95 години самотија

Речиси е непристојно во време на тотално помрачување на умот да пишуваш за 95-годишнината на Филозофскиот факултет, нуклеусот од кој се создаде Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ). Македонија е доведена до амбис: среде најдлабока уставна политичка, економска и морална криза; со медиуми кои се дават во сопствената клоака и слават смрт на стар новинар; политичко-сатирична емисија финансирана од странски фондови во која јунак и жртва (на наводна цензура) е токму ликот кој е олицетворение на моралното дно на опозициското новинарство (откако посакуваше смрт на жив човек, денес се радува за смртта на човек кој зад себе оставил многу); меѓуетничките односи се повторно влог во битката за власт; надворешните граници се опколуваат со бодликава жица, расте паранојата, па и подготвеноста за ангажирање воени сили за заштита од бегалци и мигранти. Академска заедница – нема! Без реакција, без апел или морален став.

Како ова да не е доволно само по себе, токму пред прославата, универзитетот се најде под (доброволна, побарана – од кого?) опсада на полициски сили. На тоа му претходеше расчистување на теренот предвиден за градба со сечење на дрвјата пред „носот“ на Ректоратот во два часот по полноќ. Реагираа група студенти и помал број професори, т.е. оние кои речиси и не престанаа со активизмот од минатогодишните протести против атакот врз универзитетската автономија (или поточно, она малку што остана од неа). Иако задоцнета, ова сепак беше некаква реакција, некаков знак на живот и бунт против насилството во сопствениот двор. (Плановите за барокните згради на два факултета беа обзнанети многу порано, ама благовремена колективна реакција изостана: а на поклонет коњ (владини пари) не му се гледаат недостатоците. Во деновите кои следуваа се направија обиди за дијалог и потрага по заеднички договор внатре, меѓу членовите на универзитетот (новиот министер за внатрешни работи се уште трага по информациите кој побарал полициска интервенција). Но, вирусот на делба и меѓу факултетите и помеѓу студентите и професорите одамна го зафати целиот организам. Универзитетските челници се држат за она „молчењето е злато“ и „јас не сум (од) овде“. Мој колега направи очајнички напор, испраќајќи емаил порака до сите вработени со потсетување на она што Факултетот го запишал за себе: „Новата мисија е да одговориме на сите предизвици кои ги донесе новото време, да му обезбедиме светла иднина на нашиот факултет во новиот милениум, да се приспособиме за доброто на нашата земја. Младите генерации бараат нова визија, која ние веќе ја имаме. Одбраната на трајните вредности е наше начело, наша мисија. Чувањето на традицијата на Филозофски факултет, која ја создавале многу претходни генерации е нашиот долг.“ Колегата апелираше дека не смееме да останеме без став кога и физичката автономија е загрозена од специјалци, а сите ние ставени во позиција на сомнителни и опасни елементи заради кои полицијата се распоредува превентивно. Неговата порака се одби од ѕидот на молкот (исто како и мојата со која апелирав собирање хуманитарна помош за бегалците). Преку медиумите, за жал оние без голем досег до јавноста, проговори мојот стар професор Шкариќ, порачувајќи дека сликата на универзитетот е слика на вонредна состојба, при што не е јасно кого чуваат полицајците (ректоратот или правниот факултет) и од кого (од студентите и професорите?).

На прославата (во најскапиот хотел) не отидов; не се чувствував славенички, иако сиот академски живот, четири децении од студент до редовен професор, минав на УКИМ. Ваквите датуми ме депримираат, бидејќи се потсетници на изгубени илузии. Иако поканети, не отидоа ни хигиеничарките кои со месеци не го примиле бедниот надоместок што им следува. Од фотографиите, снимките и по некое интервју коишто беа прикажани јасно е дека и најстариот универзитет ја следи државата во чекор, почнувајќи од инвенцијата на традициите (со традиција која почнува и од 1920 и од 1946 година). Неговиот јавен статус нема врска со научните и образовните постигнувања (нив едвај некој и да ги знае), ама има многу повеќе со државноста и идентитетот. Зарем е случајно тоа што во првиот ред почесно место имаше поглаварот на МПЦ?! Очигледно, „билдаме“ традиција на тенки основи и со „шорт-катови“. Субјективна сум, имам разбирање за оваа потреба да се покажеме постари и подобри од она што сме. Но, тоа не е изговор да не се прашаме што славиме, каква иднина имаме, каква визија нѐ води, што за нас мислат студентите, слушнал ли светот за нас? Да парафразирам стихови на Блаже Конески, еден од основачите на УКИМ: „95 години – и што е сторено?“ За некои беше индикативно што на прославата не се појавил премиерот и министерот за образование, и што не им била укажана посебна благодарност на професорите кои биле министри или носители на други државни и јавни функции. Тоа што политичари не се појавиле не значи ништо: нивното присуство се обезбедува на друг начин, а не на протоколарен. Освен тоа, зафатени се со формирање на ново коалиционо мезимче, нов државен универзитет на албански јазик во Скопје!

Бракот помеѓу власта/државата и универзитетот (со повремени елементи на семејно насилство) е историја на 95 години самотија. Тоа е историја на видливо отсуство на интелектуална и научна еманципација, како и на меѓународна афирмација. Но, затоа историјата на внатрешни пресметки и византиски игри е богата. Низ годините, највредните и најбунтовните биле острахирани – за да не го нарушат просекот: од времето на проф. Марјановиќ до денес ништо не е сменето. Не е ни чудо што за некои професори врв на кариерата е деканска позиција (имаме и светски рекорд од цели 19 години) или уште подобро – министерска, советничка и сл. Ќе бидам престрога ако кажам дека низ годините немало и подеми, ама се повеќе ми се чини дека сме во слободен пад. Создадени се професорски династии и партиски вработувања. Академските кариери главно се градат до Табановце и евентуално до Љубљана и Софија. Гаснат едни студии (родови) за да се воведат други по вкус на доминантната идеологија (семејни студии). Студентите ни се клиенти, а не колеги; образованието е крајно комерцијализирано, па не е чудно што на докторски студии одат побогатите (меѓу нив и политичарите), а не најумните. Постдипломските студии се рециклираат и умножуваат (професорите се самоклонираат за да предаваат сѐ и сешто), а во основа станува збор за обични тезги; попусто, населението осиромаши, а студентите нѐ прочитаа! По дипломирањето најдобрите заминуваат во странство, бидејќи од нас не можат да очекуваат повеќе и подобро ако овде ги продолжат студиите. Во право се: ние сме заковани во времето и во просторот. Патуваме само на колективни екскурзии организирани од туристички агенции. Пари за меѓународни собири нема, до книги доаѓаме со пиратерија (под услов да разбираме странски јазик), училниците имаат табли, а и маркери ако сме среќни. Секоја чест на ретките исклучоци, но генерално фингираме наука и високо образование. За жал, основи за оптимизам дека нешто ќе се смени за пет години нема, освен што ќе станеме земја со најголем број факултети per capita. Mожам веднаш да честитам цел век високо образование, со надеж дека во наредниот век можеби ќе се случи пресврт… ако се заврти сосема нова страница!

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: wikimapia.org