Левица

Чуден народ сме ние! Страдаме од пасивно-агресивно однесување, ако смеам да употребам стручен термин од област во која сум аматер. Веќе 25 години се однесуваме како жртви, додека со прст покажуваме на политичките елити кои не доведоа до ова дереџе. За време на избори, голем број граѓани си клекнуваат на брашно и гласаат за едните или другите (ентузијазам покажуваат само партиските војници, другите гласаат негодувајќи и одбирајќи помало зло). Мнозинството и натаму апстинира, поради сосема загубена надеж дека нешто може да се смени (пробале и со едни и со други) или/и целосно изгубиле интерес за политиката. Добар дел се жали што нема (подобра) алтернатива, објаснувајќи дека апстиненцијата е сепак политички став. И кога ќе се навести појава на нов политички субјект, почнува нов циклус на кукање: „сите се исти“, „има премногу партии“, „немаат шанси“, „без пари џабе“ (кој ли ги плаќа и со каква намера? – е следното прашање, на кое одговорот е малициозен). Не ја знам политичката програма на Левица, но треба да добијат шанса да ги изнесат своите убедувања и дека тоа ќе знаат да го артикулираат на вистински начин.

Деполитизацијата на политиката е рак-рана на современоста и е глобален феномен кој ги отуѓува граѓаните од политиката и политичарите. Идеолошките разлики меѓу партиите бледнеат, бидејќи неолибералниот консензус е рамката која не смее да се надмине. Затоа партиите меѓу себе се разликуваат како Кока-Кола и Пепси. ТИНА принципот (There Is No Alternative, не постои друга алтернатива) е не само доминантен, туку и го гуши секој обид да се замисли поинаков свет заснован на социјална правда, деалиенација и одржлив развој. Секој кој и за милиметар ќе отстапи од оваа матрица се прогласува за радикален и/или за опасен/евтин популист. (Патем, токму додека иницијаторите го обзнанија формирањето на Левица, недалеку од нив се одржуваше конференција за популизмот во Македонија и Србија како закана за либералниот консензус; иронично, но до неодамна дел од учесниците се повикуваа на „ние, народот“ (Граѓаните за Македонија), тврдејќи дека се предвесници на ново поимање на политиката која им се враќа на граѓаните. По Пржино, нештата се сменија – односно, останаа исти како и порано.

Не е вистина дека простор за нови партии нема. Граѓаните порачуваат дека им е преку глава од партии кои ги лажат и крадат. Партиите, пак, затоа се маскираат во вид на движења, па дури и тврдат дека не се борат за власт (што е првокласен нонсенс!) само за да стекнат доверба. По падот на социјализмот, левата идеологија беше толку дискредитирана и успешно заменета со нова политичка религија, што стравот да се биде „црвен“ е присутен и кај наводната левица. Во развиените земји (а уште повеќе во периферијата на тој свет) масовни движења и препородени партии ги доведуваат во прашање светите постулати на политиката, поради умирањето на социјалната држава, растечкиот милитаризам, длабоките социјални разлики, еколошката деградација и сл.(Се разбира, паралелно јакнат и оние засновани на ксенофобија, екстремизам, шовинизам и национализам.) Протестните движења се дел на нормалната демократска политика, но се најчесто фокусирани на конкретно прашање; она што ги одликува најновите е нивната фрустрација со целиот систем, и се насочени токму кон оние кои се избрани на демократски избори. Ова е сигурен знак за кризата на демократските институции, вклучително и на изборите и особено на партиите. Но, искуствата покажуваат дека излевањето на гневот на улиците, без стратегија и без јасна цел, е јалова па и контрапродуктивна работа.

Пред само една година се случи нешто крајно невообичаено за летаргична Македонија: студентите, а потоа и многу други, го дигнаа гласот. Се тргна од образованието, но набргу да се испрати пораката „Ова е само почеток“. За миг се создаде верба во граѓанската партиципација, а некои повикаа дека „има живот и после партиите“. Најголемите ентузијасти поверуваа во „пролет во декември“. Без оглед што очекувањата беа изневерени, движењата незрели, а партиите премачкани со сите масла – сепак, се стекнаа позитивни искуства. Граѓанските активисти се соочија со дилемата: дали да остане врзан само со хоризонталното организирање и улично дејствување (и да се самомаргинализира препуштајќи им го јавниот простор на партиите) или треба да најде начин на комбинирање на хоризонталното со вертикалното организирање заради менување на системот и одоздола и одвнатре. Впрочем, и примерите како оној на Подемос (па и Сириза, колку и да се искомпромитира), но и на Лабуристите под Корбин, покажуваат дека модерната политика не може да биде „или-или“ помеѓу институционалните и вонинституционалните форми на дејствување, туку нужно се трансформира во „и-и“. Дел од активистите заземаа став дека не е време за битка за власт – и продолжија со читање книги за револуцијата; другите се зафатија со потешкиот предизвик.

Сега се случува нешто толку предвидливо: уште не застанати на нозе, без да ги слушнат нивните политички ставови, ги прогласија за лузери или за предавници. Настрана што младата партија (и по возраста на иницијаторите и по стажот) мора да се соочи со огромни административни пречки (правила создадени во консензус меѓу големите играчи, кои не ги сакаат „случајните минувачи во политиката“, но за секој случај им ја отежнале постапката за влез на рингот). Низ медиумите и социјалните медиуми тивко, но видливо се лиферуваат дефетистички пораки дека „експертите и граѓаните“ не веруваат во нови партии. Навистина, Македонија не е ни Грција, ни Шпанија; не е земја со граѓанска политичка култура. Бајракот на Левицата денес го носат нови генерации, на кои им се наметнува бреме за кое не се одговорни, а тие што произлегоа од СКМ се амнестирани. Никој нема да се осмели да каже дека капитализмот треба да се забрани затоа што изнедрил фашизам (кој за жал не е сосема елиминиран), но пропагандата го направи социјализмот табу-тема, валкан збор. Денес ниту една партија нема така јасен и некамелеонски идеолошки предзнак како Левицата во настанување. За таквиот чесен и храбар пристап заслужуваат почит и шанса. Но, и затоа што не дозволија пасивно-агресивното однесување да продуцира изразување незадоволство со протести кои завршуваат со капитулација и отстапување од радикалните барања. Ако партии можат да се прикажуваат како граѓански движења, тогаш зошто од движење да не настане партија? Патот ќе биде долг, но никој не очекува политички фаст-фуд. Противници (ќе) има многу: од сите партии и нивните НВО ешалони, до „меѓународната заедница“ која во стејтбилдингот не предвидела автентично движење кое од левичарски позиции ќе ги преиспитува копилињата наречени Рамковен (племенски) и Пржински (инвалидски) договор, но првенствено нивната заедничка неолиберална основа. Се надевам дека во Македонија, за почеток, постојат барем 1000 граѓани кои знаат дека левата идеологија не само што не е мртва, туку е и нужна.

Напишано за Нова Македонија