Оаза на нормалност

Признавам, тешка мака ме опфаќа кога наближува времето за пишување колумна: навидум море теми кои би требале да поттикнат, ама всушност сѐ е сведено на една тема и на бинарна логика. На пример, една колешка-колумнистка пишува: „Кога груевизмот неизбежно ќе се стрмоглави во бездната што сам си ја ископа, ќе останеме ние – Граѓаните на Шарената револуција и Народот на режимот.“ И се прашувам: а каде сме ние останатите, мнозинството коешто ниту е шарено, ниту е „народот на режимот“? Зарем ќе дозволиме туку така да нѐ присвојуваат или демонизираат? Аха, ја дочитав колумната до крај: за нас е предвиден петтиот столб на срамот. Колку што е страшна власта која и не (умее да) ја крие својата суштина, уште позастрашувачка е алтернативата која не забележува дека е водена од иста, а навидум нова авторитарна матрица (со обратен предзнак): таа дисциплинира и гуши наместо да ослободува. Таа очигледно се самокрунисала и си ставила ореол на морална супериорност (па дури и има еден морален суд!), која се потега и над индивидуалната волја и над законот, но сепак и сепак нема демократски легитимитет. Затоа, битката за новата Македонија мора да биде колку отпор кон сегашната власт, толку и отпор против секоја навидум еманципаторна матрица, чии носители сѐ повеќе наликуваат на религиозната секта (Врапците) од „Играта на троновите“. Можеби кога ќе падне груевизмот, сите ќе треба да бидеме или посрамени или да се заколнеме на верност на Шарениот врховен врабец. Затоа, благовремено да си кажам дека никому, па ни шарените или гдомовците не му давам право да ми го определува местото во одреден табор, бидејќи однапред одбирам да не бидам дел од каков и да е табор. Во абецедата на граѓанството, индивидуализмот е на високо место! Тој не значи негрижа за заедничкото, напротив! Но, почива на право на личен избор, на своја мисла и слободен говор – дури и против апостолите на шарената револуција. Сѐ друго е класичен судир на две спротивставени (колективни) матрици. Во такви услови нема ни минимум простор за дијалог – затоа што разговорот со Другиот е ерес! Уште поголем ерес е да се мисли со своја (нешарена) глава. Оттука, почнувам да се сомневам и дека пишувањето колумни има некаква смисла.

Не знам за вас, ама мене ми е преку глава од играта на троновите и од застрашувачките или утопистичките сценарија со кои ме бомбардираат секојдневно. Предолго трае ова, продира како отров преку сите пори, ме гуши и ми го краде буквално секој ден од животот (а јас не сум баш млада за да го трошам туку така) – без да се наѕре светлина на крајот на тунелот. Мојата базична човечка потреба сега се вика – нормалност! Во разговор со други, сфаќам дека чувството е општо, ама луѓето се плашат да го кажат тоа гласно, бидејќи ќе ги обвинат дека се поддржувачи на staus quo-то т.е. на режимот. А режимот, фала на прашање, е сосема добро, и покрај „перформансот“ на Заев и Најчевска Орлеанка. Целиов циркус веќе наликува на голема paintball забава, каде што влезницата чини 50 евра (согласно одредбите на Законот за чистота). Во вакви услови, кај мене се буди инстинктот на преживување, т.е. на одржување на менталното здравје и отпор кон секој обид за дисциплинирање и киднапирање на приватноста. Ова го кажувам гласно, во име на сите кои се плашат или немаат начин да го сторат тоа. (Патем, немојте ни да помислите дека борците се откажале од убавите нешта во своите животи! Откако ќе се испразнат со катапултите и чаталите, со чувство на правичност си го тераат животот, а револуцијата и онака трае од 18-20 часот). Како преживувам? Така што се трудам да си го најдам одново ентузијазмот со кој сум пишувала научни трудови, не гледам ниту ТВ вести, ниту дебати; уживам во Водно во секој слободен миг; гледам Лига на шампиони со компирчиња и пиво в рака; навивам за Ноле; читам книги и гледам стари филмови.

