Магла

Секој роден во Скопје ја знае неговата микроклима (изгор лето – кочан зима), а и маглите се нешто типично за градот сместен во котлина. Највозрасните се сеќаваат не само на тешките магли од она време, туку и на парадоксот: грижа за јавните простори (паркови, улици, детски игралишта), ама и непостоење јавна свест и грижа за животната средина. Впрочем, зарем (Титов) Велес не е најдобриот жив пример за трампата помеѓу развојот и здравјето на луѓето во време кога СФРЈ се индустријализираше и фаќаше приклучок во светската економија? Жителите на Тафталиџе ќе се сетат дека, веднаш по земјотресот, саѓите од топланата паѓаа на прострените бели чаршафи и не само што оставаа трага – туку правеа дупки (што ли дишевме ние, учениците на „Коменски“?). Состојбата низ годините станува се полоша поради урбанизацијата и непланскиот раст: се изградија висококатници коишто ги попречуваат воздушните струења; сега се гради буквално на секое слободно место (вклучително и на Водно). Се стеснува и попречува текот на Вардар со згради, споменици, врби, мостови, галии; масовно се сечат дрвја за повеќе асфалт и бетон. Безмилосно се копачи Шара, кој стигне сече и краде дрва за огрев или продавање. Токму додека ја пишувам колумната е закажан протестен собир поради загадувањето на воздухот во Битола, но многу поголем интерес предизвика веста за 40-тина дрвја исечени среде ноќ на кампусот на УКИМ на местото на кое ќе се издигнат две нови (барокни) факултетски згради. Со оглед на фактот дека ова беше една најавена „смрт“ на зеленилото, а мина без протест од раководството на универзитетот и студентите, протестот е сега не само задоцнет туку и комичен.

За многу нешта околу животната средина покрај властите, соодговорни се и граѓаните. Лицемерни какви што сме протестираме, ама не се откажуваме од возилата дури и за најкуси релации. Улиците се во деноноќна сообраќајна гужва, а во возилата најчесто само еден патник. Сум престојувала подолго во Женева и Копенхаген, и знам дека и на оние кои се сметаат за „господа/госпоѓи“ не им пречи да користат јавен превоз или велосипеди. Кај нас јавниот превоз се смета за нешто што го користат само оние кои мораат т.е. немаат пари за возило или такси. За волја на вистината, стандардот на јавниот превоз е значително подобрен од некогашниот (не навлегувам во проблемите на ЈСП; бесплатното возење на пензионерите и студентите; но, ако се прашувам, земја која фрла пари на тркала, има и за бесплатен јавен превоз). Малиот број индустриски објекти кои ја преживеаја транзицијата велат дека поставиле филтри согласно еколошките стандарди. (Но, замислете како ќе беше да имавме вистинска економија!) Во потрага по причините за смогот, некои укажуваат на старите возила по улиците, а чиј увоз го дозволи оваа влада. Но, која беше алтернативата за население кое возеше уште постари возила, а не може ни да сонува да купи ново? Зборувам како аматер (а не сум ни возач), ама увезените стари возила од Западот се сепак подобро решение од поранешната состојба (освен ако мислиме дека улиците им припаѓаат само на богатите со најнови марки возила). Последната причина која се споменува е загревањето на домаќинствата: се користат нееколошки енергенси, дрва и јаглен, па дури и гуми од стари возила – просто кажано, сè што може да гори и да загрее сиромашно сопче.

Состојбата е алармантна, ама не е од вчера. Нашата склоност кон драматизација особено среде наелектризирана политичка атмосфера е нешто што влијае на тоа кога и за што реагираме. Понекогаш едноставно има магла, особено во есен и зима, не само во Скопје и Тетово, туку и во Загреб, Белград, Сараево. Јавна свест за проблемите постои (иако не е секогаш на исто ниво), но чудна е онаа миопија за проблемите кои нужно ги надминуваат границите. Го видовте ли оној убав поздрав до Македонија од вселената? На фотографијата на астронаутот можеа да се забележат познати конфигурации. Но, гледано одозгора, не се гледаат граници, нации, бодликави жици – се гледа само колку сме блиску едни до други и дека сме дел на нешто поголемо од државата.

Додека се жалиме на загадувањето, едвај некој и да го прокоментира самитот за климатските промени во Париз. Нашите активисти мислат дека не е пожелно токму сега среде пржинска акција за демократизација да се каже дека капитализмот го уништува светот; како да ги навредиме нашите сојузници, побогу? А во Париз не се случи средба само на политичките и други елити (за кои човековото здравје, па и опстанокот на човештвото, имаат помала вредност од профитот), туку и на луѓе од цел свет кои поставуваа „црвена линија“ и бараа одговорност од политичарите, особено од најразвиените земји. Има ли таму и некој наш загрижен активист? Имаше ли таму наши политички претставници?

Денот на човековите права, по обичај, се задржа на политичките; нема ни збор за економско-социјалните или овие од четвртата генерација, како правото на мир и правото на здрава животна средина. Активистите во Париз порачаа: ние сме природата која се брани самата себе! Ако се прашувате од кого (треба да) ја браниме природата (самите себе и нашата Гаја), одговорот нема да им се допадне на неолибералните апологети, кои интересно ќе ги најдете токму во т.н. прогресивни кругови кои ја критикуваат актуелната влада. Природата и ние како нејзин дел сме ресурс, заменлива и потрошлива роба, во очите на најмоќните глобални елити. Турбокапитализмот е главен непријател на човештвото и неговиот опстанок, па затоа секоја битка за почист воздух, вода или храна, не е само битка против неодговорна влада, туку нужно битка против капитализмот. Пред 5-6 години на конференција на Род Ајланд слушав презентација за „еколошка правда“. Студијата на случај се однесуваше на гратче во САД во кое голема фабрика не само што со производството ја загадува средината, туку и депонира штетен отпад. Жителите почнуваат масовно да заболуваат со фатални последици, па покренуваат тужба. За да избегне судење, компанијата вонсудски се спогодува: богато ги обесштетува луѓето, а тие се иселуваат од домовите и одат да се лечат во други делови на земјата. Без запрепастена кога ова беше именувано со неутрален „научен“ назив како еколошка правда.

Нашата ситуација е иста, со една разлика: ние сме заробени на периферијата на капитализмот, во нашата маглива котлина; ударите од општото умирање на планетата сѐ уште не ги чувствуваме директно или не сме свесни за нив. Затоа и не покажуваме чувство за припадност на глобална солидарност, ниту кога се бара заедничко дејствување во име на заштитата на животната средина, ниту кога се бомбардира Сирија. Само кај нас професори на мировни студии се залагаат за НАТО и не дигаат глас ама за ниту една воена интервенција или бодликава жица. Ние и натаму се надеваме дека смената на една лоша власт со друга помалку лоша ќе биде она магично стапче со кое сите магли и загадувања ќе исчезнат и ќе владее вечен мир и благосостојба. А глобалниот часовник отчукува неповратно.

Напишано за Нова Македонија