Слепило

Иницијалната каписла за оваа колумна, она што неколку дена ми стоеше на ум, беше патетичното „заканувачко“ писмо до „меѓународната заедница“ кое го упатија 70-тина невладини организации, кои повремено се претставуваат под името „Граѓаните за Македонија“. Всушност, ова е сезона на отворени писма – секој секому му праќа писма со опомени. Сепак, последната капка што ме инспирираше беше фејсбук статус на мој поранешен докторанд: „кога ради #Ж [Груевски] и ендеците се исели детето на соседот, јас молчев. не беше моето дете. кога се иселија децата на братучеди ми, јас не реков ништо. не беа моите деца. и кога се исели детето од братот, пак молчев. не е моето. сега, кога моиве си одат, нема кој да ми даде утеха.“ И покрај правописните грешки (молам лекторот да не го менува оригиналот), авторот се ставил во улога на германскиот пастор Ниемулер кој ги напиша познатите стихови „Прво дојдоа по комунистите…“. Му укажав колку е несоодветно да прави паралела со луѓе кои во времето на нацизмот од дома ги испраќале во конц-логори, а дека нашите деца заминуваат од аеродроми здрави и насмеани. Објасни дека поентата му била на иселувањето на младите (поради Груевски!), но не се воздржа да не ми возврати во врска со она што мене ме преокупира, додавајќи: „но добро, веројатно побитно е да се грижиме за судбината на бегалците од други земји.“ Е тоа, ја преполни чашата. Додека неговите и моите деца се безбедни, со иднина пред себе, нечии „туѓи“ деца умираат секојдневно. Но, човеков сака да биде жртва на режимот и бара утеха (детето му било во Америка). Разликата меѓу нас е што јас барам спас за децата кои не се мои.

Но, да почнам со ред, од писмото на НВО перјаниците до ЕУ и САД. Укажуваат (со право) дека реформските чекори за кои се договорија четирите политички партии пред седум месеци доживуваат застој. И ги наведуваат по ред… знаете веќе… Ќе рече некој: па добро, луѓето се собрале за да го искажат незадоволство – и дотука е сѐ во ред. Она што не е во ред е што тие лажно се претставуваат, па велат: „Токму затоа ние, како граѓани на Република Македонија и носители на суверенитетот, бараме од вас… [следува листа на барања]“ Низ целото писмо се провлекува фразата за вредностите на ЕУ (демек, нашата морална вертикала). Најинтересно е првото барање кое гласи: бараме од вас доследно да се придржувате до основните вредности на кои е втемелена ЕУ (се разбира, го имаат на ум Пржинскиот процес, кој патем нема врска со вредностите на ЕУ, туку со нејзиниот ангажман во меѓународниот стејтбилдинг со поправки на слабите држави со лекови нетипични за ЕУ земјите). Ако ЕУ не ги послушала овие барања на „граѓаните“, тие со жалење ќе морале да констатираат дека ЕК станува соучесник во газењето на демократијата, човековите права и владеењето на правото. И се закануваат дека ќе повикаат на бојкот на изборите и на масовни протести. Кога еврофилите ќе се разочараат во предметот на своето обожавање, тоа наликува на сапунска опера. Но, тоа не ми е поентата! Тие не се претставници на народот, ниту носители на народниот суверенитет, меѓу другото и затоа што плачењето на рамото на „меѓународната заедница“ покажува подготвеност да се откажат од тој суверенитет само да падне нивниот противник. (Со сличен „бисер“ неодамна излезе и Алијансата за позитивна Македонија која побара економски и политички борд од странство, и технички премиер од редот на истакнатите странски политичари!) Тоа што помислуваат дека имаат капацитет да бидат авангарда и да предводат некакви масовни протести покажува дека не сфатиле дека тие („Граѓаните за Македонија“) беа и еден од факторите на енџиоизација на социјалното движење што доведе и до негов неуспех. Никако да сфатат дека колку што повеќе се трудат да се претстават како граѓаните, толку граѓаните се држат настрана и не им веруваат.

Туку, поентата ми е на „темелните вредности на ЕУ“ во кои се колнат подналутените еврофили. Зарем не е чудно што такви, европски ориентирани, со погледи и визии далеку над нашава касаба, ниту еднаш не испратија писмо на протест во врска со третманот на бегалците и одговорноста на ЕУ (и на САД) и за она што се случува во земјите на нивното потекло и за она на што се сега изложени? Кога бараат почитување на човекови права, како не им текна да дигнат глас за нивните права според меѓународните конвенции, да се згорзат од барањето упатено до грчката влада да не дозволи гумените бродови да се приближат до брегот, дури и по цена да ги потопат?! Каде е солидарноста со сите оние кои укажуваат на очигледната фашизација на Унијата? Знаат ли тие дека жителите на Лезбос се номинирани за Нобелова награда за мир поради хуманоста која ја покажуваат кон овие несреќни луѓе и тоа со месеци, иако се од земја пред банкрот. Ако ме прашувате, ЕУ-Нобеловката никогаш не ја ни заслужи наградата (за минат труд), ама Лезбос е местото од кое треба да почнат да се преиспитуваат темелните вредности на ЕУ. Аутистичните невладини организации се и себични: нив не ги интересира ништо освен смената на владетелот (во рамки на еден ист систем, кој продуцира владеење на Rex наместо на Lex!), а „храброста“ во критикувањето на ЕУ и САД им оди само до линијата која не значи загрозување на шансите да ги изгубат редовните грантови (егзистенцијата) – бидејќи друго и не знаат да прават освен да проповедаат.

Колкав степен на кусогледост треба да имаш за да не видиш дека повикувањето на вредности, ама само за себе и за изборите во Македонија, те прави слеп пред сликата на Европа над која се надвиснал темен облак? Битката со владејачката коалиција и одговорноста за новата која ќе го заземе нејзиното место (иако постои голема веројатност едниот член на коалицијата да остане во фотелјата со мемори-пена) е само наша. Децата кои заминаа во странство се полнолетни, заминаа (т.е. ги испративме) поради бесконечната транзиција, конфликтите и неизвесноста; оние пораснати во време на Груевски допрва ќе си го бараат чарето, само да потпораснат. Но, се плашам дека дотогаш тешко ќе стасуваат до безбедни локации. Европа се претвора во голем концентрационен камп, а духот на Холокаустот (во модерен и перфидно софистициран облик) демне над „темелните вредности“. Луѓе се обележуваат, им се одземаат вредни предмети на бегалци од војна, во кампот во Кале се користи солзавец, од Грција се очекува да стане гробница на стотици илјади луѓе. А да биде парадоксот поголем: онаа ЕУ која стоеше зад Грција во однос на проблемот со името, сега сака нас да нѐ искористи против Грција со тоа што (каква иронија!) сега ние ќе и „акнеме“ блокада со помош на Фронтекс. Еврофили од Македонија, обединете се – и изразете солидарност со хуманите од Грција. Хан и Јункер се ветрушки на големиот капитал кој и по цена на удавени луѓе си го чува интересот. Огледајте се на Џереми Корбин, на прогресивната европска интелектуална елита. Ние не сме во центарот на ЕУ, ниту нашите деца умираат во студентите води на Егејот.

Напишана за Нова Македонија
Фотографија: виа IBTimes UK