На почетна точка

Пред да почнам со пишување морав да направам ретроспектива на она што сум го пишувала за Хашкиот трибунал; имав потреба да откријам зошто сум толку шокирана и без зборови после изрекувањето на скандалозната пресуда на Војислав Шешељ. Всушност, пишаните зборови – без оглед дали се однесувале на судењата на Милошевиќ, Готовина, Харадинај или македонскиот „двоец“ (Бошковски и Тарчуловски) – сведочат дека никогаш и не сум имала илузии околу причините за основањето на Трибуналот, начинот на неговата работа и особено ефектите од неговите пресуди. Своевремено, кога Хашкиот трибунал стана актуелен и за Македонија (во 2004 и 2005 година), на пример, сум напишала дека не треба да изненадува што Трибуналот (и особено обвинителството) стана политички циркус, притоа цитирајќи го Зоран Ѓинѓиќ. Уште пред ослободителната пресуда за Бошковски и осудителната за Тарчуловски сум заклучила дека она што требаше да претставува суперего, олицетворение на универзален правен и морален авторитет, а во функција на превенција на „идни Југославии“ повеќе наликува на лоша правда и уште полоша политика. Ако на почетокот можеше и да се фаќаме за сламка и да тврдиме дека после сите масакри и злодела кои се случија на територијата на поранешна Југославија, Трибуналот беше единствената инстанца на ретрибутивната правда, а дека работата на реститутивната правда е наша домашна задача, подоцна тоа стануваше сѐ потешко да се тврди и верува. Како се приближува денот на конечно затворање на Трибуналот, така неговите судии се порешителни да погазат сѐ што беше досега постигнато, макар и со нецелосна и селективна правда. Со дел од пресудите се калкулираше како со политичка паричка за обезбедување на стабилноста меѓу поранешните завојувани соседи; други пак се носеа на начин кој водеше сметка за дејствијата на боиштата во Авганистан, Ирак или Либија, во кои беа/се инволвирани татковците-основачи на Хашкиот трибунал (Американците и нивните сојузници). Оттука, поради двата прста образ, судиите не можеа да осудат некој бивш генерал на ЈНА за нешто што денес го чинат генералите на западните (демократски) армии. Така, Хаг креативно го менува меѓународното воено право, а благодарение на тоа мнозина со окрвавени раце се најдоа на слобода. Оние пак кои ја отслужија казната се враќаа и беа дочекувани како херои за младите генерации израснати со наративите на новите историски читанки.

Целата апсурдност и внатрешен гниеж на Трибуналот се разголи токму деновиве кога во затворското одделение на Шевенинген се најде Флоренс Хартман – поранешната портпаролка на Карла Дел Понте, позната како „свиркач“, односно инсајдер кој во своите книги ни ги обелодени темните ходници на хашката правда. За тоа време Шешељ беше и остана на слобода. Тој всушност не го ни удостои судот со своето присуство за време на изрекувањето на пресудата. Таа пресуда не само што е скандалозна по својата содржина, туку уште повеќе по тоа што нејзиниот диспозитив всушност претставува поттик и пофалба на милитантниот етнонационализам и етничкото чистење. Во неа, мнозинството судии на судскиот совет (со само еден издвоен глас) најде разбирање на „голоракиот српски народ“, а Шешељовите повици до неговите доброволци, паравоената формација на т.н. Шешељовци, во кои бараше „да не остане ниту еден усташа или балија“ ги оцени како бениген, вообичаен и разбирлив начин на подигање на моралот на трупите!? Останатите говори и јавни пораки беа оценети како слобода на говор, а не како говор на омраза. Дури и Голема Србија стана „обична“ политичка цел, која ете Шешељ не ја остварил, па затоа е на слобода.

Во време на судењето на Милошевиќ, позната српска интелектуалка изјави дека најмногу му се лути на Трибуналот што Милошевиќ дури и ќе ѝ го направи симпатичен. Она на што јас лично деновиве најмногу се лутам е тоа што на ум ми паѓа мислата дека можеби ќе треба да му се извинам на Тарчуловски што го сметав за хашки осуденик кој добил заслужена казна за воено злосторство. Иако судот работи по принцип на индивидуализација на секој случај, сепак, ако за геноцид во Сребреница (каде беа егзекутирани близу 8.000 цивили) и серија други грозоморни дела низ Босна и Херцеговина, Караџиќ доби затворска казна во траење од само 40 години (без оглед што тоа, со оглед на неговата возраст и здравје, е рамно на доживотен затвор), тогаш како да се гледа на фактот што Тарчуловски доби казна рамна на една четвртина од таа на Караџиќ за шестмина убиени лица (за кои дури и постои сомнение дека биле цивили)? А ако Шешељ е ослободен, заедно со цела сурија мрачни ликови (Перишиќ, Маркач, Готовина, Харадинај, Лимај, итн.), тогаш излегува дека и Али Ахмети и борците на ОНА се невини како бебе, а дека генералот Газим Острени бил во право кога тврдеше дека масакрот кај Вејце бил само обичен војнички чин и дека Мавровските работници и не биле жртва на нечовечно мачење.

Во своето прво обраќање пред Трибуналот, во случајот на Милошевиќ, Карла Дел Понте изјави дека меѓународното хуманитарно право е грижа на сите луѓе на светот. Сега, на крајот на работата на судот, можеме со сигурност да констатираме дека најмалку фајде од оваа институција видоа жртвите и нивните најблиски, бидејќи светлата на сцената беа свртени кон големите ѕверки, а тие беа само обични сведоци кои во огромен број случаи дури и не добија соодветни репарации. Во својата опсесија пред лицето на правдата да се изнесат само „инженерите на војните“ (од кои некои побрзаа да си починат навреме), почнаа пазарења со непосредните извршители, а нивните злодела беа сметани за помалку важни во однос на „големата цел“. Амбициите на хашките обвинители отидоа дотаму што посакаа да ја напишат вистинската историја на балканските конфликти – но, Шешељовата пресуда покажува дека тој зафат резултира со какофонија на толкувања и муниција за нови пресметки. Дури и најпринципиелните поддржувачи на идејата дека дури и „нашите“ треба да одговараат за извршени воени злосторства, континуирано укажуваа дека ефектите од сфаќањето на правдата a la Del Ponte беа контроверзни и опасни на подолг рок. Во Хрватска се скандираше „Сите сме ние Норац“, во Србија растеше популарноста на Милошевиќ, и подоцна на Шешељ. (Патем, новоизградениот студентски дом на Пале го носи името на Радован Караџиќ!) Наместо поттикнување на процесот на соочување со злосторствата сторени во име на сопствената кауза/нација/голема држава, општествата се солидаризираа почесто со сторителите одошто со жртвите (во Македонија тие се непријател детаљ во политичкиот мозаик во кој поважно е дали министрите на Ахмети дале оставка поради наводен секс скандал). Моралната катарза е одложена на неодредено време. Напорите на илјадници жртви и активисти, заговорници на соочувањето со минатото се фрлени низ вода. Жарко Пуховски со години нѐ подучува: не треба да престанеме да ја посрамотуваме политиката која доведе до крвавите војни. Но, хашките судии ја рехабилитираа! Парафразиран афоризам на Миро Радевски гласи: регионот чекори со крупни чекори кон 90-тите! А, како слободен и невин човек, Шешељ никако не е некаков политички диносаурус после 13 годишното судење – напротив, тој сега може да си најде солидно профашистичко друштво во крајната десницата која цвета насекаде по Европа, па и во САД.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: GETTY IMAGES/AFP/ANDREJ ISAKOVIC