Балканскиот бауч како изговор

Тешко е и од теориски и од практичен аспект да се коментира нашево чудо од влада: овде и опозицијата стана власт, а сепак ништо битно не се смени. Големата четворка цврсти ги држи конците и не дозволува ни помисла за нов изборен модел или нова политичка опција (видете ги само скандалозните решенија околу медиумската презентација на „партиите од власта и од опозицијата, и помалите парламентарни и вонпарламентарни партии“). Кога во светлина на ова ќе се погледне новата канадска влада, нормален човек сфаќа колку е темен овој вилает и дека овде нема шанса да дојде 2015 година (тоа беше одговорот на Трудо на прашањето за составот на неговата влада). Таа е најрепрезентативната влада што некогаш сме ја виделе: половина од кабинетот се жени, и половина од министрите се атеисти; во неа има не само припадници од различни етнички групи, туку и лице кое било бегалец. Двајца министри се лица со посебни потреби (еден е во количка, а колешката е слепа). Има застапеност по возраст; има буквално сѐ, дури и астронаут, ама најважно има легитимитет. И ја побива тезата за смртта на мултикултурализмот!

Да се вратиме ние на Балканот каде немир предизвика изјавата на Ангела Меркел дека затворањето на границите на Германија за бегалците ќе доведе до обновување на војните на Балканот. Се разбудија новинарите и побрзаа да ги консултираат експертите, и тоа ширум регионот: дали е навистина можна нова безбедносна криза? Мнозина го посочија „мекиот стомак на Европа“, што ние го знаеме под името „буре барут“. Лошите сценарија се објаснуваат на следниов начин: запирањето на протокот на бегалци кон Германија и остатокот на ЕУ ќе создаде неодржлива ситуација во која овие држави, кои уште не расчистиле ни со наследството од недамнешните војни ни со нетрпеливоста, повторно ќе се судрат поради напливот на бегалци кој нема да можат да го контролираат. Во многу ситуации Меркел се покажа како способен (па и единствен) лидер во ЕУ, но оваа изјава беше првенствено за домашната употреба – требаше да ја убеди јавноста во исправноста на нејзината досегашна политика на добродошлица. А, баучот на Балканот очигледно не ја изгубил својата „привлечност“, особено за медиумите и за оние кои си поигруваат со стравови, стереотипи и општа параноја.

Поради јазичката еквилибристика и политичките хокус-покус потези кои во последен миг требаа да создадат чудо, извештаите на Европската комисија за прогресот на земјите од т.н. Западен Балкан изгубија суштинско значење и кредибилност. Во напишаното, извагано и пеглано до бесвест, веќе не веруваат ни оние кои го напишале, ни оние на кои им е упатено. Но, шоуто на европската интеграција мора да продолжи, по инерција и поради очајничката потреба да се одржи во живот, дури и со инфузија, „најуспешната европска политика“ – политиката на (наводно) проширување. Особено затоа што на другите полиња ЕУ доживува колосален неуспех… Ако изјавата на Меркел се стави во контекст на европскиот извештај, логично се наметнува прашањето: ако војната е можно сценарио, тогаш за каков прогрес станува збор? Кој кого залажува? Ако и по 20 години европеизација бегалците можат да ги разбудат старите страсти, тогаш е ред да се признае дека реформите и не биле толку успешни. Објективните аналитичари од поодамна тврдат дека ЕУ престанува да биде супер-его на државите кандидатки во моментот кога стануваат полноправни членки. Политиката на условување не е можна кон оние кои се внатре! А тие кои се надвор сѐ почесто сфаќаат дека ниту ЕУ е каква што се претставува, ниту интеграцијата е реална опција за барем деценија или две. Но, по навика и поради неспособноста да се замисли/проектира иднина без ЕУ (и НАТО), реториката останува иста: посветени сме на евроинтеграциите, ние немаме друга алтернатива. Во меѓувреме, ЕУ глуми дека има кризен менаџмент, односно план за решавање на бегалската криза. Како вонредна вест (breaking news) беа лиферувани фотографиите на „дури“ шест сириски семејства кои, наместо по балканската рута, беа директно пренесени од Грција во Луксембург. Да не е патетично и трагично би било смешно!

Свесни за својата некадарност, неединственост и себичност, антиципирајќи го растот на крајната десница, сега посегнуваат по веќе испробаното средство: портретирањето на лошиот Балкан и застрашување со нови конфликти во проколнатиот регион. Балканот воопшто, а посебно т.н. Западен Балкан (делот кој нема ни теориски шанси да се интегрира во догледно време), е навистина во лоша кондиција од секој аспект. Неговото претворање во „европска Газа“ во која ќе се стационираат луѓе без елементарни услови за достоинствен живот е навистина рецепт за катастрофа. Хуманитарна катастрофа! Не само што државите (ќе) стануваат уште послаби: владите ќе имаат проблем да балансираат помеѓу барањата на граѓаните и она што им го наложува ЕУ. Овде навистина ќе почне да се умира – не од калашњикови, туку од беда, болести и студ. Овде ќе има тивка „војна“ не помеѓу раскараните народи, ниту меѓу нив и бегалците. Насилните елементи се веќе дел на структуралното насилство вградено во европските решенија за кризата кои имаат за цел да го сочуваат „центарот“ од она што се случува на „периферијата“. Во новоговорот на ЕУ се користат термини како „технички средства“ (за бодликава жица) и „привремени транзитни центри“ (логори). Тие се параван за опасни и нехумани политики. Нема тука ништо ниту привремено ниту транзитно, а политиката на успорување на движењето на бегалците е еуфемизам за нивно селектирање, задржување или депортирање.

Меркел сакаше да ги амортизира ударите на расистите и ксенофобите во редовите на нејзината партија. За да не го изгуби ореолот на „Mutti Angela“, но и да не отстапи од позната теза за смртта на мултикултурализмот, таа купува време додека не почнат да функционираат новите мерки, кои предвидуваат изградба на т.н. hot spots и јакнење на контролно-репресивната функција на Frontex. Периферијата на ЕУ се милитаризира, устројувајќи се на начин кој значи пацификација на бегалците преку дисциплинирање, а со цел да се сочува социјалниот мир во центарот. Балканот се злоупотребува како во старите времиња, па ако нешто лошо и навистина се случи, тоа ќе биде во рамки на очекуваното. Наместо да го патронизира Балканот и со него да ги плаши малите дечиња во срцето на ЕУ, Меркел и нејзините колеги треба да се соочат со бранот на ксенофобија, антиисламизам, но и фашизмот кој ја покажува својата глава (видете ги вестите за нападите врз бегалските центри). Стравот од нов, и навистина страшен воен конфликт е реален, ама неговото извориште не е Балканот, и покрај сиот свој историски багаж. Затоа, фрау Меркел и компанија треба малку да погледнат во сопствениот двор. Балканските војни никогаш не биле само балкански, а нивните ефекти биле светски. А предупредувањето за судири на Балканот, кога доаѓа од устата на толку влијателна личност, лесно може да стане самоисполнувачко пророштво: некои ќе го сфатат како можност, а не како закана.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: © Francois Lenoir/Reuters