Мисионерска позиција

Колега од странство ми раскажа анегдота. По враќањето од Скопје, им кажувал на пријателите во Лондон дека дури и улицата „Мајка Тереза“ е преименувана; еден од нив зачудено заклучил: па, тој народ навистина има високи критериуми за великани. Колегата, се разбира, не знаеше дека со менувањето на ликот на градот паралелно се одвиваше иа преименувањето на улиците. Мајка Тереза „изгуби“ една, ама затоа доби друга улица, која води до клиничкиот центар со нејзиното име. А овој народ, а особено неговата власт, како ретко каде во светот, ѝ оддава почит на оваа родена скопјанка и нобеловка. Ширум светот позната како Мајка Тереза од Калкута, иако никогаш не дејствувала овде, таа е Мајка Тереза од Скопје повеќе одошто некој таму би помислил. Интересно, Агнеза Гонџа Бојаџиу доскоро не претставуваше важен симбол или гордост на градот/земјата. (Впрочем, тоа е случај и со најголемиот број ликови олицетворени низ спомениците, вклучувајќи го и оној со уметничко име Воинот.) Во период на големи турбуленции и војни, а и самите на работ на бездната, се чинеше згодно да се обединиме околу лик кој асоцира на хуманост и мир. Мајка Тереза може(ше) да ги обедини Македонците, Албанците и другите. Сѐ започна скромно, и тоа од ентузијасти – сѐ додека на државата не виде полза и не го присвои. Од споменик во близина на нејзиниот некогашен дом и награда за хуманитарци, работите тргнаа по забрзан тек: спомен куќата, именување на Клиничкиот центар, улица, Институтот за социјална работа на Филозофскиот факултет, па сѐ до огромниот меморијален комплекс во изградба (на кој му кумуваше Субрата Рој, а кој ќе го платиме ние). Ах, додека пишувам ми јавуваат дека новиот плоштад меѓу Камени мост и МНР се вика „Мајка Тереза“! Сега уште катна гаража ѝ фали!

Како атеист, немам никакво право да се изјаснувам за тоа кого и како Католичката црква прогласува за светец/светица. Процесот го следеа контроверзии, но тие за нас не се толку релевантни. Многу поважен е секуларниот мит изграден во врска со оваа жена. жива светица уште пред да почине. Кај нас имаше многу забелешки за изгледот на споменикот: неговиот кичерај и грандиозност (наводно) не доликуваат на скромниот лик и едноставниот живот посветен на сиромашните. Велеа, навреда за нејзиното дело е употребата на нечесно стекнат капитал. Но, гледано низ призма на аргументираната критика на Хиченс, овој споменик всушност сосема одговара за жена која беше маркетиншка икона на католицизмот и неолиберализмот, која не одбиваше ни медали ни донации од диктатори и моќници, а средствата одземени од устите на најсиромашните (на Хаити) ги вложуваше во ширење на верата и „куќите на умирањето“ ширум светот. Според Хиченс, со поклонување пред моќниците, злосторници на своите народи и виновници за сиромаштијата во глобални рамки, Мајка Тереза беше продавачка на индулгенции на богатите, додека бедните ги учеше дека условите во кои живеат се дар од бога и треба да се прифатат; сиромаштијата и болестите се добри за јакнење на карактерот, наградите ќе дојдат на оној свет. За разлика од Ганди, кој никогаш не доби Нобелова награда, а кој велеше дека најстрашен облик на насилство е сиромаштијата, таа создаде култ од неа, а смртта и страдањата не беа ништо друго освен сиров материјал за создавање сочувство и донаторство кај западните центри. На доделувањето на Нобеловата награда, таа изјави дека „најголемиот уништувач на мирот на земјата е плачот на нероденото дете. Ако мајката може да си го убие сопственото дете во својата утроба, што ни преостанува нам за да не се убиваме меѓусебно?“.

Зарем ваквиот лик не ѝ одговара совршено на денешна Македонија – ем сиромашна ем конзервативна ем религиозна? Зарем не сме во нејзината омилена „мисионерска поза“: покорни и богобојазливи!? Решението нејзиниот споменик да биде веднаш до хотелот „Мариот“ и да биде опкружен со водопади и магла е толку соодветно! Штета што не е жива: ќе добиеше орден (и) од македонската влада, а за возврат ќе кажеше нешто слично како она од Хаити: дека видела владетел кој си го сака народот и еден сиромашен народ кој си го сака владетелот. Ќе видеше и пример кога се зема од устата на тој народ за да се велича нејзиното дело. Замислувам како ќе се сложеа по многу прашања (како оние за планирањето на семејството, абортусот, хомосексуалците), а најмногу од сѐ дека народот треба да ги прифати условите во кои живее. Можеби ќе имаше мал проблем околу поклонувањето пред споменикот на Голема Албанија, ама во Македонија и тоа се решава коалициски. Не знам само како ќе реагираше на универзитетот со нејзино име, бидејќи таа не само што не беше по науката (особено медицината), туку и го упатуваше своето „стадо“ кон барање спас во бога, а не во рационални решенија за решливи проблеми.

Универзитетот „Мајка Тереза“ ќе започне со работа токму кога таа ќе се прогласи за светица. Така, ќе добиеме уште еден универзитет кој според името асоцира на теолошка институција – покрај сите светци, сега ќе застане и една светица. Одлуката за овој нов универзитет не е само чин на ароганција на власта кога одбележуваме годишнина од масовните протести, туку е знак на цинизам. Дел од паролите гласеа „Ние студираме, вие профитирате!“ Кај нас универзитетите не никнуваат за наука, туку како комерцијални проекти. Ќе финансираме непотребна институција, а родителите и натаму ќе плаќаат за обезвредни дипломи. Некои гледаат сеир: оние кои во 1997 година протестираа против воведување настава на албански на Педагошкиот факултет, сега гласаат за (трет) албански универзитет. Но, не е поентата во тоа! Употребата на албанскиот јазик е апсолвирана работа. Ова е предизборен проект со погубни последици, и еве зошто: Имаме најголем број на универзитети по глава на жител – и најнисок квалитет на високо образование! Најмладиов нема да ја подобри ситуацијата, туку ќе ја влоши. Наместо школи на извонредност, ние негуваме потпросечност и инфлација на професори и дипломи. Професорскиот кадар ќе дојде од новопечените доктори на науки во партиските штабови или во нивните „експертски“ јадра. За ова сме најголеми виновници ние од УКИМ. Покрај докотри на науки кои се неписмени и на мајчиниот јазик, како ли ќе најдат кадар кој знае пристоен англиски!? Странец нема да дојде за плата од 600 евра, па можеби го прифатат оној трик од некои студиски програми: по 10 минути „предавања“ на англиски, ќе свртат на „нашки“. Мизерните услови под кои функционираат универзитетите, кои едвај плаќаат греење и вода, ќе станат драматични. Наместо Одборот за акредитација и евалуација да го затвори сето она што не одговара на стандардите, тие туркаат глава в песок и аминуваат отворање на нов, без никаква додадена вредност; небаре оние на кои се жалеа Груевски и Адеми ќе престанат да постојат. Во духот на Мајка Тереза е и тоа што ќе има факултет за „социјални науки“ (тука мислам на некои слаби студенти, кои на прашањето што е социјална држава одговараат дека тоа е сиромашна држава која прима социјална помош.)

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Bob Olsen via Getty Images