Новите универзитети во Македонија

Предлог законот за формирање на нов универзитет кој е во собраниска процедура предизвика остра дебата помеѓу власта и опозицијата околу потребата од негово основање. Кој е вашиот став по ова прашање?

БВ: Да потсетам, ова е втор универзитет кој се основа во период од само два месеца – на идентичен начин, како резултат на политички волунтаризам и меѓупартиски договор, а не како резултат на стручна и академска анализа. Според мене, ниту еден од двата универзитета суштински не се однесува на проблемот на високото образование – односно, се однесува на сѐ, освен на образованието! Најсилниот „аргумент“ на универзитетот „Мајка Тереза“ е дека е тој „албански“, т.е. претставува остварување на ДУИ како дел од коалицијата, пред изборите, т.е. како „доказ“ дека е нешто работено и добиено за албанската популација. Во тој контекст, дури и собраниската дебата не беше толку жестока како оваа во врска со универзитетот „Дамјан Груев“ – бидејќи овде се судираат клучните политички ривали од македонскиот блок. Имам впечаток дека е ова само паричка за поткусурување во општата политичка битка. Важноста на овој универзитет е голема за ВМРО-ДПМНЕ и тоа во симболичка смисла: на своите гласачи ќе можат да им порачаат дека, ете, основале најважен универзитет, посветен на одбраната и заштитата на татковината, па и на македонштината (ако ги видите имињата на универзитетските единици) – ако сакате… Се разбира, дека двата коалициски партнери (или оние кои ќе ги наследат, евентуално) на прагматично ниво ќе се свртат кон вдомување на своите кадри, оној огромен број на доктори на науки кој беше продуциран изминатите години, а кој чека на позиција. (За оваа хиперпродукција сме виновни ние, главно од најголемиот и најстариот универзитет – УКИМ! Да потсетам дека имавме и рекорди за Гинисовата книга на професорка која за една година докторирала 60 кандидати, и многу слични!).

За ова прашање, по обичај, најмалку се консултира академската заедница, стручна студија за оправданоста и потребата од овие универзитети не постои, а дури и нема поголеми бранувања (ако се изземат соопштенијата на Студентскиот и Професорскиот пленум). Иако, во академските редови главно се шепоти со загриженост дека основање на дури два нови универзитети, со толку факултети и студиски програми, нужно ќе значи намалување на општиот стандард на постоечките универзитети, кои мака мачат да обезбедат пристојни услови за работа (греење, вода, опрема, а за подмладок или развој на научно-истражувачката работа и да не зборувам…).

Во однос на т.н. воен универзитет, имам извесно разбирање, ама само во делот на развојот на наставните и научните дејности кои се однесуваат на военото образование. Воена академија формиравме (за првпат во историјата – бидејќи такво нешто во Македонија немаше дури ни во СФРЈ) во 1995, па по неколку години работа, настана неколкугодишна суспензија, па одново се отвори… Таа институција, ако веќе постои и треба да постои, тогаш требаше да се постави на квалитетни основи, а не секој наставник да држи секакви предмети, да се снаоѓаат и фингираат високообразовна институција. Мнозина ќе се изненадат, ама Воената академија образува само 25 кадети годишно, од кои неколкумина не се македонски државјани, туку од соседните држави! Тоа јадро веројатно имаше потреба од доразвивање, ама не во стилот на некаква војска од типот „држава во држава“, или со Вест Поинт како идеал – туку согласно македонските потреби и можности. Затоа, во таа смисла никако не разбирам зошто е потребен посебен Правен или медицински факултет. Образование за мир и кризен менаџмент во вакво окружување, простете, ама звучи Орвелијански – а да не зборувам за Институтот во кој работам (на Филозофскиот факултет) кој има 40-годишна традиција во образување цивилни кадри и за потребите на безбедносните институции, ама и за нивен цивилен надзор и за развивање на алтернативни визии за мирот и безбедноста. Постоеше иницијатива за наше колективно вклучување во овој универзитет, но никој претходно не се сети да го консултира научниот кадар околу ниту едено битно прашање (веројатно освен еден наш бивш декан кој појавува амбиции за ректор, како што пишуваат медиумите.) Тоа покажува непочитување ниту кон она што си тешка мака низ децениите сме го граделе и негувале како наука, ама и како практичен придонес во изградбата на многу безбедносни институции.

Одборот за акредитација и евалуација ја аминувал одлуката која според пратениците на опозицијата не била достапна на разгледување, ниту пак имало дебата и стручни анализи. Колку ваквата динамика на работите фрла сомнеж за нетранспарентност во постапката и одлуката за формирање на нова високообразовна институција?

