Во одбрана на тираните

Да нема забуна, она што се случуваше на Генералното собрание на ООН беше шоу и беше фарса. Попусто одмерувањето на пораките на Обама и на Путин, кога главна ѕвезда беше Орвел. Лидерите не разговараат и не слушаат, тие проповедаат, продаваат имиџ на правичност во свет кој забрзано чекори кон Трета светска војна. Во нивниот новоговор имаше само една порака: војната е мир, мирот е војна! Да не ја прескокнам и Македонија… Додека светот ги мереше зборовите на Обама и Путин, наш медиум пренесе: „Груевски помеѓу Обама и Путин“ (покрај она патетичното за Македонија на Македонците), небаре од него зависи балансот на моќта. Но, Груевски итро ја одбра страната на подзаборавениот Буш Јр. Откако највисоко одликување доби автократ како Орбан, сега тоа му е доделено на ноторен воен злосторник. Ниту Буш се сеќава какви добрини ѝ сторил на Македонија, а ниту Груевски се сеќава на улогата на САД за време на референдумот во 2004 година.

Не мина долго, а говоранциите од безначајното Генерално собрание беа заборавени. Целиот „слободен свет“ е запрепастен. Корбин се пошегува: Русија бомбардира? Што се замислува таа, дека е САД?“ Да биде иронијата поголема, досега цели во Сирија не беа бомбардирани само од САД, туку од долга листа држави – Франција, Британија, Австралија, Катар, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Израел… Сега кога Русија настапи (се разбира, не од хуманитарни или алтруистички побуди, туку поради сопствени геостратегиски интереси) почнува вистинската информативна војна (која Русите по правило ја губат и стануваат виновници и за тоа што го сториле и за она што го сториле другите). Не е важно што токму кога руската авијација се обвинува дека не ги цели постројките на Исламската Држава (онаа истата која се прошири и засили во времето на американското нежно бомбардирање), во Авганистан е погодена болница.

Од ден на ден се чини дека светот е сè поблиску до глобален судир со несогледливи последици. Сето она што на крилјата на надежта го донесе крајот на Студената војна е дел на далечен сон. Крајот на биполаризмот беше означен со триумф на Западот (главно НАТО и САД), па логично е за последиците од воените интервенции во периодот до повторната консолидација на Русија, да биде ставено на нивна сметка. Токму затоа прашањето на Путин беше на место: „Свесни ли сте што сторивте?“ Употребата на сила без авторизација на Советот за безбедност, а под изговор на „одговорноста да се заштити“, стана прифатлив милитантен хуманитаризам. Хегемонот си зема право да одлучува која земја е демократска, па дури и што е демократија. Смената на режими со преврати е стар американски изум, но сега само се помести од Латинска Америка на други континенти. Извозот на демократија, „милом или силом“, е она што донесе крвопролевања и жртви за кои се велеше дека се прифатливи (Олбрајт остана запомнета со изјавата дека смртта на половина милион ирачки дечиња под петгодишна возраст поради санкциите била тешка цена, ама вредела.)

Ако некому може да му се верува кога ги анализира состојбите на Блискиот Исток, тоа е Роберт Фиск (новинар на лондонски „Индипендент“). Зборувајќи за Арапската пролет, тој со право посочува дека во 2011-та арапскиот свет почна да се буди и спротивставува на елитите (лојални на западните центри, а деспоти кон граѓаните), но дека западното инволвирање имаше за цел да ги земе работите во свои раце, т.е. смената на режимот да не донесе и смена во поглед на нивното пресудно влијание во регионот и неговите ресурси. Оттука „демократската опозиција“ почна да добива тренинг од ЦИА и стана вооружена до заби. Друга важна работа на која укажува Фиск е дека Арапската пролет не го дигна знамето на Француската револуција, како што прикажуваа западните медиуми. Во огромен број побунетите бараа враќање на своето достоинство и интегритет преку раскинување со наследството што пред сто години им го остави Сајкс-Пико договорот, со кој арапскиот дел од Отоманската империја беше поделен како плен помеѓу европските колонизатори. Ослободувањето на духот од шишето донесе дух на промени и неизвесност, но не нужно и демократија. Фактички, секаде каде што се славеше демократизацијата денес владее пекол полош од оној под тираните (како што ги нарече Обама во говорот во ОН).

По сè што се случи и сè уште се случува, логично е (иако богохулно за апологетите на либералниот империјализам) да се праша: дали демократијата е преценета? Се разбира, имплантирањето на демократија преку ноќ не може да даде позитивни резултати – впрочем, тоа го покажува и македонското општество и сите од регионот кои станаа инстант-демократии, и тоа под силно покровителство на меѓународните стејтбилдери. Во арапскиот свет тоа беше уште поневозможна мисија, а двојните стандарди во однос на победниците на демократските избори, т.н. меѓународна заедница (што во превод значи САД и западните сојузници) најдобро го манифестираа кога изборот не им беше по волја (како во Палестина или Египет, за Чиле и да не зборуваме). Падот на Садам, заедно со грозоморната тортура врз Гадафи, некогаш сојузници, па дури и финансиери на изборните кампањи на Западот, донесоа распаднати држави, неброени страдања и жртви (бидејќи Американците ги бројат само своите загинати, а останатите се „колатерални жртви“ кои тие можат да ги прифатат како цена за демократијата). За да се даде одговор за цената на демократијата и за тоа дали од крв може да се роди нешто добро, доволно е да се потсетиме и на нашето (југословенско) искуство. Дали стотиците илјадници загинати, илјадниците инвалидизирани, раселени и изгубени генерации вредеа за овие осиромашени и корумпирани парадржави? Мислам дека е платена преголема цена – живиот човек има шанси да се бори за подобар живот, но не и мртвиот.

Во орвелијански говор, Обама логицираше: ако во Сирија постоеше демократија, тогаш народот немаше да протестира против Асад. Таму каде што постои демократија, таму нема насилство или револуции. Всушност, она што САД го прават со години е одбележување на недемократиите, по што сосема легитимно стануваше да се организира (обоена) револуција и/или насилна смена на власта, дури и со крајно десничарски елементи. За американското разбирање на демократијата секоја политика на бесплатно здравство или образование е популистичка, секоја политика на национализација на националното богатство (нафта, вода или гас) е недемократска и треба да се престрои согласно принципите на неолибералната догма. Секоја воена интервенција значи профит и моќ за оние кои ја извезуваат демократијата, колку повеќе распаднати држави, толку поуспешен бизнис. Во говорот Обама покажа и блага доза на самокритика: Либија била грешка, ама не затоа што била разурната, туку затоа што била препуштена сама на себе без меѓународно покровителство. За Ирак не кажа ништо, ниту за Авганистан. Во однос на Злото, примат сепак доби Асад, без да каже збор за ИСИС – чудовиштното чедо на интервенциите и будењето на сектаријанизмот и радикализмот во исламскиот свет. Токму затоа, исходот на кусата средба меѓу Обама и Путин беше во договор за т.н. деконфликтуализација (новоговор) – координација за избегнување на „пријателски оган“. Дури ни ИСИС не успеа да ги приближи двајцата императори, предводници на двоглава коалиција која води кон глобална апокалипса.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Chip Somodevilla/Getty Images