Дамјан Груев

Институтот за безбедност, одбрана и мир (ИБОМ), дел на Филозофскиот факултет, минатата година го прослави 40-годишниот јубилеј. За жал, присутните медиуми малку ги интересираше меѓународната конференција со импозантен состав, туку дотрчаа да земат понекоја изјава од 20 секунди за бегалската криза – и заминаа. Сепак, ни остана убавото чувство дека по подолго време бевме домаќини на една светска конференција со учество на колеги од Шведска до Ирска и Италија, од Шпанија до Шри Ланка и Бурунди. На дваесетина панели се дебатираше за најразлични теми низ призма на стратегиските, безбедносните и мировните истражувања, а од настанот објавивме зборник на трудови на англиски (специјален број на нашето етаблирано и индексирано списание „Безбедносни дијалози“). Ова не беше една од оние кобајаги меѓународни конференции за собирање бодови, а на кои странци се 3-4 учесници од регионот, па уште и јазикот на комуникација е „нашки“. Ништо не успева како успехот, па затоа мотивирани оваа година веќе организираме нова меѓународна конференција за приватизацијата на безбедноста со светски имиња и аплицираме со колеги од бугарскиот колеџ за национална одбрана Раковски за НАТО проект (NATO Advanced Research Workshop). Ќе се запраша некој зошто е ова релевантно за колумна? И зошто за Институтот и неговите успеси пишувам дури сега? Затоа, што името на нашиот Институт се прослави на необичен начин, откако беше преземено како име на цел нов универзитет, само што „презимето“ му е „Дамјан Груев“.

Помладите не се сеќаваат, но ние постарите сѐ уште како да го чувствуваме бремето и презирот на универзитетските колеги кои години наназад нѐ гледаа(т) од височина и со подбив. Прапочетокот на ИБОМ е од времето на југословенската доктрина на „тотална“ општонародна војна (како резултат на опасноста од инвазијата врз Чехословачка), кога државното раководство одлучи во сите универзитети во главните градови да се отворат студии по општонародна одбрана и општествена самозаштита кои ќе образуваат цивилни кадри за потребите на одбранбениот систем. Почетоците биле тешки, а наставниците или недоучени или во воени униформи (и војнички умови), па дури и не сфатиле дека се зафатиле со дел од политичките науки. По извесно време, ние, младите асистенти созреавме во солиден академски кадар, па иако државата се распадна и времињата/доктрините се сменија, умешно ги пребродивме сите премрежија држејќи се за науката, наместо за политиката. Со мојот докторат за цивилно-воени односи и демократска контрола над војската во 1992 година станав првиот цивилен истражувач на нешто што дотогаш и не беше познато во научната сфера доминирана од воени лица и по некој член на Це-Ка. Сличен беше патот и на моите колеги. Но, сепак, за некои во универзитетските кругови се уште не бевме доволно добри: Фрчкоски по колумни ни се подбиваше именувајќи нѐ како „онанисти“, а нашите мировни студии го поврзуваше со некаков индиски гуру Саи Баба наместо со Јохан Галтунг и Теодор Херман (кои помогнаа да се воспостави Балканскиот центар за мир). Денес работи и Катедрата на УНЕСКО за интеркултурни студии и патуваат ширум светот афирмирајќи ја нашата научна мисла. За среќа веќе 15 години не сме предметот на истражување на кој странците докторираат, туку ние помагаме и истражуваме во други региони или глобални предизвици.

За жал, јавноста, а ни политиката не се интересира за научните достигнувања, а професорите повеќе ги препознава низ јавни дебати, колумни или како „политички аналитичари“. Кого го интересира мојата книга објавена во Њујорк или поглавјето за Балканските војни од конференцијата во Оксфорд? Оттука и огромното изненадување што преку ноќ ИБОМ стана „жежок костен“ во антагонизираните меѓупартиски препукувања во Собранието. Политичари, кои и кога биле на власт, не ни помислувале на експертските услуги на овој кадар, сега зборуваат за Институтот како да им е најголема грижа на светот. Човек не знае дали да плаче или да се смее, ама сите нѐ фалат и сите нѐ бранат – додека нашата иднина станува сѐ понеизвесна. По сѐ што се изнаслушав, доста ми е од тоа бранење, без консултирање. Ова е мојот став за сосема непотребниот „Дамјан Груев“ (рака под рака со „Мајка Тереза“). Македонија, за разлика од Словенија на пример, никогаш не го користела својот научен капитал за општо/државно добро. Токму затоа, и „Дамјан Груев“ е резултат на чист политички волунтаризам кој не се обѕира на академските потреби. Кога токму на ден пред завршување на годината ни беше соопштено дека министерот за одбрана (!?) свикал средба со претставници од ИБОМ и Факултетот за безбедност со ултимативна „понуда“, без елаборат или учество во консултации, тоа беше доживеано како шок – и знак на непочитување. (Всушност, чувството е на искористеност, кога знаеш дека огромен број луѓе во тоа министерство имаат докторати или рецензенти од ИБОМ). Па, ние не сме мебел за некој да нѐ преместува по сопствена волја! Да бидеш дел на УКИМ е една работа, статус кој бара и многу работа, ама носи и престиж и во странство и кај студентите. Да се биде член на новокомпониран универзитет (кој сѐ уште не си ја знае ни структурата ни мисијата), за нас е налик на симнување од коњ на магаре (од 1100 место на 21.000 место на ранг-листата на светските универзитети) – заедно со губење на правото да организираме магистерски и докторски студии. Ставот беше единствен: немаме намера да бидеме дел на универзитет зад кој не можеме да препознаеме ни визија, ама можеме да намирисаме шинел, македонштина (од Тодор Александров) и малку орвеловштина. Неговата единствена рационална нишка е Воената академија, која покрај сите свои предизвици е на ниво кое не е достојно за земја која сака да биде членка на НАТО. Во тој дел треба да се инвестира за да се развие, особено затоа што Македонија никогаш, па ни во СФРЈ, немала воена академија. За тоа и во светот постојат институционални решенија. Сѐ друго од универзитетот не е прашање на високо образование (туку на дополнителна ерозија), па ни со воена доктрина и визија. Македонија не може да биде како жабата која посакала да се поткова, па затоа нема потреба од Вест Поинт или нова ЈНА. Жално е што кадрите на ИБОМ (со исклучок на оние доктори на науки на кои им бевме професори, а кои сега трлаат раце од радост во очекување на позиции) не добија шанса да го покажат својот максимум во струката. Дејан (со награда од УКИМ за просек 10,00 и магистер) е вработен како административен службеник, иако двапати победи на тестирањето и конкурсот на Министерството за одбрана, кој беше поништен. Брилијантниот Марко е асистент во Упсала. Ана е во САД, а Надица се бори со сопствената резигнација додека магистрира. Зури и Веби не знаат што да прават со дипломите, а Наташа (со два факултета) е гневна што не сме сториле повеќе за нивното вработување, додека на нивни места се вработува сѐ и сешто. Безбој дипломирани ме возат во такси и послужуваат во кафулиња, додека умирам од срам. Силвана е посебен случај: два факултета, две магистратури и докторат на мир и развој – сепак, невработена. Треба ли да редам уште за да некој сфати дека проблемот нема да го реши со отворање на нов „патриотски“ универзитет за да му парира на албанскиот партнер, кога се нема сенс за искористување на овие млади и умни кадри?

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Институт за безбедност, одбрана и мир/Филозофски Факултет – Скопје