Или Груевски или Македонија?

Дилемата „или Груевски или Македонија“ (а каде е Ахмети, хмм?) ја дефинираше лидерот на најголемата опозициска партија, непосредно по распуштањето на Собранието, фактички и симболички – пет минути до полноќ. Во саботата ја повтори како лидер на т.н. Демократски фронт за иднината на Македонија. Во Платформата кажаа ШТО, но не и КАКО. Во стилот на Хари Костов од 2004 година, ни порачаа да си седиме дома, ама ЗАСЕГА – што би рекло, додека не смислат нешто или не се попишманат. Додека не ни свирнат и дадат знак што да правиме. За огромен број граѓани дилема нема и не смее да има: ниту еден лидер или партија не може да бидат повредни од јавното добро на единствената (политичка) заедница која ја имаме и чии граѓани сме. Во стварноста, сепак, не е мал бројот на оние кои се идентификуваат со своите вождови, дури и кога ги водат во амбис, а Македонија ја перципираат преку партиски леќи, и тоа дефокусирани. Опозицијата повика на бојкот, ама дилемата за тоа како понатаму ни ја префрла нам. По којзнае кој пат, изборите се наречени референдум, што само реторички треба да ја зголеми нивната драматичност и нагласи фатализмот на нашиот избор. СДСМ повторно посегнува во старата поза, претставувајќи се како неприкосновен предводник на незадоволниот демос, кој се бунтува против избори за кои нема гаранции дека ќе бидат „кристално чисти и кредибилни“. А самата е свесна дека план Б нема, односно дека бојкотот не е никакво решение, па дури ни преодно. Клучниот проблем е што не постои демос, а што судирот кој земјата ја турка во амбис е постојано на релација ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ (со нивните сателити). Албанскиот политички фактор, и особено електоратот, иако засегнати и погодени, сепак ова не го почувствуваа како своја, или поточно наша битка. Затоа, Заев не може да зборува во име на сите за „нашата Македонија“ кога албанските партии/граѓани ниту најавуваат бојкот, ниту се жалат на фантомски гласачи, медиуми и слично – тие се подготвени да се фатат меѓусебе за гуша уште веднаш. Она што мнозина никако не сакаат да го споменат е непријатниот факт дека во Македонија отсекогаш имало, а и долго ќе има, два изборни процеса во еден, два електората кои избираат од „својата“ (етнички дефинирана) понуда, а победниците од двата кампа на крајот формираат владејачка коалиција.

„Бомбашката“ кампања ги разниша Груевски и камарилата, но година дена подоцна сѐ уште е на нозе и без намера да падне налик на Роки Билбоа, отечен и модар од ударите, како во бунило мафта со рацете. Тој – Роки, ние пред „рокнување“. Прашањето за кое опозицијата не нуди одговор е како можеме сами, со силата на граѓанското незадоволство и насушната потреба за демократски систем, да го смениме Груевски. Велам сами, бидејќи очигледно е дека потпирањето на странците, нивните мачки и слични средства на „освестување“ не само што не помагаат во овие напори, туку и ги осуетуваат. Но, опозициските структури (партиски, невладини, медиумски и интелектуални) не се фокусираат на прашањето „како“, туку „дали можеме (сами)“ – и дава негативен одговор. Затоа, Пржино е мртво – да живее Пржино! Повикуваат на бојкот, а ги оставаат своите членови во ДИК за да се грижеле за регуларноста на изборите (дали Груевски/Ахмети регуларно ќе го победи Груевски/Ахмети). Монти Пајтон!

