Игорче и Кејти

Во многу јазици, зборот специјално означува нешто над вообичаеното, нешто што не е во рамки на нормалното/очекуваното, нешто што е ретко по своите квалитети, вонсериско, значајно, неповторливо. Антиномите, пак, упатуваат на нешто познато, вообичаено, нормално, општо, стандардно. Ако зборуваме за државата, повеќе од јасно е дека Македонија е навистина специјална држава, држава со специјални потреби. Секој ден, во секој поглед, сè повеќе и повеќе напредуваме, т.е. стануваме сè поспецијални. Во речиси безнадежна политичка и социјална состојба луѓето очигледно му придаваат лековито дејство на сето она што е специјално измислено за излез од македонската криза. Договорот од Пржино (којшто веќе го нарекоа мировен договор и го изедначија со Охридскиот) содржи низа специјални решенија, а во верба дека со правење исклучоци кои не се вообичаени за нормални држави, некако ќе станеме обична, стандардна демократска држава.

Во вакви ситуации секогаш на ум ми паѓа еден виц. Родителите на Игорче го посетуваат училиштето за да видат какви резултати постигнува нивното синче. Се разбира, веднаш тргнале кон катот на кој пишувало „Брилијантни ученици“. Се загледувале, се распрашувале, но нивниот Игорче не го нашле. Со надеж, се упатиле кон следниот кат каде биле одличните ученици, но тој не бил ни меѓу нив. Се тешеле дека сигурно ќе го најдат меѓу просечните ученици, но кога и таму не го пронашле, веќе почнало да очајуваат. Но, свое дете си е свое и се сака какво и да е. Се упатиле на наредниот кат каде пишувало „Потпросечни ученици“ – шокот бил огромен кога Игорче не бил ниту во овој клас. Преостанал само уште еден кат, па повеќе од љубопитство одлучиле да погледнат и таму. Таму, на вратата пишувало – „Игорче“. Всушност, Игорче е навистина специјален, посебен, различен од сите други, единствен. Сиве години, постепено Македонија (што поради сопствените недостатоци, што поради терапијата која и ја припишуваа) стана „Игорче“. Секогаш одново ќе превлада мислењето „само уште овој пат, штом ја надминеме кризата ќе се вратиме во редот на нормалните држави“. Реално ова е начинот на кој низ 24 години се гради и институционалната и политичката култура на граѓаните, па Македонија се усовршува само во рамките на својата специјална лига наречена „Игорче“. Начинот на кој се менува устав, на кој истиот се крши за негово добро, на кој се донесува закон (напишан од странци и лошо преведен) по итна постапка, а до последен миг ниту пратениците не ја знаат неговата последна верзија – сето тоа е крајно невообичаено, специјално. Некои од решенијата на законот (lex specialis) се толку специјални што го кршат принципот на владеење на правото, токму оној принцип поради чие имплементирање се воведува институцијата специјален обвинител. Малкумина гледаат дека закон од кој толку многу се очекува почива на идејата на потенцијална амнестија. Тоа што специјалната обвинителка е избрана на крајно нетранспаретен начин никому не му е ни чудно (дури ни на избраната, која треба да биде олицетворение на врвен правник со интегритет!). Тоа што е прескокнат институтот јавен оглас, и што според Уставот секому под еднакви услови му се достапни сите функции, е помалку важно од запазувањето на рокот од политичкиот договор. Нема познавач на правото кој не е свесен за тоа дека специјалниот закон (и обвинител) се поставени над правото, т.е. наместо правото да ја ограничи политиката, се случува обратното. Се вели дека е политички неопортуно да се негодува во ваков критичен миг. Помислата за оспорување на Законот пред Уставниот суд е рамна на ерес. Неверојатно, ама според министерот за правда законот е израз на волјата на владејачката класа (!?), а тоа што специјалната е избрана со повеќе гласови одошто оние кои се потребни за измена на Уставот бил крунски аргумент дека се е во ред. Апологијата спрема меѓународната заедница доживува неверојатни димензии. На Ван Хауте не само што му е дозволено, туку е и пожелно што е експерт по општа пракса: модерира и пресекува решенија за уставна или кривична материја, знае сè и за изборен систем и за медиуми, итн. Плус тоа, крајно е симпатичен затоа што вози велосипед низ градот. Поголема нелагода, па и срам од третманот на „Игорче“ покажуваат некои претставници на странски фондации отколку што е тоа политички коректно да го каже некој од нас.

Изборот на Катица Јанева е подеднакво специјален. Носител на толку специјална функција стана некој со толку скромна правничка кариера што анонимноста му/ѝ стана главен адут. На Гугл не може(в)те да најдете ни слика, а камо ли информации за некакви правнички успеси. Но, види чудо! Во нашата виртуелна паланка на Фејсбук, Кејти (како се нарекла самата) изгледа повеќе од нормално, обично, стандардно: сликички за кафиња и слатки, цвеќиња и прошетки, мотивациони пораки, „лајкови“ за турски серии и Аца Лукас, ама и такви со политичка заднина. И тука настанува забуна: како просечната Кејти ќе ја сретне специјалната Катица? За јавноста изборот беше изненадување, за фелата – неверица, но невладиниот сектор ништо не може да го изненади. Истата вечер „Ајде“ излезе пред Собранието да даде поддршка, но и дека ги испорача големите очекувања („Многу работа ве чека!“). Сценографијата и брзината со која се отпечатија плакатите потсети на предреферендумските денови од ноември 2004 година. Овие, но и некои други вибрации, сепак стасаа до Јанева; како добро воспитана жена и жена која знае кој е кој, им изрази длабока благодарност до „сите политички и сите меѓународни фактори кои ја избрале“.

Во непостоење податоци за кареирата, наведе мнозина да се фатат за некаква сламка на надеж. Рекоа дека на крајот на краиштата жената изгледа симпатично. Несомнено, спомените од она што своевремено го постигна Мирјана Трајковска будат наивна надеж дека Катица ќе биде новата женска фигура која ќе покаже дека работите можат да се вршат со дигнитет, смирено, беспрекорно процедурално и покрај сите притисоци. Притоа, забораваат дека Трајковска презеде водство во веќе постојна институција која функционираше врз соодветен закон. Дури и најразумни новинари апелираат и бараат да се поздрави овој избор каков и да е и да се почека додека го состави тимот. Причина за грижа е самата тенденција дека толку надеж се става на личноста, дури и кога законот и институционалното решение се проблематични; тоа е чекор напред во однос на мудриот Аристотел кој предност им даваше на добрите закони пред добрите луѓе. Лично најмногу ме загрижија две работи: благодарноста кон политичките фактори и насмевката со која Јанева се нафати на функцијата на „македонскиот Елиот Нес“ создаваат дилема. Дали специјалната Пепелашка е свесна дека треба да ги гони или да им се спротивстави токму оние на кои им се заблагодарува и дека функцијата ја добива не по заслуги (туку од немајкаде), и дека насмевка во ваков миг изгледа дури и непристојно? Вториот знак за грижа е фактот што без време за размислување, буквално во 5 до 12 кога отпаѓаат далеку поквалитетни решенија, таа се нафаќа да врши функција воспоставена со закон кој не го прочитала, а кој е и со сомнителна уставност. Конечно, останува да се види како ќе го состави тимот, односно како во практика (да употребам аналогија) војник ќе може да состави тим од генерали, или асистент да состави наставнички совет од редовни професори, да воспостави субординација без тие луѓе да се одречат од сопствените постигања и интегритет.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: МИА/Ивана Батев