На нозе цела ноќ!

Повторно пролет, повторно вриење на крв и бунт, повторно време на емоционални и други уцени и пребројувања: зошто не си на протест (или контра-протест)? Зарем ги поддржуваш овие кои ја уништија Македонија за десет години владеење (обратната верзија гласи: зарем не гледаш дека државата, идентитетот и името ни се под закана и треба да ги браниме од „чадорот“)? Секој обид за рационална дебата и за уставно-правна аргументација е не само бесполезен, туку дејствува иритирачки на соговорникот. Некои те гледаат како да си паднал од Марс, а други како ВМРОвка. Со денови пријатели и колеги (се разбира, од антивладиниот кампус) се повикуваат на легитимноста на гневот којшто се насобрал до таа мерка што веќе не може да се контролира, туку мора да се излее на улица. Омразата очигледно има моќ да субјективизира и „оправдува“ секакви дејствија, а веќе видовме како тоа изгледа и во позитивна (макар симболична) и во негативна верзија. Втората ме запрепасти кога видов интелектуалци, професори, активисти (авангарда би рекле) како се гордее со учество во демолирање на еден безначаен објект (народна канцеларија на претседателот на Републиката). Во битка водена од гнев, нема визија, па затоа онака силно како што полицијата го брани седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, исто толку страсно демонстрантите посакуваат да го видат тоа омразено здание во пепел. Битката иако физичка, дури и со скршени глави најчесто на полицајците, е сепак симболичка, бидејќи моќта на режимот не е во зграда, ниту ќе падне со нејзиното сквернавење (а таа осигурителна компанија ќе ја плати штетата). Прашањето е: што од пепелот? Каков Феникс очекуваат да никне? Ама и самиот обид да го поставиш тоа прашање е непријатен, бидејќи стануваш расипувач на забави. Правото на протест е демократска алатка само ако чинот е мирен и ненасилен. Тоа е уставно загарантирано, и практикувано инцидентно, па затоа и отсуствува ретроспектива за (не)научени лекции. Затоа и овде фокусот е на тековните случувања. Од вечер на вечер, спонтано расте бројот на демонстранти кои се со право изреволтирани од Гордиевиот јазол во кој се заплетка процесот наречен разрешување на кризата. Значителен број меѓу нив се луѓе кои протестираа и минатата година, сѐ додека политичарите и професионалните активисти (т.н. „Граѓаните за Македонија“) не го киднапираа процесот за на крај да го постават исклучиво на партиско-политички колосек, а во рамки на класичен меѓународен стејтбилдинг за кој мнозина знаеја дека е мртвороденче, ама го ставија на пиедестал повисок од уставниот, рамо до рамо со Рамковниот договор. Народот беше „распуштен“, испратен дома. Повремено, кога Пржино ќе загореше, ќе се истопореа неколкумина дежурни НВО активисти пред канцеларијата на ЕУ за да прочитаат писмо „ние, граѓаните“. Но, факт е дека најздравото јадро од минатогодишните социјални и други движења замре. Некои се зафатија со формирање политичка партија, другите главно се свртеа кон прашања како бегалската криза или некое друго конкретно прашање од важност за животот на граѓаните. Сега кога Пржинскиот процес е фактички мртов (или странците го држат на трансфузија), а политичарите сосема потфрлија, граѓаните се со право разочарани од година која мина како во агонија, а не донесе ништо освен back to square one, со таа разлика што сега повиците за оставка и избори се бесмислени, рамни на чукање на отворена врата. Собранието е распуштено, изборите распишани, а Владата е потехничка не може да биде. Единствена институција која каква-таква е на нозе е онаа на претседателот на Републиката, а Иванов деновиве постапува како пироман кој верува дека е Нелсон Мендела. Аболицираше тежок криминал, го урниса и она малку што остана од владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата на олтарот на политиката. И го стори она што не можеше опозицијата: го разбуди народот!

Денешнава „пролет“ е само ехо на минатогодишната. Колку што е отворен гневот кон политичката каста (исклучиво ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА попатно, додека СДСМ се амнестира), во протестите имплицитно се изразува гнев и кон сопствениот неуспех од минатата година, барем кај оние кои и тогаш како и сега се обидуваат да размислуваат надвор од кутијата и да внесат нов дух кој ќе ја однесе партитократијата и етнократијата во неповрат. Наративот е сепак наратив на очајници: сакам промени, ова веќе не се трпи, морам нешто да сторам, а не знам што – затоа, протестирам! Навидум, артикулирани се минимум барања, ама проблемот е што немаат кому да му ги адресираат: избори одбиваат (по умот на СДСМ, кој се уште може и да се премисли), а бараат експертска влада за која не знаат кој може да ја „избере“ (поточно октроира) и кои се тие кредибилни експерти. Се бара повлекување на одлуките за аболиција, а парадоксот да биде поголем – тоа истото го бараат и аболираните. И конечно, бараат оставка на Иванов, не сфаќајќи дека со тоа ги анулираат аргументите од првото барање. Имено, согласно уставот, доколку претседателот даде оставка (и ако тоа „случајно“ го стори на 26 април), претседателски избори ќе мора да се организираат во рок од 40 дена (токму на 5 јуни), и тоа со истата ДИК, истиот избирачки список, со скратени рокови. Кога јавно ќе се упати опомена да внимаваат што посакуваат, моите пријатели ми се лутат мене и на Уставот. Велат: ма кој веќе го ферма уставот, ќе го спречиме одењето на избори – некако, странците ќе смислат нешто, и се во тој стил. (Заев најави неколку џокери во ракавот, ама уставното право не ги познава). Се бараат оставки од министри, а тие не можат да бидат разрешени кога Собранието веќе не е во заседание. Дури и да дадат оставки или бидат разрешени (од кого?), остануваат сѐ до изборот на нови министри. Затоа, ова е навистина уникатен случај во кој не само политичката опозиција повикува на бојкот на избори (во атмосфера која би била сон на секој опозициски лидер на светот!), туку и граѓаните не сакаат барем тој еден ден да ја преземат сета одговорност и преку гласање да одлучат за тоа кои ќе бидат нивните, народни, претставници. Демократска Македонија е фатена помеѓу два страва: страв од избори и страв од летање! Стравот од избори е индуциран од партиската хистерија на опозицијата дека не е прочистен избирачкиот список и дека изборите ќе значат „изборна кланица“ – така амнестирајќи се себе си за сите хималајски пропусти поради кои, меѓу другото, ги губеа изборите. Стравот од летање е страв да се мисли надвор од матриксот во кој доминира хегемонската логика, да го парафразирам Грамши. Минатата година немаше време за делиберација, оваа година уште помалку. Затоа, ниту еден субјект или групација не излегува со храбра и радикална идеја за, на пример, свикување уставотворно собрание – ако веќе сето ова што постои се смета за ништовно, деградирано и некредибилно. Протестите се само предигра за она што го најавува политичката опозиција, и толку. Во Лондон 150 илјади луѓе бараат оставка од Камерон, ама имаат алтернатива – движење и Корбин. Париз го тресе движењето Nuit Debout, „На нозе цела ноќ“, а кај нас пролетни променади, скандирања, кошкања со полицијата и по некој говор од 18-22 часот (после во кафулиња)‬. Борејќи се за демократија, ние молиме Бога да ни ја вратат оние против кои се протестира ширум Европа! Македонија е не само киднапирана, туку и суспендирана држава. Легендарното прашање на Мисирков е актуелно како никогаш порано, ама само во делот: шчо требит да праиме за однапред? Ова е интеррегнум период кој лесно може да заврши со безвластие. Или со истиот матрикс.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images