Нечисто право, чиста политика!

Почнав да пишувам кус вовед за первертираниот однос меѓу правото и политиката, односно за тоа како е и како треба да биде, но сфатив дека е тоа губење време. Кому му е тоа потребно кога токму оние кои треба да се најкомпетентни или дури и креатори на јавното мислење, мешаат „баби и жаби“ без око да им трепне? Кому да му се објаснува азбуката на конституционализмот (политиката во границите на правото) кога институциите се суспендирани, а правото е сведено на непринципиелни, па и монтипајтоновски компромиси на четири партии? Какво е тоа право кое се создава во тесен круг на четири партии, зад затворени врати, и со учество на еден ренесансен (странски) експерт? Каков е тој законодавен процес во кој парламентот мора да изгласа нешто што не го ни разгледал? Есенцијата на конституционализмот (како основа на ограничена и контролирана власт) гласи: политика во граници на правото. Правото се создава низ политички процес и навистина не паѓа од небо (како што пишува Малески) – освен во случај на „парашутинг“ (кога ќе го напишат странците и со „падобран“ ќе го достават во парламентот кој не расправа, туку усвојува затоа што така се договорил некој во негово име). Нештата се очигледно поставени на глава, но реакции нема бидејќи стравот од политичка некоректност е поголем од потребата од вистината. Правници зборуваат со јазик на политиката, а политичари изигруваат правници. (Новинарите кога, на пример, интервјуираат државен јавен обвинител воопшто и не сметаат дека треба нешто да прочитаат, па така сè завршува со трагикомичен коментар дека кај обвинителот доминирала формалистичката логика (што е најголем комплимент за секој обвинител, а убедена сум дека Чомовски го немаше тоа на ум).

Доволно е да се слушне припростиот начин на изразување – од оној кај судиите, до членовите на највисоки правосудни тела, па до специјалната обвинителка за да се создаде поразителната слика на капацитетот на клучните лица од правосудството. Всушност, тоа е сликата на македонската држава. Оттука и не зачудува „бисерот“ дека Јавното обвинителство е незавидно. (Идејата е дека членовите на ЈО не ѝ завидуват на Јанева, ама фројдовски точно е погодено дека со вакво правосудство сме во незавидна позиција.) Кејти и натаму им дава чуден шарм и на сериозните нешта, особено кога во стил на каприциозна тинејџерка вели „си го сакам мојот тим“ (веднаш ми светна слика како пркосно удира со ноџето в земја). Таа својот легитимитет го докажа сликовито со „авиончето леташе, нели“, а пред да влезе во луксузниот (службен) џип, со насмевка молежливо бара помош од медиумите и од странците. Веројатно сум дел на малцинство, но ќе кажам дека е недолично што специјална јавна обвинителка подобро владее со политичките категории отколку со правните механизми. Тоа што таа е загрижена за поради узурпацијата на Пржинскиот (политички) договор и очекува вонинституционална помош и јавна поддршка, наместо со правни средства да се избори за почитување на специјалниот закон – доволно им кажува на оние кои сакаат да разберат. Ако не е способна да ја добие оваа прва битка, како да ќе очекуваме поголеми потфати?

Јанева не го доби тимот од 14 соработници (за кој таа лично – веројатно со својот висок углед и импозантна правна кариера – гарантирала дека е сочинет од врвни правници). Но, подеднакво е точно и дека Советот на јавни обвинители не е со закон обврзан да прифати бланко предлог – чуму одлучување ако мора без расправа да парафира сѐ што ќе се најде пред него? Аргументацијата им беше проѕирна, но никој, па ни амбасадорите не смеат да наложуваат како да се одлучува. Подеднакво е интересна реакцијата на критичката јавност: токму оние кои во мигот кога се дознаа имињата на 14-мината веднаш го разоткрија нивниот багаж и силно го критикуваа предлогот, но сега во полза на квантитетот заборавија на квалитетот. Заборавија дури и дека меѓу предложените беше и обвинителката во случајот против новинарот Кежаровски. И Кејти додуша подзаборави дека се закануваше дека ако и одбијат макар еден член од тимот, таа ќе си даде оставка. Ништо од тоа, верувајте! И СДСМ ќе се врати во преговорите (ако веќе не е вратен во меѓувреме, додека ја читате колумната), и Обвинителите ќе си клекнат на брашно, а и Уставниот суд очекувам експресно да ја отфрли претставката за неуставноста на законот за Специјалниот јавен обвинител. Имплементацијата на Договорот од Пржино се чини оди според онаа народната „клин со клин се избива“. Последиците од метастазираната партитокрација се очекува да се елиминираат со уште поголемо киднапирање на целиот политички процес од страна на оние кои доведоа до кризата на самиот почеток. Ако приоритет е временската рамка, заедно со финалето – денот на одржување на изборите – тогаш на партиското самоволие му нема крај. Оттука воопшто не е монтипајтоновски барањето на ДУИ за промена на начинот на носење на одлуки во ДИК со Бадинтеров принцип за да Албанците не бидат мајоризирани. Оттука, цинично ќе додадам дека можеби е најлогично и да се формираат две (етнички) изборни комисии.

Политичкиот и правниот систем се суспендирани – со верба дека ќе се родат од својот пепел веднаш по наредните избори. На политиката навистина ѝ е даден приматот над правото, а во функција на „спречувањето на насилството“ (како што отприлика вели мојот поранешен професор Малески). Впрочем, во рацете на политиката (една или две партии) се наоѓа доволно разорен бомбашки материјал, моќен да предизвика и „политички Дрезден“ (без оглед што алузијата е на едно од најголемите воени злосторства врз цивили), но критичката јавност бомбите ги смета за национално богатство и не ги дава. Се разбира дека предлогот на Џафери беше лош и противуставен (предвидувајќи ретроактивно дејство на закон), но подеднакво е неразумно аудио-материјалите да бидат во слободна циркулација. Поради генерално ниската правна култура, не е тешко политиката и политикантството да се продаваат како единствен излез од кризата. Правото се ничкосува во полза на „чистата“ политика. Ќе рече некој: па и онака никој нема доверба во правните институции; но, значи ли тоа дека одеднаш доверба стекнаа политичарите, и тоа вон рамките на институциите? За тоа ли беа протестите?

Покрај Советот на јавни обвинители, и Уставниот суд е фактички дерогиран. Обраќањето до него со барање на преиспитување закон е прогласено за прорежимска субверзија. Буквално сѐ е наопаку: владее чиста политика, сведена на четири работни групи, кои креираат монтипајтонско право по своја арбитретна волја. Право е она што ќе се договорат дека е право, без право на проверка на уставноста и законитоста. Место за јавна и експертска дебата нема. Нема ни време, избори се ближат. Институциите станаа крпи за бришење – од сите се очекува да играат согласно нотите компонирани во клубот на пратениците. Да живее Игорче! Да живее Специјална Република Македонија!

Напишано за Нова Македонија