Молкот на народот

Изборната фарса продолжува во недоглед. Секој момент се очекува доаѓањето на „специјалниот пратеник“ на МНР на Германија (можеби како одговор на барањето на Протестирам, за кризата да не се одлучува надвор од земјата – па еве, Мухамед дојде кај планината). Ме прашува за мислење новинарка од соседна земја, дали е ова натамошно продлабочување на интернационализацијата на кризата (се изнасмеав!). Ваков преседан, една моќна држава по сопствена умисла да испрати „специјален пратеник“ во друга земја без барање на нејзината влада, е невиден во историјата на дипломатските и воопшто меѓународните односи. Освен во колониите… Ова не е никаква интернационализација, туку меркелизација на процесот; со други зборови, на Германија ѝ е преку глава од импотентната ЕУ и ги зема работите во свои раце затоа што станува збор за земја/територија од интерес и за нејзината и за европската политика (која ја носи на плеќи). Кога велам колонија, не мислам дека сме подрачје богато со ресурси за експлоатација од страна на колонизаторите, туку сме едноставно иритирачки случај кој на моќните им пречи во менаџирањето на за нив поважните прашања и во контекст на регионот и особено на бегалската криза. Без оглед што МАНУ и Владата организираат научна конференција за перспективите за зачленување во ЕУ, нужно е да тргнеме од една сурова вистина: Македонија веќе не е држава, ниту во веберијанска смисла на зборот, ниту во контекст на меѓународните односи. Институции нема или никој не ги ферма, споменувањето уставот е ерес, се кострешат сите – и странци, и домашни завојувани страни. А конституционализмот значи политика во границите на правото, а овде правото го моделираат однадвор уште од 2001-та. Фактот што странците и шарените единствено го апострофираат СЈО, кажува сѐ: да е ова приближно нормална состојба, во раздавањето на правото би се почитувало светото тројство: обвинителство, одбрана и независен суд кој ќе одлучува врз основа на изнесените докази од двете рамноправни и еднакви страни. Засега, СЈО има најголем успех во театарските изведби и формирање на јавното мислење и медиумскиот имиџ (на Кејти а-ла Бјонсе во Фајненшл Тајмс), а никаков во поглед на примарната задача која му е доделена. Во моментот кога самораспуштените пратениците ќе бидат принудени да ја повлечат својата одлука, тоа ќе биде знак дека преговарачкиот процес е откочен и поставен на некаков старо/нов колосек, но истовремено ќе значи и дека Македонија нема уставен поредок. Романтичарското повикување на теоријата на природно право овде не помага, туку напротив ги легитимира хаосот, волунтаризмот и арбитрарноста кои се потпираат на пребројување на поддржувачите, Тоа веќе се чувствува насекаде. Неодамна жестоко бранев процедура по која се постапува веќе 15 години на Институтот сочинет од само 14 научни работници, бидејќи почна „преврат“ во духот на истите аргументи: па што дека така било, сега сакам да го сменам правилото. Настана пат-ситуација, безизлез со часови за тривијална работа. Преседаните стануваат правило, а победува оној кој ќе собере поголема „банда“.

Ова е контекстот во кој расте притисокот врз секоја индивидуа да одбере страна, односно јавно да се искаже дали ја поддржува Шарената револуција (што таа и да значи!) или е колаборатор со режимот. Македонија секогаш имала проблем со просторот и времето, но не единствена. Ако во Хрватска се расправа за НДХ и кој е на која страна, овде се води хајка за новите „партизани“, за тие кои не им се приклучиле на „првоборците“ од имагинарната 1941-ва или тоа го прават „како лигуши, страшливци, конформисти и безрбетници“ дури во имагинарната 1945 година. Фарисеи, политички фундаменталисти и нови јакобинци во име на новото сонце на слободата се закануваат со сечење глави и етикетираат личности кои за Македонија и за цивилизациските вредности дале повеќе од сите нив заедно. Пред револуционерната гарда мораат јавно да се исповедаат и покајат најдобрите од Македонија (Горан Стефановски, Милчо Манчевски, Венко Андоновски, Симон Трпчевски), инаку нема да им биде простено од новата слободарска Македонија. Слушам интелектуалк(ц)и кои ламентираат за гневот кој го чувствуваат и теророт кој им го врши власта а-ла Менгеле (?!), и помислувам како секојдневно ги гледам паркирани во џипови кога ги земаат децата од американското училиште спроти мојот дом. Маченици! На молкот на интелектуалците (оскиморон по дефиниција, бидејќи некој кој е замолчан не може да биде интелектуалец, но интелектуалец не е ни оној кој зборува под притисок на некаква гарда, па таман и шарена и револуционерна!) се жалат оние кои неодамна се разбудиле или се партиски определени со години, ама мислат дека тоа не се забележува. Не гледаат дека револуцијата им станува издишан балон. Ако лани ја прокоцкаа општествената енергија со караоке-шоу и пеење „пада влада“, сега тоа го прават со пеинтболс забави – и мислат дека поттикнале голема промена и покажале невидена храброст. Меѓу шарените има најголем процент на доктори на науки, магистри и експерти, заедно со професионални активисти, по глава на протестант. Наместо да се жалат на молчаливите „интелектуалци“ и да бараат јавни фаци, подобро е да се прашаат каде им е народот. Зошто огромниот број граѓани гледа од страна? Можеби затоа што не му верува на сето она што потсетува на отуѓениот и професионализиран граѓански сектор? Дали е тоа недоверба кон бизарниот anger management (менаџирање со гневот) кој се штелува во времетраење (18-20 часот), паузира во недели и за време на државни и верски празници итн.? Брендирање на незадоволството, за кое се зборува, е слично на менаџирањето на гневот, а двете заедно се резултат на комерцијализација на револуцијата и на доминацијата на капиталистичкиот начин на размислување. Патетична слика на една „револуција“. Со прозивки – не прават сојузи, туку се одбиваат сите истомисленици и неинтелектуалци (т.е. луѓе кои се политички битија, но не и јавно ангажирани, туку посветени на својата професија). Се буди инстинктивен отпор кај секој што се смета за свој, исто како кога верници го доведуваат во прашање интегритетот, моралот и смислата на живот кај атеистите. Не успевајќи да изнедри нешто автентично и не-ен-џи-о-овско, револуцијата е одбрана на системот/неолиберализмот – ниту еден од првенците не е виден да се бунтува против империјализам, милитаризам, експлоатација, туку се поклонува пред американскиот амбасадор. Корумпираната и забегана банда на Груевски се екстремна деформација која треба да се тргне затоа што му нанесува штета на системот кој знае да го легитимира и зашеќери структуралното насилство. Нашиот „Шојбле“ (амбасадорот-пратеник Хајндл) не сака смена на системот, туку негово зацврстување. Шарената револуција е декор, бидејќи од неа не зависи ништо: меѓународниот менаџмент само ги слабее локалните актери (disempowerment of local stake-holders, би рекле). Опозицијата не ги оснажи граѓаните поради потпирање на странците и стратегијата на мимикрија во која партијата се прикажува и како движење и како преговарач во меѓународно поседуваниот процес. Но, во „меѓународната заедница“ е интересно: Американците ќе избираат помеѓу двајца опасни олигарси, но граѓаните на Лондон направија изборна револуција давајќи масовна поддршка на опозицискиот кандидат, син на возач на автобус, бивш имигрант и муслиман. Ние, веројатно за да бидеме во тек со Денот на победата над фашизмот и денот на Европа, замислуваме битки против Хитлер и Менгеле, додека тонеме во сопствената импотенција и нерелевантност.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: виа Imgur