Соломон и мајка Македонија

Договорот од Пржино е мртов – да живее Пржино! Тоа е заклучокот од последната сцена на македонската сапунска серија во која изборите (и демократијата) се налик на Бекетовиот Годо. И сега настанува нов циклус на групирање и редефинирање во онака хаотичното општество: од тезата дека Пржино беше огромна грешка, до онаа на еден професор и неговите истомисленици според кои пропаста на Пржино е пропаст на Македонија. Други велат дека е подобро Пржино да пропадне отколку да се излезе на избори кои нема да бидат „кристално чисти и веродостојни“; трети се фатиле за Пржино како за сламка за спас и инсистираат на избори на договорениот датум. Четврти бараат „рикверц“ – враќање на ситуацијата од пред јуни 2015 – т.е. сосема нов концепт за решавање на кризата (оставка на Груевски и воспоставување техничка влада, која во подолг рок би ги подготвила сите предуслови за враќање на демократијата. Конечно, има и такви кои џингоистички се радуваат на нови бомби. Малкумина сакаат да признаат дека Пржинскиот договор не само што е договор со фабричка грешка, туку и суштински доведе до жртвување на принципите на парламентарната демократија во име на парламентарната демократија, дерогирање на уставниот поредок во име на истиот тој поредок, прифаќање на норми какви што нема ни во уставот на Бурунди за после изборите да огрее зората на слободата и демократијата. Тоа беше класичен теснопартиски договор, по кој дури и опозицијата го „распушти“ народот и му рече дека оттука натаму таа ја презема неговата улога на вистински претставник на неговите интереси. Ниту директна демократија се виде, ниту експертска дебата, па дури и новинарите не беа консултирани во преговорите за медиумските слободи. Навистина, белгискиот експерт за сѐ мораше на лидерите да им црта (буквално) дека зборот е збор и дека она на што се обврзале треба да го исполнат, ама сега проблемот е како кај јајцето и кокошката – чиј збор треба да се одржи и како? Во меѓувреме, институциите станаа хермафродитски, во состав на владата влегоа и некои (во уставното право и политичката историја непознати) видови министри и заменици со право на вето, па како тужи-баби сега си поднесуваат тужби, а анкетни комисии се множат… и да не набројувам веќе што се случува во рок од само осум-девет месеци. Македонија ги изгуби и оние малку прерогативи на држава: на пример, Државната изборна комисија не само што го задржа партискиот карактер, туку дури доби законски овластувања што значат мешање во законодавната и извршната власт! Специјалната обвинителка остана специјална, до степен во кој јавните соопштенија ги споделува на Фејсбук страната на СЈО (а мислев дека јас претерувам со Фејсбук!), а нема службен записник за предадените аудио-снимки од страна на опозицијата, па никој не знае ни што ни колку добила, па веруваме на чесен збор. Кога Груевски одигра тактички и во предвидениот рок поднесе „условна оставка“, хит стана страницата за пребарување на Википедија на која пишува „таков поим не постои“. Тази оставка не е оставка! А можеби е… зависи… Некои се израдуваа, не сфаќајќи дека тоа беше мат за нерешителниот Заев кој падна во очај што премиерот го направи и тој чекор од Пржино.

Сето ова се случува во време кога е во тек испитната сесија, во која го проверувам знаењето на студентите од предметот Политички систем. И сега како да му ставам петка на студент кој нема да го одговори прашањето за избор и состав на Владата на Република Македонија? Или прашањето за уставните услови за распишување предвремени избори (т.е. самораспуштање на Собранието)? Всушност, веќе ни јас не знам кој е точниот одговор – она како треба да биде или она како што е? Дали е попаметно студентите да знаат како од ден на ден се менуваат правилата на игра, или треба да ги научат правилата на игра какви што постојат во нормалните држави? Или треба да учат за два паралелни политички света? Ми доаѓа не само учебникот да го фрлам во канта за смет, туку и Уставот. А на студентите би требала редум да им дадам преодни оценки – кога политичарите не заслужуваат никаква преодна оценка?

Хан замина од „јуар кантри“, а утрото не само што не донесе ништо ново, туку дури и ги затре оние слаби надежи дека можеби ќе заврши агонијата наречена „избори“. Вечерта, додека преговорите сѐ уште траеја, си легнав спокојно: ако ништо не зависи ниту од помалите политички партии, тогаш зошто би зависело од мене, од нас? Откако утрото ги слушнав изјавите на „лидерите“, а особено онаа на Хан, на ум ми падна библиската приказна за Соломон и двете мајки кои тврделе дека новороденчето е нивно. Неговата пресуда (т.е. мудра замка) гласела: бебето да се пресече на половина, па секоја од жените да добие еднаков дел. Само вистинската мајка не можела да си го жртвува чедото и по цена да и го отстапи на другата жена. Гледате ли вие некој Соломон во нашава приказна? Уште пострашно, гледате ли дека некој навистина судбината на Македонија ја става над партискиот интерес? Видовме уште една потврда за актери во гола и брутална битка за власт – па и по цена Македонија да потоне како Титаник! Додека да се договорат за датум на избори, Груевски ќе отвори уште 3-4 универзитети, ќе вдоми уште еден куп луѓе на важни позиции, ќе продолжи задолжувањето, итн. А Заев наивно верува дека неговата победа лежи во медиумските слободи и стопроцентно пречистениот изборен список. Мнозина различно си ја толкуваа изјавата на Хан, но најважното од десетминутниот говор се стостои во еден збор уште во првата реченица. Тој укажа на тешката СТРАТЕШКА ситуација во која се наоѓа земјата. Но, нашиве политичари мислат дека постоиме на изолирана планета, или можеби дека сме во центарот на универзумот, па другите планети се вртат околу нас. Следејќи ја ситуацијата во ЕУ и Блискиот исток, за првпат му верувам на еден претставник на ЕУ кога предупредува дека надоаѓа ситуација во која ќе ни треба функционална власт која ќе се справува со сериозни безбедносни проблеми кои доаѓаат однадвор. Во ретко која ситуација би прифатила кантарот на демократијата да се жртвува во име на безбедноста, но кога цела година се занимаваме сами со себе и работиме на сопствена штета, не забележувајќи што се случува околу нас, но сега е предоцна и навистина крајно време оваа епизода да заврши на единствениот можен начин – на избори! Ако некој мисли дека имаме време за натегање, тогаш е кусоглед или себичен. Ако ЕУ ветува не само мониторинг, туку контрола над изборите, тогаш и Заев треба да поверува дека на мнозина во опозицискиот камп им е преку глава од мегдан и бегање од него. Ако она минатата година беше автентично масовно движење, будење на Силата (во духот на Војна на ѕвездите), тогаш тоа нема предолго да трае. Умешен лидер ќе знаеше да го одржи огнот. По толку изгубено време, и сегашното одбивање да се излезе на избори, СДСМ има само две алтернативи: или да ги извади министрите од владата и да преземе радикални методи – или да се зафати со предизборни активности и мобилизација на неопределените. Инаку, ескапизмот е решение за мнозина соочени со претворањето на предвремените избори во безвремени (мислава е позајмена од Борис Дамовски), неподносливата леснотија на уривање на сѐ што значи поредок и со доминантното чувство на беспомошност пред племенските лидери и странските гувернери.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Фреска од Судот на Соломон виа Википедија