Срам да ти е, ЕУ!

Интервјуто на претседателот Иванов за германски „Билт“ предизвика бура реакции. Половина нација го прими со одобрување, па дури и со поткренато чувство на национална гордост („убаво им кажа!“, „им го плесна в лице на Европејците дека се дволични“ и сл.). Вториот дел очајуваше: „Како може Иванов да си дозволи таков жесток речник спрема нашите пријатели?!“, „Зарем сака да нѐ скара со Германија, најмоќната држава во ЕУ?“, „Иванов ги загрозува нашите европски интеграции“. Едвај некој и да го спомена најскандалозниот дел од тоа интервју во кој зборот бегалци беше ставен под наводници и во кој Македонија беше претставена како последниот бастион во одбраната на Европа од терористи и џихадисти од Блискиот Исток (митот на аntemurale Christianitatis е чест на Балканот). Македонската јавност може внатре во себе да се пресметува околу многу (не)тривијални прашања, но е единствена по тезата за бегалците како безбедносна закана. Хистеричните провладини медиуми си најдоа „доказ“ за смислен атак врз Македонија во веста за оној очајнички обид на илјада бегалци да ја минат границата преку река (да биде иронијата поголема во Сува Река се удавија тројца), а оние похуманите меѓу десничарите не пропуштија да пролеат солза над тешката судбина на бегалците од граѓанската војна во Грција, познати како „Деца бегалци“ (без притоа и да помислат каква ќе беше судбината на тие луѓе ако границите им ги затвораа со жилет-жица и ѕидови). Опозициските медиуми известија колку биле преплашени селаните од пограничното село пред глетката на покиснати и измрзнати бегалци. (Како паралела се наметнува примерот на старците од Идомени кои го отворија својот дом за луѓево да можат барем минимално да ја одржат личната хигиена.) Ниту една политичка партија, голема или мала, лева или десна, не го дигна гласот за она што се случува со бегалците, веројатно од страв дека така ќе изгуби дел од поддршката кај гласачкото тело, додворувајќи му се дека се грижи за неговата благосостојба и безбедност. Тесноградоста и кусогледоста се она што го детерминира овој политички котел опседнат самиот со себе, несвесен за сето она што се случува регионално и глобално. Единствено неколку невладини организации (првенствено „Солидарност“) артикулираше јасен став „Отворете ги границите!“ согласно меѓународните правни норми за третман на бегалци и баратели на азил. За несреќа на страдалниците, овие заштитници на нивните права се на лош глас, редовно обвинувани за петта колона или платена елита која работи за грантови. Затоа, можеби е ова мечкина услуга која им се прави на бегалците, но за сите нас кои веруваме дека границите и национализмот се најголемото зло со кое се соочува светот – ова е глас на совест и на обид да се остане хуман и ментално здрав во време на колера и параноја.

