убиените, или дека тоа ќе ја намали болката! Оној момент кога на кантар се мери страдањето на едните наспроти другите, тогаш умира и самата идеја за емпатија и хуманост. Јавноста беше сосема спокојна додека 350 илјади Сиријци умираа (и умираат) далеку, а сега е исплашена од оние кои одбиваат да умрат покорно. Колку и да е болно да се признае, сепак, постои и малку вистина за (зло)употребата на смртта на Ајлан. Токму оние центри на моќ (воено-индустриско-политички-медиумски-академски комплекс, како што би ги нарекол Јан Оберг) ја употребија оваа емотивна сторија за да повикаат на нужност од употреба на повеќе воена сила, на повеќе бомби и разурнувања – т.е. на сето она што и го предизвика егзодусот. Зависниците од војни побрзаа да најдат ново „хуманитарно“ оправдување за она што и онака најдобро го прават и да кажат дека „ова веќе не смее да се толерира“. Ова најдобро го опиша карикатура која прикажа разговор меѓу двајца пилоти кои се прашуваат на која страна се (т.е. кого треба да бомбардираат), а под нив ознаки за цели на Асад, бунтовници, ИСИС, Ал Каеда.

Бегалската криза е само највидливиот дел на она што со децении е (толерирана) хуманитарна катастрофа, сакале да признаеме или не, предизвикуваат длабоки промени и во нашите општества. Од „сојузнички“ тие станаа „транзитни“, па како такви бараат разбирање, па и сочувство за слабите капацитети и употребата на пендреци врз немоќни луѓе. Настрана што поголема национална трагедија беа спортските порази, туку покажавме не само себичност, туку и склоност кон параноја. Разните таблоиди, портали, социјалните мрежи, па и класичните медиуми, ја промовираат приказната за опасната „наезда“. Се нижат „вести“ за наводни нереди во Париз, за некој идентификуван борец на ИСИС или за запленето оружје испратено за инфилтрираните џихадисти. Обичните луѓе го голтаат ова без да ја проверат точноста на веста, смирувајќи си ја така нечистата совест: ете доказ дека постоел некаков монструозен план, жртвите се всушност насилници и не заслужуваат помош. Лекарите ја заборавија Хипократовата заклетва одбивајќи да пружат медицинска помош; на бегалците се гледа како на носители на болештини (или дури и како на зараза која треба да ограничи во карантински услови). Ако едните гледаат исламисти во перфиден поход на Европа, други им замеруваат што не останале да се борат таму во нивните земји. За системот на вредности зборува фактот што се покажува поголема грижа за угледот на државата и за границите одошто за животот на бегалците. Најтрагично е што во ваквата перцепција едвај и да има разлика помеѓу власта и опозицијата. Трагикомични се ТВ дебати на луѓе кои очи си вадат кога станува збор за меѓупартиските битки, а кои сега се сложуваат околу државните интереси. Со видно олеснување и без емоции порачуваат: за среќа, бегалците немаат намера да останат тука (т.е. нема да ни ја променат демографската структура, културата и социјалниот мир). Болно се доживува медиумската слика на добар српски или германски полицаец, а не и онаа на македонскиот кој му помага на дете. Небаре е ова натпревар за имиџот на полицијата, а децата служат за сликање! Кај дел од борците против полициската бруталност свртувањето на вниманието кон Ајлан се сметаше за предавство кон Мартин! Како да се ова нишки кои заемно се исклучуваат! Бегалците ќе заминат, но не пред да не разголат во нашите стравови и индиферентност. Сепак, ни дадоа и можност да искажеме добредојде и да пружиме помош, па така да застанеме рамо до рамо до прогресивниот дел од европското општество, колку и да сме малцинство во споредба со „Граѓаните“ и пленумите кои не така одамна масовно демонстрираа за слобода и правда.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: REUTERS/Ognen Teofilovski