Народен суд

Во моментов, мнозина нестрпливо ја очекуваат оценката на амбасадорите за тоа дали Македонија е подготвена за избори. А таа се одложува (по вторпат), исто како и роковите од Пржино – те денес, те утре, те на пладне, те попладне. Простете, ама јас не можам да ја чекам, за да ја толкувам; имам колумна за пишување. Само наивните и кусогледите не ја разбрале суштината на оваа ситуација. Сосема е небитно каков ќе биде „вордингот“, дали ќе работите ќе бидат кажани во дипломатски ракавици или плеснати в лице; неважно е дали избори ќе има на 24 април или подоцна, и дали на крајот ќе попушти власта или опозицијата. Клучната работа со која треба да се соочиме е „напредокот“ на земјата – од полупротекторат во протекторат. Со денови на најобјективните ТВ канали (оценка на „секундантите“) вестите со денови се состојат од тоа кој меѓународен фактор се сретнал со која партија и која порака ја пренел. Дури и „славните мачиња“ (мемиња од социјалните мрежи) на Ван Хауте се дел од вестите, т.е. се пренесуваат како пораки до политичарите и до јавноста! Престанав да следам вести, бидејќи информиран граѓанин е чист луксуз во ваква ситуација. И она малку автентичен социјален активизам умира кога на граѓаните им порачувате дека се објект, а не субјект; дека не се носители на власта и суверенитетот, туку пиони диригирани на далечински управувач.

Кога би биле разумни (а не сме) вистинска тема на дебата не би била како дојдовме до оваа ситуација, па и со раширени раце ја прифативме, туку дали и како протекторатот може да се издигне на ниво на суверена политичка заедница на рамноправни граѓани. Уставот е суспендиран, колку и од непочитувањето на внатрешните, толку и од тоа на надворешните чинители; демократија се фингира, европеизацијата е фатаморгана (меѓу другото и затоа што немаме европски менталитет, како што ни беше експлицитно кажано). Партитократијата не е само метастазирана во институциите, туку се прелеа и надвор од нив – уништувајќи ги и правејќи ги сосема непотребни. Чудни нешта се случуваат и вон институциите. На пример, невладиниот сектор лажно се претставува со „ние, граѓаните“, најавува (цитирам) масовен бојкот на изборите ако се одржат во април. Друг дел во себе гледа морален авторитет, па си игра морален суд а-ла Раселовиот (Tribunus Civilis); самопрогласени „судии“ (пред кои Расел со неговата побелена коса би се превртувал в гробот, и не само затоа што го именуваат како Бернард). За потребите на „судењето“ по кој знае кој пат беше (буквално) искористена смртта на Нешковски за некаква нова лустрација и во име на култура на сеќавање (токму во време кога и Европскиот суд ја отфрли жалбата и потврди дека државата постапила согласно законот). Чинот беше таква фарса (особено во делот на цинична политичка сатира во зборовите на бранителот) што трибуналов се покажа како сосема достоен пандан на вистинското (не)судство. „Граѓаните за Македонија“ се трансформирале во „Партнерства за Македонија“. Ако „Граѓаните“ протестираа пред владата барајќи оставка на Груевски и предвремени избори, „Партнерства“ порачуваат дека не е добро да се инсистира на фиксен датум за избори – прво да се воспостави демократија (од протекторите, се разбира), па потоа ќе одиме на кристално чисти избори. Експертите се со полни раце работа: одмеруваат аргументи и прават анализи за ефектите од евентуални избори во април, јуни, септември, или 2017 година или некоја подоцна. За опозицијата битни биле реформите на системот, а не датумот на избори. И се разбира, победата – за да бидат кредибилни.

Macedonia Timeless, ќе рече некој! Но, вистината е дека таа бледнее, која исчезнува пред нашите очи – и тоа најмалку поради тоа што други одлучуваат за тоа дали ќе бидеме бегалски камп или не! Медицината на меѓународниот стејтбилдинг од изминатите 15-тина години покажува контраиндикации. Држава сфатена како политичка заедница не може да постои без општествен договор – а овде и покрај серијалот меѓупартиски договори склучени со посредништво на странски медијатори, стварноста е хобсијанска. Меѓународната заедница е Левијатанот. Нема држава и како јавен апарат на власт, ако институциите се претворени во празни школки и параинституции. Да, и ова не е нов феномен, трае и трае. Парламентот глуми дека е парламент: прво носи закон со точен датум за избори (за кој се одлучувало без негово консултирање и вонинституционално), па потоа се истрчува со одлука за самораспуштање, а сега сите чекаме народните пратеници да го излижат она што го плукнале и да си ја сменат одлуката (божем доброволно). Уставниот суд глуми дека оценува уставност и законитост, а најчесто или одолговлекува со донесување на одлуките до бесвест или се прогласува за ненадлежен (и навистина не е надлежен, бидејќи одлуката за изборите беше пржинска, донесена на територија на странска амбасада, а не во Македонија). Збунетиот премиер глуми дека е премиер додека стои во став мирно пред шефот на партијата. Владата глуми извршна власт, додека одвнатре се разрушува – налик на пар кој се мрази и е во валкана бракоразводна парница, па фрчат меѓусебни тужби на министрите и замениците. Судството глуми независност, будејќи се како Трнорушка која одеднаш прогледала дека притворот не е казна, туку мерка за обезбедување присуство на осомничените. Мнозина сакаат да веруваат дека СЈО е клучна институција од која зависи дали ќе нѐ биде, а за секој случај посакуваат и Нинбершки суд. Од она што го видовме и слушнавме од активистите, со само една прес-конференција СЈО предизвикало тектонски потрес и родило надеж. Тој потрес е повеќе политички одошто правен, за жал. Гладијаторската (правно неука) јавност се подели и по оваа работа. Она што за едните е „нашите три сонца“, „Амазонки“, итн., за другите е предмет на омраза и најниски страсти. Отворена или скриена мизогинија, за жал, има во двата табора. Разочарувачки е што едни жени (сонцата, умните и убавите) споредуваат со други („нивните“ кои се стари, грди, со мустаќи). Судската постапка е долга (од предистражна постапка, до комплетирање на истрагата и собирање докази, обвинителен акт, судење), а политичката јавност е нестрплива и сака инстант резултати! Се бара е одмазда, понижување и болка, а во најблаг случај – сеир и подбивање. Разочарувачки се и реакциите на оние кои и самите биле жртви на неправичното правосудство, па сега бараат и другите да страдаат како нив, да им се врати мило за драго, око за око… Злорадоста е зараза, гордо претставувана како чувство на (сопствена) правичност и бескомпромисност. Гледате умни луѓе во амок, излеваат омраза таложена зад фините фасади. Пред очи излегува грдотијата и корисната функција на орвеловите „две минути омраза“. Со тоа што овде минутите стануваат денови, месеци, години. Ако дозволиме да победи злорадоста наместо желбата да се задоволи правдата низ правичен судски процес, а притоа ја изгубиме доблеста и разумот – тогаш, дури и ако завршат во затвор, победата ќе биде нивна! Како оправдание велат нивното владеење од нас направило лоши луѓе, го извадило од нас најлошото. Барајќи линч, само покажуваме колку тие успеале. Ние би требале да бидеме подобри од нив, наместо да се претвориме во нивна копија.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Бертранд Расел © Topham/Topham Picturepoint/Press Association Images