Краина

Веќе сум си и самата себе здодевна со повторување на рефренот дека Македонија одамна веќе не е ниту политичка заедница, ниту држава, а уште помалку „оаза во која се одвива ултимативната битка за демократијата, а против груевизмот и ахметизмот“ и дека изборите (кога и да се одржат) се сосема небитни. Колку повеќе луѓето наседнуваат на ситни и патетични провокации (од типот на орелот и крстот – на сообраќајници, на кружни текови!!!), и со денови трошат енормна енергија за деконструкција на нешто што е апла јасно дури и за оние кои се аналфабети во читањето на кодовите на етнополитиката, толку повеќе се губи фокусот од суштинските нешта. Сета хистерија и страв околу можна граѓанска војна е само показател на потиснатите стравови и општествена и политичка незрелост. Наивните со денови се „палат“ и не сфаќаат дека токму ја исполниле улогата на гладијаторска публика која им ја намениле локалните поглавици, иако нивната самоперцепција е дека се совесни граѓани кои апелираат за мир и соживот. Никако да разберат дека во протекторат граѓанска војна не е можна – сите конци, сите механизми за убедување или удирање заушки, се во рацете на оние кои ја управуваат оваа територија.

Ако досега не беше јасно, сега е ред да се каже лошата вест: Македонија (и не само таа) станува обична територија, зона која е потребно да се држи под контрола за повисоки геополитички цели. Таа стана (воена?) краина. Но, империјата во одрекување (да ја употребам синтагмата на Дејвид Чендлер), онаа чии краишници сме, е во хаос и распаѓање. Тоа ќе го видите и денес на самитот на ЕУ, која заедно со Турција, треба да дојде до решение за мигрантската/бегалската криза. Таа иста ЕУ која бара стандарди и исполнување критериуми, уште еднаш ќе и прогледа низ прсти на Турција, само затоа што ѝ е потребна за да ја одигра својата улога на чувар на Тврдината Европа. А во исто време Турција е токму онаа земја во која несметано се врши државен терор врз сопствената популација (Курдите и сите критички сили), во која со брутална сила и крв се затвори критички медиум, во која стотици универзитетски професори се обвинети или во затвор, и која од завчера почна да пука во бегалците кои доаѓаат на нејзината граница од Сирија. Сето тоа е неважно за „европските партнери“ кои имаат една цел и не ја кријат. Претседателот на Европскиот совет, и сите лидери на клучните земји од ЕУ, испратија отворена порака до бегалците „Останете каде што сте, не доаѓајте овде, попусто е – не сте добредојдени!“ „Џунглата“ во Кале се расчистува, а доаѓаат слики на луѓе во железни кафези. Слика која потсетува на сцени толку типични за некогашната колонијална Европа и нејзиниот третман на оние кои едвај и да се третираат како луѓе.

Каде сме ние во оваа приказна? Ние сме бедни потрчковци, со свиени кичми, и во друштво на најлошите: дел на Вишеградската група за која ја одработуваме највалканата работа. ЕУ нема ни блага идеја како да се справи со кризата, поради својата себичност, а овие најлошите – најефикасно се договараат и не го фермаат Брисел. Пред неколку дена на граница во предизборна прошетка беше словачкиот премиер Фицо, а домаќин му беше министерот за внатрешни работи Спасовски. Бесрамно се сликаа пред очите на очајниците од другата страна на жицата: договорија блиска соработка двајцата „левичари“ – нашиов социјалдемократ и Фицо, антимигрантскиот левичар (како што го нарекуваат западните медиуми) кој вчера победи на изборите. Тоа е, да потсетам, премиерот кој порача не само дека нема да почитува никакви квоти за прифаќање бегалци, туку и дека нема да прими ниту еден муслиман. Слоганот на неговата партија од „Одбрана на Словачка“ за време на кампањата гласеше „Одбрана на Словачка од мигрантите“. Тоа се нашите пријатели и сојузници (полуфашистички, популистички и ксенофобни режими од Унгарија до Чешка и Австрија). Како инфантилни сме се фатиле за нив како слеп за стап, го примаме Курц, вртејќи ѝ грб на Грција – земјата која стори најмногу за прифаќање на бегалците на своите брегови и тоа среде длабока социјална и финансиска криза. За да бидеме добри краишници за централна Европа, заборавивме дека сосед ни е Грција и секогаш ќе биде. А ако ЕУ е подготвена да ја жртвува Грција, за нас нема да им трепне око.

Во странските медиуми процури листата на барања кои ги подготвила македонската влада (ова хермафродитско суштество кое во бес се јаде самото себе и не знае каде ѝ е главата ни опашот). Во неа партиципира и опозицијата, па затоа го носи товарот на секоја одлука од ваков вид. Значи, нашиве се договориле да бидат краишници, да ја запечатат границата, ама поставиле („јак“) услов: да им се обезбедат воени и полициски средства, па и нешто луѓе ако се смилостиват партнерите. За миг и мене ми беше импресивен настапот на министерот за надворешни работи Поповски на BBC: сталожен, елоквентен и аргументиран! Бев среќна дека некој не пелтечи, туку се обидува да ја објасни незавидната положба на Македонија и тоа со европски речник. Тоа беше убавото лице на Македонија, грдото е ова во листата на барања. Странски аналитичари изразуваат загриженост дека владата, среде длабока криза и соочена со кривични обвиненија, планира да ги употреби добиените средства за пресметка со своите граѓани. Таквите проценки тргнуваат од погрешната претпоставка дека овде постои суверена власт, па макар и автократска, како и силен општествен набој кој би можел да се излее во протести. Ниту е ова држава со суверена власт, ниту пак има граѓанство кое би се спротивставило на таков начин. Најпоразително е што и опозициските сили и активистите се толку фокусирани на својата наводна битка за соборување на режимот и враќање на демократијата низ кристално-чисти избори што воопшто и не ја забележуваат милитаризацијата на бегалската криза. Тие како да не сфаќаат дека земјата нема да може никогаш да биде демократска, ако е Краина и ако прифаќа ваква меѓународна позиција. На општествено ниво сме го изгубиле моралниот компас: едвај некој и да помислува на нужноста од прекугранична соработка и солидарност со хуманитарците од соседните земји или поврзување со новата левица; ретко кој донира за бегалци (а ќе направи хит сторија за копривите на еден Македонец, додека со години ги игнорира Ромите во слична ситуација); таксистите-лешинари протестираат на јужната граница во потрага по повеќе профит; железницата покачува цени на билети, па и локалните дуќанџии прават бизнис од последните евра кои ќе ги извлечат од бегалците. Дресирани да веруваме во митски суштества и бајки за НАТО и ЕУ и сосема дезориентирани, не сфаќаме дека таа морална вертикала (ако воопшто и постоела) престана да постои. Битката овде е со еден патетичен двоец како Груевски-Ахмети, но во ЕУ предизвикот е маршот на десницата (левицата станала антимиграциска!). Доналд Трамп „растура“ во предизборието во САД. Околу нас светот се распаѓа, а кај нас или на ситно се заработува на туѓата несреќа или се верува дека демократијата може да победи среде Европа над која паѓа тешка и долга ноќ.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Visar Kryeziu/AP