Без почеток и крај

Општествените конвенции и обичаите се тешки пранги. Веројатно и поради годините, но и животното искуство, овие празничните најтешко ми паѓаат, бидејќи не само што индиферентноста и површноста се обоени со лицемерие, туку на поединецот му се заканува стигма ако не биде како сите други кои глумат среќа и пред другите, и пред самите себе. Во овој период од годината се очекува со насмевка да се прегрне теророт на радоста и на убавината. Знак на невоспитаност е ако не се јавите да честитате и посакате среќна нова година и Божиќ (или обратно). Непристојно е да кажете дека украсите, лампионите, „ѕвездените неба“ и огнометите над градовите се само (скапа) шминка под која и натаму егзистира сивилото, или дури и тивкото умирање. Гледам лица во сериозни години како се гордеат со својата моќ да му одолеат на стареењето и како се фалат дека успеале, наспроти сиот товар на реалноста, да го сочуваат „детето во себе“, кое и натаму верува во Дедо Мраз, пакетчињата и семејни радости. Во моето семејство часовникот отчукува со различен ритам, па за да се слушнеме во вистинскиот миг, мораме да водиме сметка за многу временски зони од Азија до Северна Америка. Ако на брат ми му стасала Новата година, кај мене е неколку часа подалеку; кога кај мене пукаат петарди – таму далеку ќерките се будат, а кога јас станувам во првото утро од новата година на ќерка ми во Ванкувер тукушто ѝ отчукува полноќ. Факт е дека оваа приказна е приказна на огромен број македонски семејства, расеани по светот…

Таквите како мене, модерно наречени мрчатори, напротив, сметаат дека ниту нешто завршува, ниту нешто почнува со отчукувањето на полноќ на 31 декември. Евентуално, во тој миг кулминира победата на пропагандната магија и консумеризмот. Децата во нас одамна ги нема, а вистинските деца се далеку од принцови и принцези, а од светот на бајките најблиско им е девојчето со кибритчињата. Чуден е тој обичај, и не само кај нас, кога во Новогодишната ноќ градските татковци и министри се сликаат насмеани од уши до уши во гинеколошките клиники (небаре таму нешто е нивна заслуга); ѝ соопштуваат на нацијата колку бебиња се родиле, па уште и дека биле машки. Како наречници гатаат дека тоа бил сигурен знак за бериќетна година… Додека го прават тоа, малкумина ќе помислат на изѕемнатите дечиња пред жичните огради или бреговите на Медитеранот – па, тие не мислат ни на сиромашните и бездомниците во сопствените градови! Некои од највпечатливите карикатури ги покажуваа Дедо Мраз и ирвасите заробени во жиците во границите кои никнаа во изминатите месеци. Среќен бил Исус што се родил во време кога бегалците не биле третирани како денес… А кога сум кај Дедо Мраз (Санта Клос или како и да се нарекува ширум светот), помислувам колку е тој светецот на социјалните разлики, бидејќи во својата торба секогаш наоѓа „соодветни“ подароци за децата од различните слоеви: деца на богатите добиваат најубави и најголеми елки за разлика од сиромашните. Дури и во социјализмот, се сеќавам на една Нова година кога во Скопје беше отворено лизгалиште, а мојот Дедо Мраз немаше пари да ми купи лизгалки! Колку ѝ завидував на другарка ми која немаше време да си играме, бидејќи времето го трошеше на лизгалиштето.

Го пуштив телевизорот додека течеше Виенскиот концерт, за со звуците на убавата музика да ја читам книгата која ја добив („Физика на тагата“ – брилијантна!). Додека повремено фрлав поглед на екранот, и ја слушав коментаторката како во екстаза зборуваше за прекрасната сценографија и славните гости (се разбира, од светот на моќните и богатите), се прашував зарем сиот тој сјај и раскош не е невкусен и безобразен во време на милиони страдалници (во воени услови и во божемен мир), тони бомби фрлени во име на мирот, забрана за масовни собирања на плоштадите или дочеци со силно полициско обезбедување… Во исто време, на интернет, се вртеше снимка на момченце од Газа кое на прашањето на новинарот каква желба има за Новата година, одговори: Сакам да умрам, не го сакам овој живот! Треба ли уште да се набројува за да се сфати дека оние кои се радуваат и блескаат се токму оние кои се и најодговорни за тоа што сето зло создадено изминатите години (кои некогаш биле исто така нови, надежни и сјајни) автоматски се пренесува и на оваа, и на многу идни децении? Дури не сум сигурна ни дека е соодветно да се каже Happy New Fear (игра на зборови, во која наместо последниот збор „година“ се заменува со зборот „страв“ – па фразата гласи „Среќен нов страв“). Што е тука ново во стравувањето? Можеби пакувањето, името на баучот – ама не и корените и причините за тој страв и небезбедност! Новиот бауч се вика ИСИС (или Даеш, Исламска држава) и западните медиуми веќе ја најавија и најновата војна во 2016: војната на исламистите против Божиќ и Нова година. За социјалните разлики никој не сака да зборува.

Во нашиов мал дел од светот нештата се поедноставни, минијатурни (по своите импликации и амбиции), ама не многу поразлични. Со наши пари скапо се платија пејачи да ја забавуваат рајата, дури и на исклучително ниски температури. Страв од терористички напади немаше, ама имаше поделба на „наши“ и „ваши“ плоштади и прослави. Наскоро ќе почне и квази-побожното славење на Божиќ, со познатиот декор на пагански обичаи (во кои се заборава и на пост и на побожност), со огнови околу кои ќе се игра и пие варена ракија – иако оваа сезона голем број домаќинства останаа без огрев, дури и кога имаа пари да го купат – дрвја немаше за продажба! За празник ќе се најде! И последното дрво ќе се запали за адетот! Најголемите желби се поврзани со Курто и Мурто на следните избори, па така сето ова е само загревање. Вистинската „нова година“ се очекува во април.

Да завршам со нешто поведра нота… Изминатиот период не донесе само зло – се појавија некои кокичиња, навестувања на она што е во зародиш, а сѐ уште не е сосема формирано. Сѐ уште е во утробата на стариот свет, ама покажа животоспособност. Сѐ додека постои отпор спрема наметнатиот status quo и сите механизми кои што значат репродукција на масовната несреќа за милиони, класна војна, милитаризација и деградација на планетата – не сме готови и не се предаваме. Детето од Газа е премало за да знае за мислата на Ками: „Утврдувањето на тоа дали животот вреди да се живее значи давање одговор на фундаменталното прашање на филозофијата“, но со искажаната желба да го отфрли својот мачен живот порачува дека таквиот живот не е вреден за живеење. И дека мнозина се одговорни за насилството кое се врши над него и над многу други деца. Затоа, единственото што преостанува е промена низ борба за радикална трансформација на она што денес се нуди како среќа, нормалност и нужност. Празниците се само кулминација на фазата на одрекување во која живее светот, неспособен да најде решенија за очигледното лизгање кон амбисот тој верува во Нова година, во Месии и бајки. Во Македонија годината ќе биде нова ако на нејзиниот почеток процвета макар едно ново алово цвеќенце, на кое денес му се потсмеваат, додека жестоко го газат од страв дека ќе донесе вистинска пролет.

Напишано за Нова Македонија