Помеѓу два мита

Во април 2008 ми беше цензурирана колумната за патриотите од власта и еврофилите од опозицијата, но јавниот дискурс и натаму продолжи да се движи по истите оски. Во тој текст заклучив дека ако се суди по делата а не по зборовите, ниту патриотите се патриоти, ниту еврофилите се вистински приврзаници на ЕУ. Македонија се чинеше заглавена меѓу славното минато кое го нудеа едните и розовата иднина која ја ветуваа другите – за сегашноста немаше кој да мисли. Угоре високо, удолу длабоко – така ми се виде македонскиот чардак „ни на небо ни на земја“. Ќе прашате: а што е сменето сега? Во однос на чардакот – ништо! Стигнавме до дното, но и натаму копаме (да се изразам преку познат српски афоризам), а светлата иднина е понедостижна од кога било порано. Новина е сапунската серија чии ликови станавме во последната година, па на моменти е заплеткано, на моменти забавно (како лажната закана за нов бомбашки напад во саботата, кога опозицијата беше налик на овчарчето кое се шегувало со селаните дека доаѓа волкот).

Она што со тек на годините се менува е политичката реторика во која двата пола се приближуваат. Зачудува – ако нешто воопшто и може да зачуди во Земјата на чудата – е како митот за „нашата Македонија“ и за ЕУ се прелеваат и преплетуваат зависно од политичката коњуктура. Зарем не е чудно што за само неколку години еден новокомпониран празник (Денот на ВМРО, 23 Октомври) постепено си го зазема местото и во речникот на критичарите и опозицијата на ВРМО-ДПМНЕ? Под притисок на провладината пропаганда дека имаат сомнителен патриотски профил, мнозина од опозицискиот камп почнаа да го чествуваат празникот. И така се фаќаат на замката на некритичко величање на делата на историското ВМРО и барање ДПМНЕ да го „ослободи“ бидејќи станува збор за сенационален идентитетски код. Се споменува тој (наводно) чист симбол на македонската борба за ослободување и самоопределување со цел да се дефинира сопствениот патриотизам, но исто толку и за да му се зададе удар на денешното ДПМНЕ, кое е карикатура на она славното и јуначко од историјата. Нашите историски јунаци биеле битки со туѓинска власт, гинеле од идеали, за Македонија. Денешниве ја раскрчмуваат единствената независна држава која ја имаме од лукративни причини. Тоа се прави со очи ширум затворени, бидејќи не треба да си историчар за да знаеш дека ВМРО низ својата историја се појавувало во најразлични организациски и идеолошки пакувања и гаснело, се обновувало и пропаѓало. Тешко е да се утврди било каков континуитет на организација која честопати ги јадела (и убивала) своите деца, а богами и недолжни цивили, а уште поважно – чии лидери се бореле за различни Македонии. Од друга страна, тука е традиционалниот празничен говор на Груевски (да не заборавиме дека овој празник досега не бил одбележан од страна на друг македонски премиер од очигледна причина: неговото воведување коинцидира токму со власта на оваа гарнитура). Таква посветеност на европските идеали и интеграции одамна не сме слушнале или прочитале. Подеднакво како што за некои опозициски перјаници е политички некоректно да се деконструираат лажни историски митови, така и Груевски и неговото ВМРО-ДПМНЕ се во фаза на целосно одрекување на реалноста. Среде најдлабока политичка криза од нејзиното постоење, секој што има два прста образ и макар мала доза на пристојност ќе забележи дека Македонија не може да претендира на позитивен извештај и заклучок дека ги исполнува условите за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Патетичниот говор на Груевски одава лажна слика за национално единство токму во врска со ЕУ, а вистината е дека последниве години европската интеграција не е тема ниту кај македонските политичари, ниту кај европските. Се разбира, ваквиот говор е обид топката да се префрли на туѓ терен и да се побегне од сопствената одговорност. Факт е дека во политички-аутистичка Македонија темата е Македонија којашто се занимава сама со себе, и во која се води (за среќа, симболична) војна за заемно истребување.

Колумната ја пишувам среде викенд за кој веќе се вели дека е со историско значење поради неизвесноста на партиските преговори за имплементацијата на Пржинскиот договор. Овие искушенија се споредуваат со оние на вистинските вмровци од пред стотина години, па се поставуваат хамлетовски тези: ќе нѐ биде или ќе станеме изолирани како Белорусија? Како Дамоклов меч (по кој знае кој пат) виси злокобниот одговор на прашањето дали Европската комисија ќе ја повлече препораката за почеток на преговорите. Не го разбирам ниту ова целосно одрекување на стварноста кај прогресивните интелектуалци и новинари. Би требале да знаат дека како што не го заслужи ни кандидатскиот статус, ниту деветте досегашни препораки, така и денес Македонија не заслужува позитивна оценка благодарение на нејзините политички елити. Евентуалното недобивање препорака од Европската комисија не може да биде никаква национална катастрофа – бидејќи би било сосема заслужено и објективно (катастрофата е дома). Освен тоа, и ЕУ е свесна дека сите тие бројни препораки немаат ама баш никаква реална вредност или влијание поради грчкото вето во Советот на ЕУ и Европскиот совет. Таа препорака има плацебо ефект – и за ЕУ (која се преправа дека проширувањето е нејзина реална политика) и за македонските власти (кои се преправаат дека возот се движи). Реалистички, со или без препорака, Македонија доживува лет во место. Се разбира, освен лошиот ученик, голема одговорност носи и учителката, онаа која самата го девалвираше својот систем на оценување.

Кусогледоста на еврофилите е запрепастувачка. Со таква наивност гледаат кон ЕУ која веќе не постои освен во нивните мантри, што човек мора да се праша дали се свесни за тектонските потреси кои ги тресат нејзините темели. Додека се занимаваме сами со себе и со некаков Пржински договор скроен како за држава со посебни потреби, а кој притоа не исполни ниту едно од очекувањата на луѓето кои со месеци протестираа очекувајќи радикални промени, ЕУ – умира. Умира таа со години, но нема кој да го каже тоа, а освен тоа и не е политички коректно. Среде длабока финансиска и социјална криза (класна војна), со политиката на задолжување и штедење со која се спасуваат банките а не луѓето, со насилничкиот однос на нелегитимни финансиски инстанци и креирањето протекторати во рамките на самата ЕУ (што така добро го демаскира Варукафикс во тековната кампања за паневропско движење) – но најмногу со нехуманата политика спрема „лажните азиланти“ и бегалците – ЕУ умира. Умира Македонија, а умира и оној идеал кон кој (наводно) се стреми. Ако треба да прогнозирам, општата хипокризија ќе продолжи да се рециклира: ЕУ, политички и морално ослабена, не може да си дозволи луксуз да одзема некому кандидатски статус, кога не само што е важно во Македонија да постои каква-таква стабилност, туку и треба и соработник во справувањето со бегалската криза и тоа токму на европската периферија. Ако Ердоган стана верен сојузник, зошто не би им прогледале низ прсти и на нашите лидери? Така, сето ова наликува на серијата за Ѓекна, која се уште не умрела, а кога ќе умре не се знае.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: RIAC