Do you speak English?

Откако ќе го прочита насловот, некој можеби ќе приговори: толку позначајни нешта треба да се искоментираат, а авторката се определила за познавањето странски јазици (конкретно, англискиот во случајов). Ќе се обидам да објаснам зошто и ова прашање е суштинско за земја како нашата и за секој од нас – како млад или постар човек, како граѓанин, активист, ученик или студент, професор, политичар, професионалец. Се разбира дека познавањето на секој странски јазик е голема предност, но англискиот го одбирам затоа што е јазикот кој служи како lingua franca во политичката, економската, културната, информатичката и секоја друга професионална сфера. Неговата употреба е толку широко распространета, што дури и оние кои немаат никакво образование од оваа област нужно го знаат барем значењето на командите на тастатурата, на социјалните мрежи или упатствата за користење на домашни апарати и производи за готвење. Децата од претшколска возраст го учат од цртаните филмови, тие малку повозрасните од популарната култура (филмови, песни). Впрочем, англискиот јазик е еден од најлесните за учење.

Најнапред, како и при решавање на секој друг проблем, најважно е признавањето на сопственото незнаење. Познавам луѓе кои го кријат овој факт како змијата нозете: ќе направат триста акробации и измислат најневозможни изговори за да исчезнат токму во моментот кога треба да се запознаат или влезат во конверзација со некој странец. Со други зборови, постои свест за потребата да се знае овој јазик, но срамот да се признае своето незнаење е толку голем, што спасот се бара во бегство од сцената. За жал, овој феномен е широко присутен дури и во академската фела, и тоа не само кај постарите професори (кои можат да се „вадат“ на комунизмот). Со оглед на наметнатите повисоки критериуми за напредување (учество на меѓународни конференции и објавување трудови во меѓународни публикации), луѓето се досетиле и измислиле нешто што го нареков „виртуелно конференсирање“ (virtuel conferencing), а што веќе станало регионален феномен. За да добијат бодови, се пријавуваат на меѓународна конференција со кус апстракт, набрзина ќе напишат текст (кој ќе го дадат на превод за што се подготвени и да платат – или дури и да поднесат верзија од Гугл транслејт), ќе уплатат и котизација, а на ден-два пред почетокот на настанот ќе го откажат учеството (се споменуваат канцери, итни операции, неодложни обврски). Но, очекуваат името да им се појави во официјалната програма, а текстот во зборникот на трудови. Во текот на самите конференции присутните „природно“ се делат на табори (едниот кој користи англиски, а другиот само „нашки“) – и внимаваат случајно да не се сретнат дури и на кафе паузата. Сум пишувала и порано за наука до Табановце, ама има и полошо: студентите учат или од лошо преведени странски учебници или од книги на професори кои во неможност да користат (научат или дури препишат од) странска литература, си ги рециклираат своите трудови. Мнозина тврдат дека вака се на браникот на македонската наука и јазик.

Намерно почнав од сопствената фела, од која се очекува, нели, да е и најобразована. Лесно е да критикуваш секретарки на декани, директори, министри и сл. кои не знаат ни збор на странски јазик. Уште полесно е да ја критикуваш генералната популација, таксисти или административци. (Мнозина ќе додадат дека ни мајчиниот јазик не го владееме како што треба, па ова со англискиот е претерано барање.) На социјалните мрежи и во некои медиуми, тема на денот (поточно, тема за потсмев и критика) беше настапот на Иванов на мини-самитот за бегалската криза во Брисел. Не само што на вечерата на лидерите откривме дека тој бил единствениот придружуван од преведувачка, туку и на прес-конференцијата (на трагикомичен начин) неговиот советник послужи како преведувач (се избегна она „изгубени во преводот, бидејќи преводот звучеше попаметно од оригиналот). Наместо да ја придобие европската јавност, претседателот (за кој се знае и дека како професор држел предавања во странство со преведувач) се фати за „одбрана на македонскиот јазик“ како за сламка за спас. Жално е и што тој детаљ ги фрли во сенка заклучоците на самитот на кој ЕУ очекувано го префрли товарот на послабите и сиромашни држави-кандидатки, кои треба да им помогнат во валканата работа (задржување/успорување на бранот на бегалци за кој тие ниту имаат единствен став, уште помалку решение или хуманост). Навистина, сосема е небитно што (за инает на оние кои не нè признаваат) Иванов зборувал македонски, кога бил еден од оние кои климале со глава. На такви самити се користи сложен дипломатски јазик (едно се кажува а друго се мисли), се користат идиоми, специфична терминологија, па и орвелијански новоговор. И уште ако претставуваш една тотално зависна и слаба држава, јасно е дека си таму за да аминуваш. Но, не е само Иванов: деновиве, по средбата со Меркел, и Карамарко е предмет на потсмев во Хрватска, а и за Ципрас е познато дека лошо го владее англискиот и нерадо го употребува (а е наводен левичар, интернационалист!). Но, ако во заклучоците на самитот се вели дека лидерите се обврзале да бидат во секојдневен директен (телефонски) контакт, како ли ќе се разбираат? Или целата поента е да се прават дека имаат заедничка политика и дека разговараат, а оние несреќници можат слободно да умираат?! За волја на вистината, Варуфакис е неверојатно елоквентен, што не помогна во преговорите со Еврогрупата и ММФ; тие што зборуваат на јазикот на евробирократите, корпорациите и банките не сакаат да го разберат јазикот на науката, на поинаквата политичка економија и социјалната правда и хуманизмот. Во таа смисла, немуштиот Иванов подобро се разбира со моќните во Брисел.

Зошто ни е неопходно да знаеме англиски? Затоа што нашите политичари се апсолутни аналфабети (за жал, пред неколку месеци тоа ни го демонстрираше, на српски и на англиски, и лидерот на опозицијата), а живееме во полупротекторат. Потпишуваат договори напишани од странци и во верзии кои се автентични само на англиски јазик (Охридскиот и Пржинскиот се такви), а потоа (не)свесно се водат битки околу толкувањето на одредени изрази. „Завојуваните“ политички страни преговараат со посредство на странски олеснувачи и експерти, па останува да се чудиме како се разбираат или да разбереме што договориле во наше име. На пример, ќе речат странците дека преговорите се водат in good faith – со добра намера и во општо добро – а такво нешто не е познато во нашиот јазик, и ете ти конфликт. Сите сакаат во ЕУ/НАТО, а не само што не ги прочитале нивните договори, резолуции и статути, туку и не следат странски медиуми и анализи кои покажуваат дека ние живееме во бајките кои сме ги слушале. Примената на светски стандарди, од тие за квалитетот на горивата, па до медицината, екологијата и производството, претпоставува знаење на јазикот. Како би биле граѓани на Европа, ако сме хендикепирани во заедничките кампањи? Конечно, ако и навистина пропадне сѐ и решиме да го напуштиме овој темен вилает, јазикот може да биде поважен од факултетската диплома. Дури и Сиријците зборуваат англиски! So do you (want to) speak English?

Напишано за Нова Македонија