Култура на неказнивост

Преседанот од планетарни размери кој дури и не знаеме како точно да го дефинираме (аболиција, помилување или амнестија), веќе го искоментирав со народната изрека „она што еден будала ќе направи, ни сто паметни не можат да го оправат“. Но, колку и да е основано да се зборува за некомпетентност на еден претседател, професор на Правен факултет кој во регионот се фалеше дека е дел на елита на умни политичари (демек, со докторати) како soft power, сепак вистината е многу покомплексна и потраорна. Во очајнички обид да избегне правна (кривична) одговорност за тешки дела, политичката елита се послужи со сите правни и квазиправни (поточно, противправни) механизми и акробации, вклучително и со воскреснување на мртви норми од укинат закон. Затоа, не станува збор за некомпетентност, туку за чин со умисла и за тешка злоупотреба во политички и лични цели. Како резултат, правниот систем е пеплосан. Правосудниот систем фингира функционалност, па дели правда на неколкумина учесници во протестите, и за да иронијата биде уште поголема – токму против оние кои гневот го истурија врз народната канцеларија на претседателот, кој во секоја нормална земја правно би одговарал ако не за велепредавство, тогаш најмалку за пречекорување на службената должност. Се нижат (засега) условни осуди на обвинетите, проследени со изјави/признанија дека жалат за стореното дело и ветување дека нема да ги повторат. Еден од нив е студент на Правниот факултет, академскиот „дом“ на Иванов. Среде ваква апсурдна ситуација, тешко е да останеш разумен, а уште потешко да бидеш студент или професор по право. Како ќе заврши овој циркус не знам, но знам дека најмногу ќе ми биде мака ако се оствари „идејата“ на Љубчо Георгиевски за трампа – избегнување кривична одговорност на политичарите поврзани со тешки кривични дела во замена за повлекување од политичката сцена (нешто што како „мека лустрација“ странците го применија токму врз Георгиевски, принудувајќи го да прифати понудата која не можеше да ја одбие, па се повлече без да му фали влакно од главата или евро од преполниот џеб. Подоцна, пред снимање на ТВ емисија, бев сведок кога говореше како е среќен човек на кој не му недостасува политиката, а мене ми се превртуваше стомакот од финоќата со која домаќините го третираа). Опцијата да ги снема од политичката сцена е можеби опортуна и примамлива, но не и правична.

Иако прашањето на денот е излезот од акутната криза, сепак суштината лежи во корените на културата на неказнивост. Не е дефокусирање ако за момент се свртиме назад за да се соочиме со сето она што доведе до стадиум на целосна ерозија на правниот систем и правната сигурност (во сиот хаос, човек почнува да е изненаден и среќен што банките и поштите функционираат). Македонската државност и транзиција почива на криминал спакуван во либерални реформи: почнувајќи од грабежот на општествената сопственост, до создавањето на новата класа на капиталисти, а во спрега со политичките елити, па сѐ до заборавот на октоподите (за Окта и да не зборувам), ослободувањето од одговорност на размазените деца на високи функционери, вклучително и амнестијата на воени злосторници. Владеењето на правото почива на идејата дека сите се еднакви пред законот, но и дека одговараат за прекршувањето на законот без оглед на социјалната, етничката, верската, полова, политичка или друга припадност. Во изминатите 25 години, не само што правдата беше спора, па и недостапна за сите членови на заедницата, туку се етаблираше принципот дека сите се еднакви, ама поединци се поеднакви од останатите смртници. Можете милион пати да сте во право, ама ако не можете да си обезбедите правна помош (поради високите адвокатски тарифи, судските трошоци или екстра-трошоците за „подмачкување“), тогаш сте (потенцијален) предмет на дискриминација, мобинг или отворено насилство од различен вид. Правдата и безбедноста се роба која се купува. Жртвите се бројни, но анонимни и главно тивки; овие видливите – поминуваа(т) неказнети, па дури и се сметаат за успешни и ценети луѓе. Еве најеклатантен пример: и ние имаме Санадер, ама сме го заборавиле; речиси две години не само што не ја одлежува казната затвор, туку е професор по право со пасош в џеб (кој во вакви идеални услови и не помислува да бега од овој рај на неказнивост). Шизофрено е и да студираш право кај професори кои ги креирале законите (за високи хонорари), го кршеле правото неказнето (вклучително и со пречекорување на службени овластувања од позиција на министер за внатрешни работи), биле осудувани ама сепак ги гледаат во училница; конечно, на некои им пукна филмот, па зедоа учество во толпа и зборуваат за прифатливост на жртви во битката против режимот. Културата на неказнивост не е нешто што пушта корења во 2-3 мандата на една влада; напротив тоа е процес кој метастазирал, а сега само доживува кулминација во вид на (политички, правно и етички) најкорумпирана влада која еден народ може да ја „заслужи“ (ако тргнеме од славната изрека дека секој народ има власт каква што заслужува). Да, околностите на општ грабеж и благослов на таа експропријација беа поволни. Поволни беа и ембаргата проследени со шверц, организиран криминал и мафијашки гнезда обоени со патриотизам/етнонационализам. Поволно делуваше и нашата ситна поткупливост и молчаливост дури и пред злодела на работното место или во локалната заедница. Голем удел има/ше кусата и селективна меморија за делата на „нашите“ наспроти оние на „нивните“, во изборот на „свои“ судии, протестите за процесите против своите сопартијци, итн. И секако давање благослов внатре во партиите и на избори. Културата на неказнивост, особено во однос на политичката каста, се негува од локално до национално ниво, без исклучок. Секој којшто и се обидувал да зборува гласно, да покаже со прст и да побара правда, бил перципиран како будалетинка бидејќи блесаво е да веруваш во правни методи. Дури и активистите за човекови права коишто бараа правда за Мартин летото 2011 година не беа гневни поради неправдата која во истиот миг им се чинеше на жртвите од 2001 со автентичното толкување на Законот за амнестија. Не најдоа сили да ги препознаат двете неправди, веројатно затоа што едната беше политички опортуно да се подзаборави, а другата да се нагласи.

Краен стадиум на културата на неказнивост е генерално убедување дека сѐ е дозволено и/или дека правдата треба да се земе во свои раце. Не сме таму, ама сме опасно блиску. Целосната недоверба во правосудството и силното чувство за селективност на правдата (еднаква на неправда), се очитува и во секојдневното манифестирање поддршка на СЈО од учесниците на Шарената револуција. Меѓу нив има голем број правници, па и доктори на правни науки, кои добро знаат што значи улична поддршка на едната страна во процесот (во кој постои обвинение, одбрана и независен суд). Оттука наплив барања за народен суд, народна милиција, народна правда, итн. Каде е излезот? Има само три сценарија: опстојување на културата на кривична и политичка неказнивост со заострување на репресивните мерки сѐ до целосна ерупција и распад; замена на овој со систем на реваншизам и нов бран неказнивост. Или, најтешкото и веројатно најнепопуларно сценарио е враќање на нештата во колосек преку инсистирање на принципот на казнивост за сите без исклучок, почнувајќи од оние кои одамна се осудени или амнестирани. И секако, со итно поведување постапка против шефот на државата.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Gaj Rudolf/Getty Images