Liberté, égalité, fraternité!?

Поради големиот број жртви и начинот на кој беа изведени, терористичките напади во Париз веќе создадоа претстава за „европски 11 септември“. Суеверните добија фактичка потврда за злокобноста на петок 13-ти, а исламофобите за опасноста од бегалците. Политичарите добија уште една можност да застанат одлучно и да порачаат дека ќе одговорат безмилосно на секоја закана против демократијата и „нашата цивилизација“. Медиумите добија доволно крвава приказна од срцето на Европа за да исполнуваат страници и програми, и да го свртат вниманието на јавноста кон еден настан – без притоа да се направи обид за анализа на контекстот. Обичните луѓе се повторно во веќе виден „филм“ на лажна солидаризација: неверојатно е колкав број луѓе почувствуваа потреба да кажат дека го сакаат Париз (Франција), да ја стават француската тробојка на себе, макар и симболично со аватар на социјалните мрежи. Голем број градови се осветлија во боите на тробојката, па и Скопје не остана покусо. Се разбира, на малкумина им паѓа напамет на ист начин да покажат почит за невините жртви во Бејрут, кои загинаа на сличен начин само ден порано. Колку што е поголем бројот на загинати и колку што е подалечна од Западот дестинацијата на која гинат – толку е поверојатно дека ќе се сметаат за статистика, за нешто за што нема ни сочувство да се изрази, ниту боите на тоа знаме да се во мода.

Се разбира, нормален човек не може да остане индиферентен пред масакр, и сосема е нормално да се почувствува вознемиреност и тага. Затоа, кога велам „лажна солидаризација“ не велам дека се сомневам во искреноста на оние кои велат „сите сме Парижани“. Мнозина од нив искрено веруваат дека Французите ни се културно блиски, или барем поблиски од Либанците. Но, факт е дека јавноста е селективна во споделувањето на своите емоции кога станува збор за цивилни жртви, дури и кога им се пред портите. Оттука и стравот дека емоционализацијата на еден дискурс наспроти друг и колективната идентификација само со париските жртви (ќе) значи колективна осуда на оние „другите“. Целата атмосфера потсетува неверојатно на реакциите по американскиот 9/11. На само еден месец по нападите бев на конференција во Балтимор и можев да го почувствувам тој дух, внимателно негуван од СNN, Fox, и другите медиуми, уште при стапнувањето во аеродромските згради. Не помина долго, а САД навистина возвратија жестоко врз оние кои ги нападнаа „нивните вредности“ – и не застанаа само на Авганистан, тогаш една од најсиромашните земји на светот. Она што со загриженост го зборував со колегите дека сето тоа може да заврши во нов циклус на воени интервенции од кои ќе се збогати воено-индустрискиот комплекс, а ќе загинат милиони невини цивили, се покажа точно. Зборовите на Оланд се ехо на оние на Буш од 2001-та, особено дека одговорот ќе биде безмилосен. Солидарноста на западните земји и нивните партнери е зацементирана, а можностите за преземање „вонредни мерки во вонредни околности“ се ширум отворени – и тешко на оној кој ќе се осмели да ги стави под знак на прашање. На ден-два по нападите, по насловните страници за „војната“ и масакрот, веќе порачуваат дека виновникот треба да се бара меѓу лажните бегалци. Толку предвидливо, толку жално предвидливо. По социјалните мрежи се шири слика на Ајфеловата кула модифицирана во знакот на мировното движење, па човек не може да не се праша: зошто сега? Каде беа ваквите знаци и симболизам кога Франција тргнуваше во воени походи, сама или заедно со сојузниците?

Деновиве е пожелно да се пее Марсељезата или да се извикува слоганот на Француската револуција – liberté, égalité, fraternité. Точно е дека нападите биле смислени за да удрат по темелите на општеството. По тоа париските напади наликуваат на оние од 9/11, иако таму изведбата беше поинаква (но, подеднакво изненадувачка). Овој напад е можеби и потраорен, бидејќи ударот на Светскиот трговски центар и Пентагон симболизираше удар на естаблишмент, на центри на моќ, додека во Париз целите беа долу, во ткивото на општеството, вклучително и во она што ЕУ ја прави историски значајна (симболиката на пријателскиот фудбалски меч меѓу Франција и Германија). Тоа не смее да се запостави, но ќе биде ли невкусно во ваков миг да се праша: што навистина стана со идеалите на Француската револуција? Особено, во поглед на еднаквоста и братството… Франција не е исклучок, туку типичен претставник на денешните демократии во кои можете да уживате безброј индивидуални слободи, но нема да бидете социјално еднакви, со еднакви можности, и со чувство на братство со другите човечки суштества. Иако ќе ме осудат за непристојност, сепак ќе споменам дека Западот, а со него ни Франција не е невина првенствено во однос на непочитувањето на вредностите врз кои се колне кога станува збор за сопствената популација, а потоа и кон оние другите. Социјалната депривација, експлоатација, битка за ресурси и трговија со оружје – тоа се нешта кои не само што немаат врска со идеалите на братството и еднаквоста, туку и се нивна негација. Затоа сум сомничава секогаш кога се пее химна, се завиткува во државно знаме и извикуваат слогани за идеали кои непречено се кршат. Поучени од минатото би требале да сме внимателни во однос на тоа кон кого и што се изразува гневот, бидејќи за слободата, еднаквоста и братството поголема закана од џихадистите е јакнењето на крајната десница. Малкумина прашуваат за целта на нападите во Париз, кој профитира од нив. Најмалку профитираат бегалците, тоа е барем јасно и без завршена истрага на француското обвинителство. Тие се колатерална жртва која сега сите полесно ќе ја проголтаат, во име на заштита на западните вредности. Мнозинството бегалци се само луѓе, ни светци ни ѓаволи, но факт е дека бегаат токму од убијци како париските. Орбанизацијата веќе не е феномен кој се врзува за нелибералните демократии од нашиот регион, туку за ЕУ. Прашање на време е кога тој ќе биде јунакот кој ќе рече „нели ви реков?“ Европа се подготвува за уште поголеми ѕидини и за депортација на бегалците токму под ножот на кољачите.

Малку се разумните гласови, а еден од нив е во стихови: „Доцна во ноќта го држев атласот в скут, и минав со прстите по него шепотејќи: каде боли? Тој одговори: насекаде, насекаде, насекаде!“ Сè додека животот на француски тинејџер кој загинал на концерт не стане подеднакво вреден како и оној на либанскиот, не може да се зборува за братство – освен ако братството го замислуваме затворено во (не)видливи ѕидини. Сочувството за жртвите во Париз не смее да се условува со сочувство за останатите жртви, но не смее ниту да биде знак за поддршка на политика која веќе доведе до многу поголеми трагедии ширум светот. Ако веќе споменуваме славни Французи кои го задолжиле човештвото, да се сетиме и на изреката на Монтескје: „Французин сум случајно, човек сум нужно“. Можеме да се наметнеме со тробојката случајно или симболично, или со некое друго знаме, но луѓе сме – треба да бидеме – нужно.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: PASCAL ROSSIGNOL/Reuters