Водно

Политичката „игранка“ продолжува! Сѐ е условно и условено – и бесмислено. Некои ми велат дека сакаат колумна во која ќе им појаснам во што е проблемот со избирачкиот список и медиумските слободи, односно зошто опозицијата се заканува дека ќе ги бојкотира изборите доколку се одржат на 24 април. Но, и тоа ми се чини како јалова работа! Пред десетина години, во слична ситуација на надмудрување околу составот и работата на ДИК (поточно, неспособноста на ДИК) напишав колумна со дрзок и безобразен наслов „Голем или мал, ДИК си е ДИК“. (Повод беше ставот на премиерот Бучковски кој се спротивстави на предлогот Најчевска да биде претседател на ДИК поради нејзината „конфликтна личност“; демек, избегнуваа конфликти и сакаа мазно да им тече сѐ. Па еве кај стасавме!). Поентата ми е дека ништо што се случува не е ново, ниту случајно, и сите овие четири спасители (додуша Ахмети има тука помал, ама бенефициран стаж) се виновниците за денешната „жетва“. И сега очекуваме од истите да го оправат она што намерно го уништуваа? Само затоа што потпишале некаков договор во некоја амбасада? Ви се молам! Па Македонија не е Кина за да не може избирачки список да пречисти во релативно кус период! Впрочем, сопките кои намерно ги прави владејачката коалиција се најдоброто нешто што може да ѝ се случи на една („испукана“) опозиција. Тргнувам од себе, но со сиот ризик и да погрешам ќе заклучам дека сѐ повеќе луѓе едвај чека да излезе на избори за да ја заврши оваа фарса! „Бомбите“ го стопија челикот, ама тој треба да се кали додека е жежок, а не по две години кога тие приказни ќе станат урбани легенди! Секое одложување не ѝ е во полза на опозицијата. Велат, медиумските слободи не биле загарантирани, па политичките субјекти немале иста шанса да им се претстават на граѓаните. Според „Пржино“ ова бил услов кој ќе обезбедел граѓаните да ги запознаат сите политички понуди, па врз основа на тоа да ја дадат довербата на избори! Ај да не бидам безобразна па да го цитирам нашиот сакан Кили – ма немој да ме ….., бре! Поголема јавна кампања од протестите, бомбите и продолжувањето на самоубиствените потези на власта не може да обезбедат ниту едни медиуми, никакви професионални норми или нови уредници. Не знам дали политичкиве елити се толку старомодни и изгубиле допир со реалноста па веруваат дека ние, граѓаните, ќе седиме пред малите екрани за да ги следиме нивните политички презентации? После сѐ што минавме и со што не отруа изминатиов период? Еве, ќе кажам за себе, а вие споредете со вашите навики: МТВ гледам само за да навивам за Македонија (за ракометарите кои во моментов се чинат единствената светулка во мракот, за која сме се фатиле како за сламка за спас на менталното здравје – инаку сме на работ да си ја замразиме земјата); копчињата за Сител, Канал 5 и Алфа не сум ги притиснала со години; Алсат М не го гледам од лични причини (откако Среќко ми го наруши угледот и честа препознавајќи ме во некоја од бомбите, а немаше доблест да се извини ги пречкртав сосема – заедно со сите медиуми, па веќе не давам ни интервју ни изјава); доскоро гледав 24 вести и Телма – ама веќе немам сила ни за тоа рециклирање на гостите и темите! Се чувствувам контаминирано и очајно, па затоа гледам фудбал, тенис, ракомет – и филмски канали. Мајка ми, жена која била силно политизирана, сега гледа Дискавери и програми за вселената. Ѝ се вратив на белетристиката и го открив Водно – секој слободен момент одам за да ја истрошам сета пизма и фрустрација, да ми излезе со потта, а потоа прочистена и облагородена од убавината на природата да ѝ се вратам на работата со каков-таков елан). Цела Македонија е на Фејсбук, половина луѓе се „информираат“ од бљувотините на некакви портали (Дудинка, Курир, Инфомакс, Плусинфо, Доказ, Сведок и што ли уште не). Додека се мудрува за медиумските слободи, народов се сврте кон турски серии, Ѕвезде Гранда, спорт и филмови – само за да не ги гледа и слуша! Додека политичариве ги оправат „медиумски состојби“ (како го кога се гои прасе пред Божиќ) оние кои сепак се дружат со медиумите тонат во една клоака за која своевремено пишуваше покојниот Беличанец, и понатаму копаат ли копаат по неа. Сега е полошо и пошизофрено: тече крв, гној, јад… И чуму рефомирани медиуми, под притисок, кога веќе сѐ е зацементирано? Мислам дека ако видам нова содржина на некој од познатите канали – ќе умрам од смеа или од преголема доза лицемерие! Што ново ќе ни презентираат политичарите за кои знаеме што ќе кажат пред да зинат? (Ново ќе чуете само од новокомпонираните Трнорушки кои сега се разбудиле и виделе дека изборите се лажирале. Не благодарам!)

