Крај на светот?

Ако ја читате колумната, значи сме преживеале уште една епизода на серијалот „крај на светот“. Уште една крвава месечина ја најави Апокалипсата. Велат, ова е „совршена бура“ на комбинираното дејство на астрономски феномен, верско пророштво, глобални конфликти, финансиска криза и природни непогоди од големи магнитуди. Човек не знае дали да им се чуди на оние кои се во паничен страв од вакви „пророштва“ во религиозен дух или на оние кои беневолентно ги отфрлаат со рака сите претпоставки дека на светот каков што го знаеме навистина му доаѓа крајот. Или можеби за чудење се оние кои се сосема индиферентни за насоката во која се движи човештвото? Ако со секој проживеан ден, по природата на нештата, човекот е се поблиску до својата смрт, така и светот/човештвото умира. Не е потребно спектакуларно случување на Апокалипсата за да тоа им стане јасно на сите, доволен е поглед на најважните настани одбележани во медиумите, а тоа уверување се засилува кога ќе се сфати што сѐ медиумите сокриваат креирајќи стварност по вкус на своите господари. Ако за нас овде станува нормално тоа што пешаци гинат по скопските улици и тоа минува неказнето, ако е нормално да минете покрај питачи без да ви затрепери срцето, ако се тврди дека специјалното е нормално, ако во несреќни луѓе се гледа закана, а тоа не се гледа во светските моќници (затоа што ни се сојузници, нели?) – тогаш, што е тоа, ако не умирање на сето она за што вредело да се живее, да се гори на клада и да се бори низ историјата? Во глобални рамки, за жал, не е поинаку: сиромаштијата е вина на мрзеливите и неспособните, поредокот заснован на гола моќ е неприкосновен, полициската бруталност и милитаризација се нормалност, ѕидовите и границите се поважни од човечките животи, војната е мир, а мирот е војна.

Како е можно ваков поредок, кој почива на експлоатација, социјална неправда, страв и закани, да биде толку тврдокорен, иако се смета дека мнозинството луѓе (99% би рекле активистите) страдаат? Одговорот на ова прашање, кое е само навидум комплексно, е даден одамна: индоктринацијата почнува веднаш по раѓањето! Најнапред, свесно или несвесно, тоа го чинат родителите пренесувајќи ја „традиционалната мудрост“ на покорност и респект за авторитетот. (Да не заборавиме, родителите се навистина првиот авторитет со кој се соочуваме во сопствениот развој и зреење; бунтот кон родителските узанси и очекувања е знак на зрелост.) Со оглед на тоа што родителите се помалку време посветуваат на децата, борејќи се за преживување, оваа социјализаторска функција ја преземаат институциите (градинките, училиштата, факултетите, работното место, медиумите итн.), меѓу кои се издвојуваат оние под капата на државата и на верата. Низ курикулумите и учебниците, но и низ наметнување на ред и дисциплина во училниците, вклучително и (не)свесното пренесување на сопствените стереотипи и заблуди од страна на наставниците/професорите – детскиот мозок се вкалапува и насочува кон доминантната општествена парадигма. Религијата тоа го прави на свој начин, преку наметнување на догмите и стравот дека секој оној кој не ги почитува ќе биде казнет и на овој и на оној свет. Изгледа дека оваа тврдина е непробојна! Најстрашно е кога државата ќе влезе во алијанса со верата, и кога верските догми ќе станат наставнонаучни содржини. Уште пострашно е кога премиер вели дека кога родителите не знаат што е добро за нивните деца на подолг рок, владата знае.

Уште еден „бисер“ од учебничката низа го илустрира ова: „Моралното филозофско учење е тешко и неразбирливо за обичните луѓе. Тоа е создадено само за луѓето кои имаат време, прилика и способности да се занимаваат со филозофија. Религиската етика е достапна и разбирлива за секој човек, независно во кое време или општество живее.“ Со други зборови, филозофијата на филозофите, а религиската етика (дадена од Бог) треба да биде фундамент на човечката заедница, инстант етика која не бара промислување и критички став, туку прифаќање. Фактички, креаторите на нашето образование – не сакајќи, се разбира – на поданиците од мали нозе им покажуваат дека единствена надеж да се преживее суровоста на секојдневието е верата. Таа треба да служи како опиум, бидејќи тие друго и не се способни да понудат, а поданиците преслаби да се побунат. Во времето на Маркс, опиумот бил достапен како средство за намалување на болките и привремена утеха: „Религијата е издишка на потиснатото суштество, душа на бездушниот свет, како што е таа дух на бездушни прилики.“ Бидејќи нештата во Македонија се движат во насока на ужас без крај (а не ужасен крај во апокалипса), за оние кои владеат е подобро редот да го обезбедат со седација отколку со насилни средства.

Интересно, но на глобален план, покрај радикалните движења и партии, сега постои и радикален Папа. Со тивок глас и низ дипломатски речник, Францис I фрли политичка бомба среде САД (кога јас велам слични нешта, моите колеги-апологети ме нарекуваат Ноамка Чомка). Она што го вели е револуционерно само затоа што е вистина. (Во време на општа превара, кажувањето на вистината е револуционерен чин, велеше Орвел.) Говорот на Францис потсетува на зборовите друг латиноамерикански свештеник (Камара) „Кога ги хранам гладните ми велат дека сум светец, кога ги барам причините за тоа, ме нарекуваат комунист“. Тоа е доволно и да му се простат некои сенки од минатото; во времето кога Камара е дел на движењето на Теологијата на ослободувањето, идниот папа е нејзин противник. Оваа теологија проповеда низ призма на искуствата на сиромашните и обесправените, па ја нарекуваат христијанизиран марксизам. Побуната била загушена од командосите на САД, а во времето на егзекуцијата на свештениците, идниот папа останал нем. Денес е гласен. Буди неверување и восхит, како еден од ретките гласови на совест во свет управуван од бездушни елити. Неговиот говор и однесување е спортивност на она на црковната елита, дури потсетува на бунтовник. А кога неговите зборови би ги кажал Обама, би бил наречен социјалист. Папата зборува во име на милиони несреќници, вклучително и на бегалците, најсиромашните, луѓе од друга вера или дури и безверниците. Дотука е јасно, но на прашањето што треба да се стори да се сменат нештата – тој нема одговор. Дали Папата е опиум на народот? Можеби. Веројатно. Сеедно, поттикнува, бранува, вознемирува – другото е на оние кои го слушаат. Говор како оној на поглаварот на Католичката црква е речиси невозможно да се слушнат во верските заедници доминантни кај нас. Тие се во свет брак со власта, затоа и не брануваат. Таков говор нема ни кај интелектуалците! Бисерите се ретки, а и свештеници кои говорат како што зборувал Човекот, говор кој му е близок и на атеист и левичар како мене. Но, ги има. Таквиот говор е опасна работа и бара кураж во време на тотален крах на сите морални и хуманистички вредности. Всушност, во свет кој тргнал кон самоуништување, храброст е и да се премине улица, да се разговара на телефон, да се напише нешто на социјалните мрежи или во колумна. Обичните нешта бараат храброст, а тоа е веќе дијагноза. Фатална.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: AP Photo/Milwaukee Journal-Sentinel, Mike De Sisti