Сепак, сакам да напишам некој збор за едно посебно место кое прави да се чувствувам како на друга планета! Всушност, прави да се чувствувам како да се наоѓам во Македонија каква што посакувам да биде. Ќе се изненадите, ама тоа место е еден фризерски салон, можеби уникатен, како што кажува неговото име (Unique). Не сум помодарка, но кога имам потреба, одам таму веќе со години, но дури последниве година-две го доживувам како оаза на нормалноста. Додека ме третираат вештите раце на Игор и девојките, молчаливо следам што се случува наоколу. Ќе рече некој дека претерувам, но се трудам најреално да ја опишам атмосферата која ретко каде ќе ја сретнете: мала дружина на млади и исклучително вредни и посветени луѓе, кои со љубов си ја вршат работата. Од говорот на телата, од немите погледи кои си ги разменуваат и со кои се разбираат кој што треба да стори, од ведрите и ненаместени насмевки. Тие луѓе – без оглед на позицијата – си ја сакаат работата, уживаат во неа, се трудат да бидат најдобри, учат од сеприсутниот и вешт Игор. Но, најважно од сѐ, тие се почитуваат меѓусебно и претставуваат заедница. Тоа пријатно место не им е само извор на егзистенција, туку место кое го сакаат и во кое минуваат добар дел од своите животи. Затоа, се грижат за секој детаљ, сакаат да успеат, не пребираат кој што ќе стори, нема суети и хиерархија. Затоа ги почитувам, ја почитувам нивната работа и енергија. И успеваат, иако времињата се тешки, а бројот на клиенти е зависен и од материјалната положба на луѓето, од нивната волја да си посветат себе си барем некој миг во месецот или од тоа дали ќе се отселат. За разлика од сѐ друго во државата, таму сѐ функционира беспрекорно. Таму среќавам обични, нормални луѓе, и не сакајќи ќе наслушнам за некој убав настан за кој се дотеруваат и тоа мами насмевка. Размислувам: па таква работна и колегијална атмосфера не можам да видам ни на мојот институт!

Нема да бидам фер ако кажам дека е ова единствената оаза на нормалност околу нас. И покрај силната двострана контаминација на душите и телата, сета безнадежност која ни ја исцицува енергијата и волјата за живот, со голем напор и по висока цена мнозина сепак успеваат да се сочуваат од депресија, гнев и омраза. Ми се чини дека оние кои неправедно ги нарекуваме обични луѓе се оние кај кои ќе најдете најмногу благост, солидарност и добрина. Колку одите нагоре по општествената хиерархија, толку почесто среќавате луѓе ослободени од обврската да ги почитуваат и најелементарните норми на пристојност – затоа што времето е вонредно! За жал, најголема вулгаризација на јавниот дискурс ќе сретнете кај најучените, кои се горди што се ослободиле од стегите. Делат дијагнози за душевни болести, што е посебно болно кога се знае дека е тоа ранлива категорија лишена од секакво достоинство и хуман однос. Како ли се чувствуваат семејствата на тие луѓе додека слушаат од ракав дадени дијагнози? Не се поштедени ниту сопруги, ни малолетни деца, ниту се води сметка за колатералните жртви. Еден ден ќе заврши и „перформансот“, нештата ќе бидат поставени на колосек од странците (иако ловориките ќе ги собираат познати домашни ликови). Но, предизвикот пред нас ќе биде потежок и подолг од револуцијата. Ќе треба да станеме нормални луѓе, ако е тоа возможно. Ќе треба да почнеме да се однесуваме како оние млади луѓе од мојата „оаза на нормалноста“. Дали ќе можеме? Никој, па ни авторот на Играта на троновите, не знае како ќе заврши сагата, ама тоа сигурно нема да биде хепиенд.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Game of Thrones/HBO