Не е поинаку ниту во другите балкански земји (ако не е и полошо, особено во светлина на “пограничните бранители“, обично локални насилници и криминалци, на бугарско-грчката граница кои ја чуваат Бугарија на доброволна база, патролирајќи на своите мотори). И ако дури се сложиме да си го ставиме крстот на плеќи, сепак проблемот на бегалците е сѐ, само не балкански. Ова е за нас повеќе тест за колективната совест, отколку што е тест за нашите државни капацитети за справување со хуманитарна криза. Проблемот е сепак европски, а ЕУ го „решава“ неевропски, па и нецивилизациски. Идомени веќе стана симбол на моралниот колапс и импотенција на ЕУ, со право заклучува бугарски колега. Фаустовскиот договор со Турција е не само морално неодржлив, туку и правно спорен и неприменлив. Со него се кршат и нормите донесени од ЕУ, и меѓународните, а сценариото со можеби добра намера – води кон нов пекол за бегалците. Тоа почива на непостоечки премиси: дека Грција е функционална држава, дека Турција е безбедна држава и дека државите на ЕУ ќе отворат порти за бегалци. Тој воведува дискриминација на луѓето во неволја и ги дехуманизира. Размената на бегалци од турските кампови во замена за „нерегуларните“ (економски) мигранти кои успеале да стасаат до ЕУ е облик на своевидна трампа, трговија со луѓе, спонзорирана од Унијата. Никој не знае како ќе се врши, според кои критериуми ќе се одбираат бегалците, дали тоа ќе биде нов извор на корупција во веќе корумпираните турски, па и европски служби? Првиот човек на светската организација за миграции очајнички прашува што побогу се случува, и прогнозира дека луѓе кои бегаат од ужасите на војната нема да запрат затоа што е затворена Балканската рута. Амнести Интернешнал порача дека е ова темен ден за Европа и за човештвото. Челниците на ЕУ, задоволни со „историскиот договор“, зборуваат дека сѐ ќе биде сторено согласно европските и меѓународните стандарди – лажат без око да им трепне! Мојот пријател, истражувач на мирот, Јан Оберг пред самитот поставуваше реторички прашања за тоа дали од носител на Нобелова награда за мир ЕУ ќе се претвори во унија на прекршители на правото – криминална унија како што ја нарече. Тој напиша: огромен број бегалци тргнаа на пат бегајќи од војните водени од неодговорните и кусогледи лидери на ЕУ, што значи дека тие веќе се прекршители на меѓународното право. Закана за ЕУ не се бегалците, далеку од тоа! Таму всушност и не постои бегалска криза, но подолго време постојат неколку други кризи во кои таа тоне, се негира себе си – и се самораспушта: криза која започна во моментот на милитаризација, некако веднаш по НАТО интервенцијата од 1999 година, кога од Венера таа почна да се обидува да стане налик на Марс; криза на кризниот менаџмент на ЕУ; криза на лидерство – погледнете ги ликовите и биографиите на првите луѓе на државите членки и на ЕУ институциите и сѐ ќе ви биде јасно; отсуство на меѓусебна солидарност (толку добро илустрирана со грчкиот пример во 2015 -та), а уште повеќе со оние „надвор“. Тоа е длабока морална криза и смрт на хуманоста.

Ова е свет во кој веќе ништо не може да изненади! Пострашно од тоа е фактот дека ништо не може и да нѐ трогне. Растот на крајната десница, која дури и не крие дека е неонацистичка, исламофобична и расистичка, се доживува како моментален дисбаланс на политичките сили кој со малку напор ќе се исправи. Коментирајќи ги поразителните резултати од изборите во Германија, Претседателот на Европскиот парламент изјави дека ова е само опомена дека граѓаните се незадоволни (интересно, во сличен тон се и анализите за популарноста на Доналд Трумп). Наспроти сето ова, прашањето на наш проевропски новинар одѕвонува како ехо: „Каде е Европската Унија?“, притоа мислејќи на нејзината (слаба?) улога во нашата криза. Не гледа или не сака да види дека ЕУ го изгуби моралниот и политичкиот компас. Иронично, ама Иванов е на линија со ЕУ и нејзината биополитика! Биополитиката почива на грижата за една популација и негрижата за секоја друга која не е „наша“. Таа е политика на животот и смртта. Цената на благосостојбата на Европа е во потрошливите животи на бегалците. Ако на ова се додаде само дел од она што се случува на внатрепартиската трка за претседателски кандидат во САД и содржината на Договорот за Трансатлантска трговија и инвестиции (TTIP) за кој се вели дека претставува сериозна закана за демократијата каква што ја знаеме (барем теоретски), не е претерување да се зборува за надоаѓачка апокалипса. Треба ли да го спомнам умирањето на планетата? Затоа, простете ако не сум заинтересирана за домашната политичка сапуница…

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Дете мигрант седнато покрај оган во бегалскиот камп во Идомени, Грција, во близина на северната граница на земјата со Македонија, во петокот (18 март) (Фото: Vadim Ghirda/Associated Press)