Да, сакам избори да има што поскоро! Не сакам одложувања бидејќи во меѓувреме ќе се отворат уште неколку универзитети, ќе се изградат нови зданија, ќе се вдомат повеќе „свои“ кадри… Постои опасност да дигнеме раце од сѐ – бидејќи имаме еден живот, а ескапизмот и не е лоша работа! Очекувањата за повторен „17 мај“ се смешка, тоа го знаат сите. СДСМ не сфаќа дека ВМРО-ДПМНЕ е неговиот најголем сојузник. Еве, на пример, нема подобра работа за нив од веста дека Владата ќе седи на маса во боја на кралско вино и „тешка“ десетици илјади евра, во стил на Луј XV, столиците со мемори пена (за да им ги запомни задниците веројатно), итн. Додека на Македонија ѝ треба тркалезната маса на кралот Артур, нашиов владетел си прави паралела со Луј Саканиот (Louis le bien aimé), кој владеел со Франција до својата смрт. Пораката е јасна, нели? Но, Француската револуција избива само 15 години по неговата смрт, врз основа на семето посеано за време на неговото владеење. СДСМ да сака подобар противник, нема да може да најде! Затоа, наместо да плаче и да го бара невозможното (кристално чисти избори, Јанева да им ја заврши работата токму пред избори и загарантирана победа), опозицијата треба да се фати за работа. Затворена во шишето на духот од Пржино заборави на народот. А на народот им е доста од нивните фемкања, условни оставки, седења на две столчиња, очекувања дека тие се народниот сакан Луј, а не Груевски и слично. Доволно изгубија од кредибилитетот кога прифатија да се дел од „Големата четворка“ и договорија решенија кои го маргинализираат сето она што не е дел на нивната „елитна“ дружина.

Сакам да гласам што поскоро – јас која едвај и да излегувала на избори (или поништувала гласачко ливче)! Сакам овој изборен циркус да престане, за да почне вистинската радикална трансформација на Македонија. Тоа не го очекувам од победникот на изборите; тој за мене е веќе „технички победник“, некој кој во најдобар случај ќе попушти пред барањата одоздола и да се реформира за првпат по 25 години. Постизборните искуства на Грција, Шпанија, Португалија, Хрватска, итн. само потврдуваат дека општествените околности толку се менуваат што изборите го менуваат само персоналниот состав на власта, но не и општеството во длабока криза. Се надевам дека тоа ќе го сфатат и „младите дечки“ (како што себе се доживува авангардата во најава). Живееме во свет во кој изборите се само начин на одржување на status quo-то на еден неправичен поредок. Ако набргу нема разврска, мојот избор е Водно, ама отаде Пржино! Ќе гласам за себе и својот еден и единствен живот кој доволно ми го проарчија секакви лажговци и слабаци.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: виа ÖZGÜR MEDYA