Маѓепсан круг

Наидов на извадок од книга на српскиот писател Филип Давид (деновиве популарен поради јавното оградување од присутниот претседател Николиќ при приемот на книжевна награда). Насловот што ми го привлече вниманието гласи „Триумфот на примитивизмот“, бидејќи описот на примитивците и на културата на примитивизмот се толку препознатливи и овде, како и таму. Дали е тоа последица на заедничкото минато, на речиси идентичната сегашност, на одамна изгубената иднина? Секогаш кога слушам за „генетски кодови“ се згрозувам бидејќи таквата дебата води или кон некаква историска ексклузивност (и супериорност) или кон биолошки детерминизам и дефетизам (сѐ е до гените, не нѐ бидува, нема надеж да се смениме себе си или заедницата). Но, обидете се да избегате од чувството на „дежа ву“ и депресија додека ги читате зборовите на Давид: „Примитивизмот е заразен. Културата на примитивците во мрачните времиња станува државна култура, а нивните идоли се идоли на масите. Духот на примитивизмот тогаш се чувствува на секој чекор, владее со мислењето, втиснат е во секое делче на животот, надможно се издигнува како метафора на сето постојно… Примитивецот во политиката го почитува и уважува само начелото на силата, примитивецот во општеството се воодушевува од општото безумие, а интелектуалниот примитивец, тој contradictio in adjecto, но и тоа како постоечки во општествата со заробен ум и стеснета свест, со колективизмот и популизмот, го уништува секое мислење, слеп е и глув за сиот разум и факти… Примитивизмот раѓа фанатизам, а фанатизмот на примитивците им дава нова сила, сила на варвари подготвени да уриваат, газат, уништуваат… Масите заслепени од фанатизам, подјармени со омраза, хранети со примитивизам, се претвораат во човечки стада. Одат и кон сопственото уништување, бидејќи слепилото на фанатикот и глупоста на примитивецот единствено можат да бидат запрени од иста таква брутална сила со каква тргнале да ја уништат сопствената цивилизација… Сето она што ќе се допре од ваквите се претвора во својата спротивност. Верата станува бласфемична, родољубието компромитирачко, културата понижувачка, власта е заштита на безвластието, високоучените институции се параван за глупоста, политиката – прибежиште за примитивизмот и примитивците.“

Подолгиот цитат не само што е одраз на времето кое го живееме, туку добро ми послужи да ја прикријам сопствената немоќ да најдам мотивација да напишам колумна. Ова е чувство кое се појавува секоја сабота како дилема: чуму воопшто да се пишува, кога тоа нема никаков општествен ефект, особено ако се повикуваш на факти, рационалност, принципи или морал? Деновиве, веројатно со право, некои се подбиваа со мојата минатонеделна порака дека сме подобри од нив, и дека затоа не смееме да се служиме со нивните методи. Истиот ден во оптек беше пуштена „секс-бомба“, аудио-снимка на приватен разговор меѓу два омразени провладини ликови, која немаше никакво јавно значење, освен што покрај двајцата „јунаци“ ја извалка интимата и дигнитетот на повеќе други личности претежно жени, кои станаа колатерална штета (патем, и кога се предмет на такви ситуации во патријархално општество мажите се третираат како ликови на кои им се честита за „машкоста“). Со ретки исклучоци, никој не се ни вознемири што се случува она што секој разумен човек го предвиде во моментот кога стана јасно дека со незаконски снимки (преку еден милион на број) располага неидентификуван број лица од двете (или повеќе страни), надвор од каква било државна или правна контрола. Тоа е единствената „новина“ во инаку скандалозното македонско секојдневие, коешто се прифаќа токму така – како секојдневие. Снимките (како што предвидов минатата година, за што опозициските уредници ме „спружија“ на насловна страна) одамна се репродуцираат, а сега веќе и извезуваат на „пазарот“ дури и надвор од државата. Не е тешко да се предвиди дека политичките и други лешинари уште долго ќе се сладат од рекетот за различни цели. Овде веќе одамна владее духот на омразата и „око за око“ – па не е ни чудо што сме слепци.

Бесмислата добива невидени пропорции, а сепак тоа не е ни изненадувачко ни шокантно. Ова е една од оние ситуации кога навидум се соочуваш со серија настани кои бараат коментар и став, а всушност сѐ е веќе одамна кажано. Кругот е затворен! Од тој ѓаволски круг, кој значи безизлез, нема спас. Кругот е нашиот затвор, во кој секој обид да се излезе се крши со дисциплинирање и подведување на немилосрдната колективна психоза и хушкање. Нештата само се рециклираат, а актерите си ги менуваат местата. Под привидот на драма се крие тажната вистина дека буквално сѐ стои во место. Нема никаква мудрост во тезата за кусото паметење. Тоа што партиите на власт ги (зло)употребуваат механизмите со кои располагаат во своја полза е стара колку и македонската „демократија“. Оние кои имаат малку подолга меморија и нештата ги гледаат низ поширок контекст, сега се замолчени од страв дека ќе бидат обвинети за релативизирање. Вознемирот околу иницијативата за поведување постапка пред Уставниот суд, но и за Судот како партиска алатка, е и вештачки и задоцнет – како и сѐ друго. До урнисување на институциите не дојде преку ноќ, па дури ни само во тек на десет години. Крикот „ова е државен преврат!“ може да има смисла само ако државниот преврат е можен во повеќе чинови.

Се чини, и духот на граѓанската војна повторно ослободен. Битката се води околу тоа кој има контрола врз него. Не верувам дека некој посакува или има капацитет за граѓанска војна, но ја гледа нејзината корисна (симболичка) функција во (етно)политичката мобилизација. Одлика на живот во маѓепсан круг е не само тоа што се оневозможува поглед на хоризонтите надвор од детерминантите на кругот, туку создава апсурдна ситуација во која дури и корифеите на демократијата се трагични јунаци на самоисполнувачко пророштво. На пример, создавањето морална паника од угледни медиуми и новинари при што како повод е искористено убиство на старец во Мариово од страна на локален насилник и осуденик се врши низ познатите методи на преувеличување, дисторзија, предикција и симболизација: случајот се користи како метафора за општество кое е на работ на војна, а насилникот скициран во конкретна партиска боја. Ова нема врска со информирање или предупредување, туку со политизација на криминал со цел легитимација на манихејската слика на битката на Злото и Доброто. Но, отсега натаму секој ваков случај може да послужи како искра за „докажување“ на пророштвото. Од друга страна, сценарото за меѓупартиски судир се демантира инстантно со (предизборно) подгревање на стравовите од меѓуетнички судир околу кружни текови (ете ја симболиката) со орли и крстови. На еден страв се одговара со друг; едни инсистираат на Пржинскиот договор, другите не даваат да се заборави на Охридскиот. Маѓепсаниот круг е сет на концентрични кругови. Затворањето во личниот круг се нуди како единствен спас за оние кои не можат ниту да влезат во братоубиствени сценарија, ниту да дезертираат со бегство од земјата. Слабата држава не успеа да спроведе попис, па затоа не се надевајте ни на избори како крај на агонијата.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: виа Википедија