Титаник

Веројатно ова никого веќе не го интересира, но да го нотирам – зошто ми се чини важно на долг рок. И за судбината на Европа. Три дена по основачкото собрание на „Левица“, во Берлин беше промовирано паневропското движење (ДиЕМ – Демократија во Европа 2025). Два лево ориентирани ембриони, на локално и европско ниво, засега без комуникација и содејство. Ниту „Левица“ покажа интерес за ДиЕМ, ниту пак ДиЕМ има јасна претстава што со нас кои не сме дел на ЕУ. За македонската партија успех е што се избори со сите административни пречки и собра 1000 потписи за регистрација (меѓу нив и мојот). Тоа ја прави потенцијален учесник на изборите, иако ќе биде соочена со тешки системски, консоцијациски и надворешни пречки. ДиЕМ е движење кое обединува различни прогресивни (најчесто, леви) сили од ЕУ, во насока на спас на ЕУ со демократизација „одоздола“ и ре-политизација. Додека го следев преносот, покрај восхитот од страста и аргументацијата на говорниците, постојано ми се наметнуваше паралела со едно друго движење. Во 1923 година, австрискиот гроф Куденхоф-Калерџи успева да ја собере европската интелектуална елита (меѓу нив и Алберт Ајнштајн, Томас Ман, Сигмунд Фројд) околу идејата за обединување на Европа. Таа е резултат на страшните последици на Првата светска војна. Куденхоф-Калерги пишува: „Европа како политички концепт не постои. Овој дел на светот опфаќа нации и држави втурнати во хаос, во буре барут на меѓународни конфликти, и е основа за идни конфликти. Европскиот проблем гласи: заемна омраза на Европејците која ја труе атмосферата. Тоа ќе биде разрешено само со создавање унија на европските нации.“ Но, историските и општествените околности воспоставени со Версајскиот договор се веќе такви што оваа идеја замира со растот на нацизмот; национализмот се препородува во својата најстрашна форма. Од првата Европска заедница за јаглен и челик (претходницата на ЕУ) мантрата почнува да гласи: европската интеграција е најголемото постигнување во меѓународни рамки; таа е олицетворение на помирувањето и развојот! ЕУ е Венера, ЕУ е колепката на мирот во светот. ЕУ дури доби и Нобелова награда за мир. Но, денешната интелектуална елита застана зад нов Манифест за Европа (потписник сум и јас) – наместо Европа на картелите, банките и корпорациите ќе го врати на сцена европскиот демос. Носителите на ДиЕМ велат дека се срамат од оваа ЕУ која се претвори во својата негација, која прави “кост-бенефит анализа“ за бегалците, таа е „зона без демократија“, а јакнењето на национализмот условува историска репетиција на состојбата од пред 100 години (бегалците се новите „Евреи“). Двете паневропски движења не се споредливи по многу нешта, меѓу другото и затоа што првото било родено од надеж, а второво – од очај и страв. Ехото на „левиот марш“ на ДиЕМ е “десна, десна“ во сѐ поголем број членки на ЕУ. Орбанизацијата доскоро беше врзана за автократските (нелиберални) режими во нашиот регион, но сега е победничка политика на Тврдината Европа. Најдобар доказ е тоа што ЕУ стана слаб/распаднат политички ентитет, кој одбраната на своите граници (од невооружени цивили) му ја препушти на НАТО. Авионите на НАТО ги гледавме во серија хипокритични мисии од 1999 година до денес, а сега се на ред воените бродови кои ги „спасуваат“ бегалците така што ги враќаат во логорите во Турција (и платени со евра). (Дел од тие луѓе се Курди, кои бегаат од теророт на турската војска, што ќе рече – НАТО војска, која неказнето ги егзекутира.) Бомбите создаваат бегалски бранови, а бродовите ја штитат Европа од нив. Каква иронија!

За тоа време, чувството на осаменост и безизлез во Македонија расте. Ниту сме свесни, ниту вклучени во обидите за изградба на поинаква солидарна и демократска Европа. Затворени во пржинските параметри на демократијата и (наводниот) европски менталитет, не ни забележуваме дека никна двојна ограда од бодликава жица на границата кон Грција. Стравот од бегалците тлее од поодамна, и повеќе или помалку умешно, се затскрива зад лажната грижа. Сега расте и нетрпеливоста кон Грција, земјата која навистина заслужува Нобелова награда за сето она што со месеци го прави со бегалците, а која и натаму е претворена во конц-логор. Нам ни е полесно Грција да ја изедначиме со Тврдината Европа и да ја мразиме што ни пушта бегалци, небаре се тоа перфидни непријателски маневри насочени кон нас. Малкумина гледаат хуманитарна криза, а многу повеќе се отворени очите на стравот од бегалците (трошоци, менување на верска и етничка структура и што ли уште не). Официјална Македонија си подава рака со десните политики/партии (Курц го примивме широко отворени), а „експерти“ мудруваат за начинот на кој можеме да профитираме од туѓата трагедија (политички, геостратегиски, па и економски!). Од 1999 година до денес таа лакомост нѐ направи воени профитери повеќепати. Левите никако да пружат рака на солидарност кон оние во Грција или Германија. Непознат читател ми прати писмо кое ми врати трошка надеж: „Поставуваме ограда, се оградуваме од некого, а притоа самите себе се заградуваме од цивилизираниот свет! До кога ќе бидеме таков народ со испран мозок и неспособни политичари? Од што се плашиме? Од тие со различна боја на кожата, со различно знаме и химна во срцето, различна религија? Од што? Па, тие сите се со иста крв, исти гени како нашите, тие се пред сѐ ЛУЃЕ! Луѓе кои се нашле во огромни животни премрежија, кои не по своја волја бегаат од свирежот на куршумите и тресокот на бомбите! А што правиме со биодиверзитетот на границата, со потребата на животните да се движат, хранат и опстојуваат? Границите и поделбите му се познати само на човекот – за останатите суштества не постојат такви нешта. Колку животни ќе бидат расчеречени низ жилет-оградата? Го интересира ли ова некој во оваа држава? Да слушнев барем еден збор од академици, интелектуалци, професори, еколошки друштва, НВО итн.? Или толку ни е капацитетот како народ? Или сме неедуцирана и религиозно индоктринирана група исполнета со национализам и ксенофобија?“ Што да му кажам? Во оваа гладијаторска арена се во мода наместени (од амбасадите) ТВ дуели кои нѐ нуркаат уште подлабоко во кал и омраза, а во име на медиумските слободи!? Потоа нѐ огреа сонцето на „трите амазонки“ кои ја најавија операцијата „Титаник“, име кое лесно може да се употреби за сето она што се случува и на глобално и на регионално ниво. Но, Специјалното обвинителство под ова име ја најави победата на правдата (иако звучи како уривање на владата). Како што „Монструм“ своевремено го сметав за несоодветен и прејудицирачки назив, така и сега ќе потсетам дека „Титаник“ е симбол за бродолом, а не на успех (освен ако сантата мраз не била јунакот кој довел до давење на стотици луѓе). За оваа тема – другпат, кога ќе имам повеќе информации. Засега гледам еуфорија и будење на аждерот на народниот суд кој бара одмазда, а не фер судење засновано на докази и гаранција на право на одбрана. Дури и кога станува збор за омразени и сомнителни политички ликови…

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: REUTERS/Giorgos Moutafis