Ерван Фуере, омилениот европски лик во опозициските кругови (мене никогаш не ми беше омилен, можеби затоа што во една прилика се обиде да нѐ „риба“ мене и Исо Руси како претставници на Хелсиншкиот комитет), со години се занимаваше со бојкоти и опструкции на политичкиот дијалог. Деновиве ги пребарував неговите изјави во ситуации кога ДПА, СДСМ или ДУИ повикувале на бојкот на избори или учество во парламентот. Во едно интервју од април 2014, вели: „Бојкотот на изборите нема да има никава цел. Тоа ќе биде навреда за граѓаните, доколку ова демократско право на слободно изјаснување не им е дозволено. Доколку граѓаните не се задоволни од предложеното, тие сепак треба да бидат охрабрени да ја исполнат нивната граѓанска должност и соодветно да го изразат својата одлука во гласачката кутија.“ За европската политичка култура, повик на бојкот не постои, како инструмент на политичка борба. Индивидуално е правото на секој гласач да одлучи дали ќе апстинира, ќе стави бело (неважечко) ливче или ќе гласа. Во ситуација како нашата, бојкотот не значи ништо освен давање одврзани раце на Груевски и Ахмети да добијат нов мандат со кој и натаму ќе не задолжуваат, ќе тераат по свое, ќе останат неказнети и сл. Надежта дека „меѓународната заедница“ нема да ги признае таквите избори е неоснована. Партиите постојат за да преку избори се борат да дојдат на чело на државата и да водат јавни политики согласно програмите за кои добиле поддршка од граѓаните. Ако и не излезат на избори, т.е. ги бојкотираат, партиите (големи или мали) мораат да имаат јасен план за тоа што следува до изборите и по нив. Чекавме да слушнеме експлицитно: дали се планира мобилизација на граѓаните за неизлегување на избори или за т.н. бели ливчиња, за попречување на изборите (!?) итн. Одговор добивме – во вид на платформа со општи места и декларативни зборови. И засега. Јас сум стар апстинент, т.е. гласач кој во најголем број случаи става неважечко ливче бидејќи не можам со мирна совест некому кому не му верувам да му дадам легитимитет, но овој пат по едногодишна агонија, подготвена сум да гласам за оној за кој мислам дека може да го смени двоецот ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Во таа смисла и ја разбрав колумната на Попсимонова, која како личност ангажирана во пленумите и во другите форми на отпор на режимот, му се обрати на Заев со барање – борба, а не повлекување од бојното поле. (Да се разбереме, мојата прогноза е дека токму до тоа и ќе дојде, односно дека под притисок на странците Заев и ќе се попишмани – слично како што впрочем постапи и пред последните локални избори во 2013 кога припаѓаше на крилото на СДСМ кое инсистираше да се оди на избори и покрај сѐ. Но, добро велат колегите политиколози, дека во Македонија сѐ е можно, а политичката метеорологија е неблагодарна работа.) Попсимонова изразува длабока верба во граѓанственоста, во свеста на оние кои на 17 мај на протест се легитимираа како „Граѓаните за Македонија“. И тоа е сосема легитимно! Иако, мојот сопствен песимизам ме спречува да поверувам дека тој митинг и протестите имаа толкава моќ и пламен кој е сѐ уште жив, за да сега се мобилизира во изборен процес во кој ќе се каже и ефектуира она „Збогум Никола, збогум Али“. Како и да е, она што не го разбирам е атакот врз личност која се осмелила да верува во моќта на народот и во можноста на избори да се избере подобра (или барем друга) опција. Најмалку од сѐ разбирам што атаците доаѓаат токму од опозицискиот блок, кој ја смета за предавник на опцијата „бојкот“. На крајот на денот, ова само зборува за една изгубена година во која не е создадено движење како замена за стерилниот, нетранспарентен и неинклузивен пржински процес, типичен за меѓународниот стејтбилдинг, а не за автентичен демократски процес. Сега сме пред свршен чин: собранието е распуштено, владата е толку техничка што е дури и смешно да се протестира и да се вика „оставка“ (некои бараа „самораспуштање на владата“ не разбирајќи го уставниот систем!). Нам ни е доста од вакуум, нам ни треба функционална и легитимна влада, а легитимитет се ефектуира само и само на избори. И никако поинаку!

Напишано за Нова Македонија