Мачкање очи

Најбрилијантна дефиниција на едно петгодишно дете (во разговор со другарчињата во градинка): „Многу е страшно сега за нашата земја. На граница имаме бегалци, а меѓу нив има и туристи (терористи – моја забелешка) кои имаат бомби. По улици имаме демонстрации на Груевски и Заев, и тие двајца се борат кој повеќе да украде и ние да немаме што да јадеме.“ На децата им е јасно она пред што возрасните мижат со очи ширум отворени. Во меѓувреме, „револуцијата“ доби име – и како кец на десетка им се погоди на оние кои и досега верглаа за украинско сценарио. Не знам дали името се должи на нерешителноста или „расподаденоста“ на другите бои, или е асоцијацијата на познатата „македонска салата“. (Се разбира, не на традиционалната „селска“ со домати и печени пиперки, туку фината овошна варијанта која се служи на Запад.) Сега не сме покусо од бившиот советски или арапски свет. Во светските медиуми ја брендираа и како Велигденска. Зошто да не? Во неа ионака нема ништо револуционерно, па и верски предзнак може да мине кај луѓе кои не протестираат во недела, лидери кои слават Лазарица и население со најголем процент верници. Приказните за Канвас и слични конспирации се само обична владина пропаганда, но само наивен човек не ја видел надворешната помош и логистика, како на креативен, така и на финансиски план. Таа е премногу професионална за спонтана револуција на сиромашен и гневен народ. Логистика од сличен вид има и другиот табор, а разликата некој ја срочи во слоган: „шарените“ се соросоиди затоа што трошат пари на Сорос, ама ВМРО е народна партија (злоупотребува буџетски пари). Паника! Во Битола протестирал еден Грк, а во Скопје се слушале српски повици. Да беше ова вистинско (протестно, ама и социјално) движење досега ќе бевме арена за далеку поголем број соборци од странство (како во Грција), а и Варуфакис или барем Среќко Хорват ќе нѐ посетеа. Но, ова е наш производ: ниту жена, ниту риба. Од револуционерни зафати косата им се крева токму на оние во првите редови. Тие не се против системот, туку против груевизмот. Бурната реакција и цензура на една парола („Во новата македонија ќе нема Груевци и Заевци“) зборува за тоа дека не сите нијанси се дозволени. Доминира антагонистичката, а не агонистичката верзија на демократијата; бараат свој консензус, а во меѓувреме се замолчува секоја дебата наместо да се отвори агора. Кој има време за тоа, кога сосема добро им оди со фарбање? (Баш си мислам кога ќе стасаат и кај мене да окречат). Генерално, се водат препукувања за тоа кој има поголем и поубав (протест), а не на тоа кој има и дали воопшто има предлог за излез од амбисот. Во манихејска битка, секоја страна тврди за себе дека ја поседува Вистината и се бори за општи вредности, а другата заслужува гнев, презир или евентуално сожалување. Изборот е или-или, а таквата битка може да се разреши само со финален судир, Армагедон во кој противникот треба да биде столчен. „Шарените“ држат чекор со модата, а провладините сили застанале во времето: се држат за старомодна реторика и сценографија. На „големиот протест“ истите националистички фрази, ширење параноја, името па името, библиска земја – и капак на сѐ, „бисерот“ за укинување на некои НВО и партии. Од друга страна, „шарените“ тврдат дека се отворени, дека обединуваат, но паѓаат на тестот на односот кон неистомислениците во своите редови, контрапротестантите и неутралците. Фактите зборуваат дека последните се најбројната општествена група, до која тие не допираат или не успеваат да ги мобилизираат ни едните ни другите. Тоа не значи дека тие се политички идиоти или дека немаат чувство за морал и правда; од свои причини не излегуваат на протести, или ги сметаат за бесмислени и за политички спектакл и драматургија. На пример, боењето на водата на фонтаната за да се прикаже крвта пролеана од диктаторот!? Написот на Портата „Ова е народ“ ме потсети на Сараево во војната: графит „Ова е Србија“ беше напишал некој, под него друг одговорил „Ова е пошта, будало!