Маската на „нормалноста“

Искушението да одговорам на обвинувањата дека со минатонеделната колумна сум ги оправдувала терористичките акти во Париз (и тоа од националистички побуди!?) или потребата да се осврнам на подгреаните тези за федерализација, овој пат нема да ме дефокусираат и спречат да напишам нешто што одамна го имам на ум. Аждерот на политиката е ненаситен: се наметнува како најважен, бара внимание, ја исцрпува сета енергија. Така, многу значајни теми се постојано потискувани; секогаш нешто друго е поургентно од обичните човечки болки. А проблемите на менталното здравје, психичките пореметувања, стигматизацијата и исклучувањето на луѓето кои страдаат, е нешто што виси над нашите животи дури и кога пред нив затвораме очи и уши. Додека не се случи нешто драматично, како настанот со мајката која го фрли своето дете од четвртиот кат, а потоа и самата се обиде да се самоубие. Типично за нас, првичната вознемиреност, набргу ја замени дискусија на два колосека. Првиот (фолклорен) дискурс се водеше врз основа на озборувања и „сведоштва“ на соседите (дадени пред камери); понатаму на социјалните мрежи се конструираа најразлични верзии за брачните односи, за свекрвата и снаата, за семејно насилство итн. Индикативни беа изјавите од типот „тие беа сосема нормален пар“/„таа оставаше впечаток на сосема нормална личност“. Заклучокот сепак беше дека станува збор за мајка-монструм. Вториот (политички) дискурс се водеше околу неспособноста на полицијата, спасувачите, пожарникарите и душекот – и конечно, за одговорноста на власта. Дебатата згасна со информацијата дека детето и мајката преживеале. Престанаа да бидат тема или предмет на општествена грижа сега кога се „релативно добро“. Како што малкумина ќе се заинтересираат за причините, уште помал број лица ќе се прашаат за иднината на овие луѓе. Сè до наредниот случај кога некој ќе „пукне из чиста мира“…

Колку и да е важна реакцијата на спасителите, многу поважно е прашањето за причините поради кои нормални луѓе да постапуваат ненормално. Се разбира, не мислам на нормалноста како на припаѓање на просекот, прилагодување на медиокритетските стандарди кои се наметнуваат од најрани години (за жал, најчесто преку образованието). На ум го имам проблемот на менталното здравје, за психичките проблеми и менталните болести, проблем за кој секогаш мислиме дека тоа им се случува на другите, тоа не сме ние „нормалните и силните“. Овие болести се најдобро чуваните семејни тајни; речиси секое семејство има таква тајна, но чини сè да ја прикрие. Општеството не само што нерадо се занимава со овие проблеми, туку и стигматизира и дискриминира. Еднаш означени како болни, тие луѓе престануваат да бидат личности со дигнитет. Затоа, препуштени сами на себе, и од страв од околината, од ден на ден, мнозина глумат нормалност – што е исцрпувачка сизифова работа. Да се признае ваква состојба бара огромна храброст, а за жал мнозина веќе немаат сила самите да ги преземат потребните мерки и се препуштени на милоста и немилоста на околината. Кога проблемот ќе избие на површина, сите глумат изненаденост. Зафатени со криењето на сопствените проблеми, навикнати сме на слепило и кон очајот на другите.

Болката предизвикана од менталните болести се крие полесно од физичката болка, таа е навидум помалку драматична од физичката, но е далеку пораширена одошто мислиме, бидејќи не е видлива и немаме трпение ни способност да ја слушнеме, дури и кога е покрај нас. Тајновитоста е исцрпувачка – проблемот се крие од сите од страв дека ќе бидеме осудени како слабаци кои само бараат сожалување и внимание. Стравот е уште поголем при помислата како минуваат сите оние кои околината ги смета за „лудаци“ и како ги лишува од дигнитетот. А токму тоа и се случува: налепувањето на стигмата на „лудак“ или „будала“ (народски кажано) е многу полесно одошто обидот да се разбере, да се покаже емпатија или да се откријат индивидуалните или општествените причинители. Ваквите проблеми ги криеме и од своите брачни другари, и од своите деца/родители. За силна личност се смета онаа која е тивка, иако можеби се препушта на тивко страдање и секојдневно умирање. Чувството на срам е силно – Јунг вели дека срамот е емоција која ја разјадува душата. Менталните проблеми се попреченост којашто зазема водечко место во светот. Се верува дека депресијата и сличните проблеми ги погодуваат најчесто припадниците на средната класа и тоа во развиените општества, каде што одењето кај „шринк“ е налик на одење на козметичар. Толкувањата се дека сето тоа е производ на стресот, брзината на живеење, на фрустрациите кои произлегуваат од напорот да се постигне се во кус временски период, немање квалитетно време за себе и блиските. За сиромашните никој и не се грижи: од нив не се очекува да бидат среќни, за нивното ментално здравје никој не се ни грижи да го оцени, па и самоубиствата во тој слој се разбирливи/прифатливи. Но, кога ќе се зголеми бројот на лица со ментални проблеми во класата на социјално обезбедени, тогаш проблемите стануваат субјективни, необични и вредни за какво-такво внимание.

Кај нас ова прашање воопшто и не е тема, иако дијагностицирањето на „лудаци“ е колективен спорт во политичката арена. Само во тој контекст ќе слушнете дека „оние“ се психопати, социопати, лудаци и слично. (Посебен случај е оној со „Скопје 2014“, благодарение на што добиваме и колективни дијагнози од гости-интелектуалци, посетители од надвор дека сме шизофреници). Оттука се одомаќинува уверувањето дека тие се болни или сите сме болни, а земјата е ментална болница и сл. – па штом сме немоќни, нема потреба да чиниме нешто, освен да заминеме или да ја смениме владата). Тоа не само што е стигматизација од посебен вид, туку и не помага во подигнувањето на јавната свест за менталните проблеми. На индивидуално ниво тоа се превидува како проблем, дури и од борците за човекови права. Ретко кој не посегнува по седативи (или алкохол), но медицинската помош не е вообичаено да се побара. Иако е крајно нехумано лице со ваква попреченост да се остави без медицинска помош и терапија, веројатно има и други причини зошто тие не се користат: сцените од клиниките и болниците се налик на хорор филмови. Ова е најзапоставената гранка на здравствениот систем, а пациентите – заборавени од луѓето, бога и државата. Менталните проблеми се и општествено индуцирани, и Македонија не е исклучок. Но, политичкото или општественото окружување не е исклучив причинител; на нив влијаат и биолошки и психолошки фактори. Додека се бориме за подобро општество во кое ненормалното и нехуманото нема да станат прифатлива норма, не смееме да ги заборавиме индивидуалните жртви по патот. Тие не се колатерална жртва, туку суштества на кои им требаме. Менталните болести не се ни избор, ни грев, ни злосторство. За нив луѓето не смеат да бидат казнувани, како што не ги казнуваме болните од дијабетес или Алцхајмер. Во инакви околности, можеби и шокантниот настан со мајката и детето немаше да се случат.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: shironosov via Getty Images