БВ: Сомнежот е повеќе од евидентен! Па за тоа зборува и самата експресна постапка по која, токму пред распуштање на парламентот и одење на избори, се брза по секоја цена да се оствари, како што реков, примарно политичка, а не стручна и академски основана идеја и потреба. Ова е лош старт на новиот состав на Одборот за акредитација – бидејќи по ланските протести, дел од нашите забелешки и укажувања (како одговор на критиките на министерството за образование и премиерот дека постојат многу неквалитетни високообразовани институции) се однесуваше токму на клучната улога што треба да ја има ова тело. Тоа треба да биде браната и контролорот, а не оној кој аминува и одлучува без соодветна документација. Особено, што реално, нема никаква потреба од ургентност – освен во главите на политичарите!

Има ли реално потреба од уште еден универзитет и колку суштински осумте нови факултети ќе имаат оправданост базирана на потребите на пазарот на труд. (Ова го прашувам бидејќи пред неколку години имавме питомци од Воената Академија кои протестираа поради невработеност и сл.)

Ако тргнеме по овој параметар за потребите на пазарот на трудот и направиме ревизија на сето постоечко, би нѐ очекувале радикални резови и „ампутации“, бидејќи се доведовме во ситуација државен или приватен универзитет да постои во секое село. Сосема е мал бројот на универзитети/факултети кои на своите запишани студенти можат да им гарантираат вработувања – или заради хиперпродукцијата (на пример, ако не се лажам, постојат 23 правни факултети за популација која не е ни два милиони жители) или поради вработување по партиски клуч и непотизам, а не според квалификации и успех. Овие два универзитета чекорат по истата зацртана патека. Бидејќи бројката на млади матуранти од година на година опаѓа (поради падот на природниот прираст или одлука да се студира надвор), ќе се соочиме со полупразни предавални – и тоа е само прашање на време. Новиот универзитет „Дамјан Груев“, како што се зборува, може евентуално да се појави како нелојална конкуренција доколку за дел од запишаните студенти се гарантира работно место – и со тоа, повторно ќе се форсираат едни за сметка на други, и без оглед на квалитетот на стекнатото знаење. Ќе ви дадам еден пример: пред неколку години имавме студент кој дипломираше на безбедност, одбрана и мир со просек 10,00. Двапати се јавуваше на конкурсот на Министерството за одбрана (плус и како припадник на една од помалите етнички заедници) и двапати конкурсот беше поништуван. Момчето во меѓувреме магистрираше (морам да кажам дека го фати депресија и едвај сме го натерале да си ја врати мотивацијата и да ги заврши студиите), но и натаму е невработено. Протестите на професионалните војници имаа друга заднина: тоа се однесуваше на временската граница до која тие можеа активно да ја вршат службата, и проблемот на нивната социјална сигурност по тој период. Тоа е проблем со кој се соочува секоја држава со професионална војска и не е директно побрзана со новиот универзитет.

Колку во услови на бегалска криза и предизвици за нејзино надминување. како и кревки меѓуетнички односи, ваквиот универзитет би ги балансирал односно продуцирал недостатоците на системски решенија?

Бегалската криза и сето останато, а јас би додала – политичката криза која се заканува да не турне во амбис – бара голема одговорност од сите општествени чинители. Во однос на универзитетите, јас лично им забележувам што се пасивни, особено по прашањето на хуманитарната криза која се заканува и отсуството на емпатија кон воените бегалци. Академската заедница дури и како да не ја забележува исламофобијата која фаќа корени. Тука, два универзитети повеќе или помалку, нема да имаат решавачко влијание – но постоечките можат да го поткренат јавното мислење и свеста за тоа дека светот се менува драматично, а со него и Македонија.

Опозицијата обвини дека оваа институција се формира за згрижување на партиски кадри на Власта. Дали се направи сериозна поделеност и омраза во научната и професорската фела и како ќе се манифестира во иднина?

Партизираноста на универзитетите е факт, и тоа не е ништо ново. Во подолг период вработувања се вршат со партиски/државни интервенции; се затвораат едни и отвораат други студиски програми, се знае кој универзитет на која партија ѝ припаѓа. Во случајов на двата нови универзитети е очигледно дека станува збор за коалициски договор. Омраза во академската фела, за среќа, не постои – секој си го гледа гајлето и е среќен ако може да егзистира и натаму. Поентата ми е: ние не функционираме како заедница, туку како ентитети со комерцијална/пазарна логика. Тука нема ниту солидарност, ниту омраза – има само интерес. Затоа и мислам дека не секогаш политичките партии/властите ни се виновни за сѐ. Дури и во нарушена автономија има етички и други академски принципи кои можат и мораат да се штитат, ама од нас и за нас.

Интервју за Фактор
Фотографија: виа Getty Images