Мачкина услуга

Не, не е печатна грешка, иако насловот алудира на мечкина услуга (како чин или гест кој можеби бил со добра намера, но со обратни ефекти). Погодувате, станува збор за помошта на сега веќе поранешниот посредник во преговорите меѓу потписниците на Пржинскиот договор. По серија настапи, интервјуа и духовитости по социјалните мрежи, кои останаа позабележителни и позапаметени од она што беше негов вистински мандат, Питер Ванхојте заминува. Во последното интервју, во стилот на Терминатор, порача „I will be back!“ (ќе се вратам) – за да го помогнам невладиниот сектор во битката за демократија. Уште позначајна, па и скандалозна, е пораката дека смена на режимот не е можна по пат на избори. Имајќи предвид дека интервјуто најверојатно се водело на англиски јазик, алармот нужно се пали на синтагмата „смена на режимот“. Не треба да сте познавачи, доволно е да прогуглате regime change за да ја сфатите недоветноста на пораката, примерите на смена на режимот, воспоставување на марионетска влада и поразителните ефекти од таквото ширење демократија. Со слободните, „воншколски“ активности, Ванхојте остави поголем печат отколку со фактичката работа за која беше овластен и одлично платен. Како поединец тој е сосема небитен, но е повод за размисла кои сме и што (не) можеме да сториме за себе, зошто од бриселски бирократи правиме херои? Зошто изостанува автентично движење одоздола, зошто нема оснажување (empowerment) на локалните актери? Ќе повторам: веќе 15 години Македонија е предмет на меѓународен стејтбилдинг, во кој на (не)суптилен начин, т.н. меѓународна заедница (ЕУ и САД) ја устројува државата за да продуцира стабилност, а евентуално и демократија. Тактиката на морков и стап во дисциплинирањето на (неспособните, корумпирани и милитантни) елити сепак се применуваше на „штофот“ кој постои, па дури и на калкулации која гарнитура е покорисна и за регионалните и геополитичките интереси. Внатрешните ефекти беа и се поразителни: неспособни елити во слаба држава водат љубов со народот (па дури и да го „онакваат“), но се верни на меѓународниот фактор. Секој политички „курцшлус“ се решава во амбасади или со амбасадори, кои ќе ги извлечат за уши непослушните и раскарани ученици. Така се создаде синдромот на зависност (dependency syndrome), односно уверување дека општеството не е способно да ги решава проблемите без надворешна асистенција. „Империјата во одрекување“ (дека е империја), повторно да го споменам брилијантниот Дејвид Чендлер, е ослободена од одговорност, бидејќи вината за лошите резултати од нејзината погрешна политика паѓа на неспособните „локалци“, кај кои дури и се развива чувство на самоомраза, мазохизам и потреба да биде казнувано и водено. Од нив и онака никој не очекува чуда (бидејќи да изградиш демократија во вакви општествени услови е рамно на чудо), а кога ќе заглибат во калта – се очекува некој друг да го расчисти хаосот зад нив. Да се разбереме, ова не е теорија на заговор (за уништување на Македонија), ниту за отфрлање на својата некадарност и коруптивност; сепак, станува збор за важен елемент за разбирање на општествената, политичката, па дури и за економската равенка.

Да се вратам на нашиот драг и непрежален Питер Ванхојте, кој стана нов повод за меѓусебна пресметка (како да ги немаме доволно!). Не навлегувам во неговата „ренесансна личност“ и компетенции, но факт е дека оставаше впечаток на добронамерен и бескрајно стрплив посредник меѓу раскараните дружини. Бавно, но нештата се движеа. Клучниот момент кога престана да биде олеснувач, ами стана дел од проблемот, беше самопромоцијата во фотограф на нашата мизерија, аниматор на јавното мислење, твитераш-активист, па дури и борец против режимот. Првиот гаф беше квалификацијата за неевропскиот менталитет на цела нација. Почна да (ни) црта, а набргу мачките станаа негов гласноговорник. Изгуби допир со мандатот, но не и со својот супериорен ген на „цивилизатор“, кога наместо институциите на ЕУ почна да дава оценки за тоа дека светлосни години ја делат земјата од европските интеграции. На Меѓународниот ден на поезијата се истакна како социјално ангажиран поет, посветувајќи им песна на оние кои ја изгубиле личната слобода и достоинство за 1000 денари и сендвич. Некои паднаа во екстаза, но чувството беше горчливо кај нас кои сме растеле на поезијата на Рацин или Иван Горан Ковачиќ (чиј роденден се беше токму тој ден); пленумци се восхитуваа на „храброста“ на бриселски квази-поет со 1000 евра дневница! Наместо тивок и мудар посредник, со стручно знаење, ама и знаење за тоа што е медијација, и особено интеркултурна комуникација, Ванхојте стана учесник во политичкиот конфликт. Ја изгуби непристрасноста и кредибилноста, одбра страна (тврдејќи дека не можел да остане неутрален – а сепак не даде оставка), давајќи им силна муниција на десничарите и националистите, кои добија „доказ“ за државниот преврат подготвен однадвор. Дејствувајќи како НВО активист, на крајот повика на вонинституционална смена на режимот во време кога се подготвуваат избори по неговите стручни совети! ЕУ остана нема. Да беше Македонија држава (како што не е), со право ќе беше прогласен за persona non grata. Но, владејачките партии, фатени со спуштени гаќи, само му порачаа: лути сме, не си играме веќе со тебе. Познавачите на интеркултурното разрешување на конфликтите ќе ви кажат за важноста на комуникацијата, која може дополнително да се комплицира во интеракцијата помеѓу луѓе од различни култури (бидејќи Питер така не определи). Не треба да чуди буењето на стереотипи и неможноста да се искомуницира вистинска порака до засегнатите, бидејќи едните се поистоветуваат со „пророкот“, а другите се лошите момци. Ванхојте можеби ќе се врати, но тоа ќе значи долевање масло на оган, јакнење на паранојата и антагонизмот, што дури може и да значи ветер во едрата на автократските структури. Демократија нема да донесе сигурно, бидејќи за таа нежна билка да пушти корен, мора да никне на и од оваа почва, а не по пат на колонизаторска mission civilisatrice.

На крајот, за јавните ескапади на Јанева: наспроти бизарната природа на СЈО, таа има позначајна улога од Ванхојте! Од неа се очекува многу (не мора ни поезија да пишува, само нека сврзе две просто проширени реченици без да употреби оксиморон како оној „јас поседувам два стана на име на моите деца“); не е чудо што по секој нејзин јавен настап паѓаме во очај. Многу ли е од истакнат правник да очекуваш да не биде како Тито и да не признава институции, ами да разликува легитимитет од легалитет? Ќе и простиме што не е ни сенка на романската гостинка, но или нека молчи кога нема што паметно да каже, или нека ја подучат дека легитимитетот институциите го црпат на непосредни избори (или посредно како таа, со именување од легитимен орган); нејзина задача е во судска постапка да докаже дека имало изборен криминал, без генерализации туку со индивидуализација на вината. Оваа држава наликува на кокошка на која главата ѝ е откината, ама таа сѐ уште прета, токму поради изгубениот легитимитет на оние кои треба да ја водат. Тој може да се врати само преку избори, на кои Јанева ќе биде обичен гласач. Сега нека вложи повеќе од 80 отсто напор за да ја докаже вината на оние кои кршеле човекови права и закони, и така нелегално дошле на функција. Легитимитетот на институциите ќе го вратиме ние, на избори – освен ако Ванхојте нема друга идеја како се прави тоа…

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Питер Ванхојте (Фросина Насковиќ/МИА)