Избирачки Фејсбук

Во својата последната колумна, Горан Михајловски вели дека избирачкиот список станал Фејсбук за македонските граѓани. Но, тоа не само што не е духовито, туку е и длабоко вознемирувачко (не само затоа што, Фејсбукот е општествената клоака). Чекав некој експерт или борец за човекови права да го постави прашањето за упадот во приватноста и (не)заштитата на личните податоци, но засега владее индолентност. Во дискусиите околу „хаосот во избирачкиот список“ доминира политичкиот (и пропагандистички) аспект, а темата се користи повеќе како сензационалистичка алатка, отколку заради нормализација на состојбите. Откако ДИК отвори веб-апликација, граѓаните можат да се занимаваат со комшилукот, но и пошироко, со сеири и озборувања (за спиновите се одговорни „докторите“). Во име на демократијата и транспарентноста, уште еднаш е жртвувано токму она човеково право, кое систематски го урнисуваат медиумите и политичарите (и од власта и од опозицијата), кои од личниот живот направија политички циркус. Ај што сме биле прислушувани, ај што снимките од личните разговори се продаваат на Бит-пазар, туку сега на ачик се изложени и личните податоци на сите полнолетни граѓани. Така, да биде иронијата поголема: целата политичка криза почна со обелоденување на скандалот со прислушувањето на (наводно) 20 илјади граѓани со преку милион аудио-снимки. И како завршува? Со нов циклус на „дотепување“ на приватноста на олтарот на изборната демократија! Што е ова ако не резултат на едно бизарно сфаќање дека демократијата (фер изборите) е цел за себе, дека таа е поважна од човековите права? Лесно е да се протежира вакво гледиште во општество кое и онака има ниска култура на човековите права, особено во поглед на правото на приватност. Всушност, само до вчера се борев против упадот во мојата приватност кога мојот работодавец бараше одговор на прашања за етничка и верска припадност, број да деца, и слични „дребулии“.

Далеку пред акцијата на ДИК, една универзитетска професорка на својот фејсбук профил ги повика граѓаните да се самоорганизираат, па на нејзиниот профил ќе направат список на лица кои не живеат во Македонија, а кој наводно ќе помогне во прочистување на државниот избирачки список. Не можев да поверувам колкумина и со каква брзина ја прифатија оваа небулозна идеја, па почнаа јавно да ги пишуваат имињата не само на своите соседи и познаници, туку и на најблиските, со комплет адреси и информации кога и каде заминале! (Каква покана за крадци!) Набргу работата стана уште посериозна бидејќи ДИК навистина понуди онлајн апликација која во нашата балканска паланка стана хит, далеку поинтересно место за денгубење од турските серии или социјалните мрежи. Впрочем, се создаде „синергија“: сето она што некој ќе го открие на веб-страницата на ДИК веднаш го споделува со „целото село“! Паралелно со овој дел од избирачкиот циркус, на ТВ вестите и дебатните емисии пред камерите се прелистува избирачкиот список без многу грижа за податоците кои се сервираат пред јавноста без согласност на оние кои секоја вечер си ги гледаат имињата на ТВ екраните! Опозицијата секогаш била полна со „генијални“ идеи кога станувало збор за регуларноста на изборите (зарем не беше нивна идејата за обележување на палците на гласачите со видлив маркер, што не само што беше навредлив облик на жигосување, туку и беше повреда на уставно загарантираната тајност на гласањето?). Овојпат не само што ја прифати оваа идеја, туку и отвори телефон за пријавување неправилности од избирачкиот список. На интернет-страницата на ДИК постои можност да откриете кој каде и со кого живее, дури и кога тоа не ве засега. Нешто како адресар! Да биде уште полошо, покрај секое име на избирач постои опција да го пријавите како неподобен (по повеќе основи). Замислете сега една хипотетичка ситуација: нема човек што да прави, или некој намерно го најми, па почне за секој гласач да поднесува лажна пријава и така да ја блокира работата на ДИК! Работава е навистина трагикомична и многу налик на култниот филм за „Балканскиот шпион“ или некаков изборен СВОЗ. Толку стара спортска дисциплина на овие простори! Експертите се преокупирани со политичка битка наместо со својата базична мисија. Очигледно, човековите права се сметаат за нешто што е вредно да се жртвува за повисока цел. Некадарноста на државата ја плаќаат граѓаните во чиј личен живот сега секој може да ѕирка, и од земјата и од странство.

Не е спорно дека со избирачкиот список се манипулирало, но убедена сум дека е ова состојба постара од 10 години. Исто така, оваа држава има административен капацитет кој се мери според една формула: колку повеќе вработени службеници, толку понеспособна администрација! Кога пред еден месец стоев пред шалтерот на кој се издаваат уверенијата за државјанство, случајно се запознав со жена на моја возраст која повеќе од десетина години не може да извади лична карта! Со растреперени раце ми ја покажуваше старата (прастара) лична карта на која се уште јасно се гледаше единствениот матичен број, но кога сакала да извади нова ѝ побарале уверение за државјанство – а од некаква необјаснива причина таа тоа не може да го добие и ја шуткаат од шалтер на шалтер. И така ѝ минал животот… Тие „фантоми“ се потрагични од оние кои воскреснуваат за време на изборите и потоа исчезнуваат, бидејќи овие се вистински луѓе, тука меѓу нас, а одземен им е субјективитетот и идентитетот, заедно со сите човечки и граѓански права. Ете, во таква држава живееме! Но, кога станува збор за избирачкиот процес, ДИК зазема „почесно место“: наместо редовно да си ја заработуваат платата, овие луѓе се налик на мечка која се буди од зимски сон само пред избори. Настрана партискиот клуч по кој се избираат не само членовите, туку и експертите… Нејсе, овде е друга поентата. Увидот во избирачкиот список е важна алатка во демократијата, но само под услов да има точно (и тесно) определена цел: тој треба да обезбеди увид во сопствените податоци, да оневозможи некој да не може да го оствари сопственото избирачко право на денот на изборите! Решението кое е на сила секому му дава можност да ѕирка во туѓите домови, па уште тоа и да го споделува со неограничен број воајери. Државни и недржавни тела го вивисецираат општественото ткиво со изговор – кредибилни и кристално чисти избори. Судирот помеѓу едно лично право на човекот и едно политичко право на граѓанинот се решава така што првото се жртвува за сметка на второто. Друго (и многу дискутабилно) прашање е колкава е ползата од „свозовската“ проверка на избирачкиот список. Ова законско решение е во сериозна колизија со принципот на заштита на личните податоци. Не е тајна дека вакво решение за севкупен увид во избирачкиот список преку интернет не постои во никаде! (Веројатно следува одговор: ние сме толку зафркната држава што за нас и треба да важат решенија соодветни на нашиот неевропски менталитет, затоа што се бориме со режим, итн.). Во моментов постои селективно спроведување на законот, а граѓаните не им се кажува дека имаат право да побараат адресата на живеење да не се појавува јавно од безбедносни причини! И зошто да го бараме тоа, кога државата е таа која мора да ни даде еднаква заштита на сите, и уки и неуки? Балканскиот менталитет (секој за секого сѐ знае) е устоличен, а паланката е крената на државно ниво! Не можам да прифатам со кршење на демократски принципи и човекови права да се бориме за демократија и човекови права!

Напишано за Нова Македонија