“ Научните истражувања укажуваат дека режим не може да се урне од улица доколку не излезе најмалку 10 отсто од возрасната популација. Овде толку нема дури и ако сите на купче се соберат. „Еднобојните“ се во дефанзива, тоа му е јасно и на Груевски. Тој владееше токму низ такви масовни ритуали и популистички трикови, а сега на луѓето им е смачено; опозицијата е таа која спиеше, но сега е како разбудена Трнорушка, страсна и полна со елан. Таа е шарена по хетерогениот состав, но не и по однос на критиката на неолибералните основи на системот, на заевизмот или – не дај боже – на меѓународната заедница – таквите се малцинство. Духовити, какви што се додека со ајфон 7 си прават селфи пред ишараните зданија, со денови се подбиваат со оние кои се продале за сендвич. Единствено „Солидарност“ укажа на отсуството на емпатија за оние за кои се тврди дека се заложници на киднапираната и приватизирана држава! Поголемата слика покажува уморни луѓе. На „гдомовските“ митинзи се чмае, се досадува, се гледа наоколу индиферентно. Дел од присутните се на список и мораат да изразат лојалност на Партијата за да го сочуваат работното место до кое дошле со партиска книшка. Но не е мал бројот и на оние кои доаѓаат од убедување. Иако заморот на материјалот не е сѐ уште видлив кај „шарените“ (максимумот е видлив), кои главно го опфаќаат прекаријатот и вработените во недржавни институции, сепак луѓето си прават муабет, бесцелно се шетаат или мислат дека е нивна „должност“да бидат видени (за да не бидат острахирани). Освен слоганот Протестирам, нема ама баш никаква идеја што со протестите и до кога. До крај, велат. До кој крај? Чиј крај? Каков крај? Ерес е да кажеш дека: 1) влада во оставка не може да падне; 2) самораспуштено собрание не може да воскресне поради нечија волја, а и ако се состане мнозинството го имаат овие од власта; 3) оставка на претседателот значи избори во рок од 40 дена; и 4) ако е Груевски готов, партијата разнишана, итн. – најлогично е да се излезе на избори. Двете страни се и шарени и слични, продукти на пустината на пост-социјализмот. Додека лидерите се инволвирани во chicken game – јурат кон бездна и предизвикувачки се гледаат кој прв ќе запре – останатите се во хипноза. Во група се чувствуваат добро, надевајќи се дека предводниците имаат волшебно решение. Велат дека контрапротестантите биле принудени, но зарем не е подеднакво непринципиелна уцената врз тие коишто не протестираат (колумнистка се повика на „Пеколот“ на Данте и порача дека за нив има посебен круг каде ќе горат во вечен оган!?). Припадноста на групата, дури и „шарена“, наметнува табу за сѐ што може да го наруши единството. Левичари да се срамат да кажат дека се анти-Нато или евроскептици, а за истото обвинуваат неколкумина од другиот табор кои срамежливо истакнале такви пароли. Во првите редови на шарените бунтовници се луѓе кои и под груевизмот се збогатиле од политика или од сомнителен бизнис. Најголема жртва на режимот, официјално, е богаташ со матен извор на капиталот, кој отсекогаш кокетирал со оние на власта зависно од ветрот. На прашањето од милион долари за излез од кризата  одговор немаат ни оние кои (не)одговорно ги предводат народите. Очигледно не сме научиле ништо од другите „обоени“, имаме политичари самоубијци, ама меѓународната заедница настапува со стандардниот „лек“. А санкциите по правило ги јакнат владетелите, а го казнуваат народот. Македонија е под уште еден адреналински шок, во кој мазохистите се радуваат и бараат да ни се укине белиот Шенген, па и да бидеме бомбардирани ако треба, а другите тонат во уште поголем страв и парализа. Најмудрите бараат иселенички визи.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Шарена револуција/Facebook