Условна Република Македонија

Ден пред минатонеделната колумна, на Фејсбук напишав реченица којашто практично ја засени и неа и сѐ што претходно сум коментирала околу политичката криза: „Ова со боењето веќе е несимпатично, здодевно и бесмислено!“. Мнозина се плашеа да го кажат тоа за да не бидат обвинети дека се против демократски промени; други сметаа дека сум ја погазила светоста на поликолорот како револуционерна алатка. Добив дијагноза од Саше Политико (мора да сум болна затоа што ми фали „онаа работа“, па некој треба да се жртвува за слободата и да ме „опне“ колку и да сум стара и одвратна за да замолчам), а женските организации молчеа – веројатно мислејќи дека сум добила што сум барала. Видни интелектуалки моите ставови ги прочитаа како „неутралност која се граничи со перверзија“. Од другата страна, пак, некои пребрзо се израдуваа и побараа интервјуа со осуда на сквернавењето на „историското и културно наследство“. Колку е точна изреката за времињата кога паметниот замолчува, будалата проговорува, а фукарата се збогатува. Критиката не ја искажав затоа што Портата, лавовите или оградата на мостот итн. ги сметам за објекти со културна вредност (историјата ќе им суди за историското значење и симболизам). Напротив, со години ги сметам за кич, за новокомпонирана квазиуметност, перална на пари, инструмент на социјален и национален инженеринг и за израз на национална фрустрација. Дали некогаш ќе ги сместиме во Мементо парк (кој ќе биде најскапиот на светот, а со објекти од сосема нов датум), не знам. Но, знам дека боењето и ритуалните протести не даваат резултат, ниту значат осмислени чекори кон излез од кризата. Сега, кога цел на боењето станаа и институции кои не се дел на Скопје 2014, и најконкретно Собранието, јасно е дека пораката на протестирачите нема врска со спомениците. Сепак, нејасно е што сакаат и како. Заев се изјасни дека е против експертска влада, а протестирачите ниту му реплицираа, ниту имаат идеја што со повампирениот собраниски состав кој го повикуваат да се врати назад за да внесе демократски промени (!?). Самата зграда на Собранието е една од ретките со огромно историско и политичко значење. Собранието се самораспушти согласно уставна норма, за која ќе се сложиме дека е уникатна во светот на парламентарните демократии. Но, каде им бил умот на оние кои го напишаа Уставот и сѐ уште носат ловорики на „татковци-основачи“ (founding fathers), а кои не беа ни уставни правници? По толку уставни ремонти на највисокиот политички и правен акт никому не му падна напамет да ја преиспита оваа норма, како и решението токму спикерот на Собранието да распишува избори (предвремени или редовни, сеедно).

Оваа криза неодоливо потсетува на онаа во која се распаѓаше СФРЈ. Уставните правници беа во парализа: сето она што требаше да биде темел на уставноста и законитоста се претвори во прав и пепел – сѐ до протекувањето на човечка крв. Уставите на новите (божем) демократии беа напишани со крвави букви. Нашата сегашна криза доаѓа до момент на целосна ерозија на сѐ што значи систем, институција и поредок, а уставен правник нема да видите или слушнете ни за лек (велат дека некои од нив се повторно нечии и некакви советници). ТВ дебати помеѓу новинари, бивши амбасадори и политички аналитичари е губење време и доказ за отсуство на колективен ум. Но, од друга страна, дали толпата е подготвена за уставно-правна и рационална реторика? Навистина, аболицијата ја потврди старата мудрост дека она што еден будала ќе го направи, ни сто паметни не можат да го оправат. Сепак, израз на немоќ е што дел од академската и експертска елита треба да предводи јавна и инклузивна дебата низ која ќе се предложат институционални решенија за излез од кризата е позафатена со боење и држење говори, со цитати на Мартин Лутер Кинг или Малком Икс. И моите критичари ми приговараат дека само критикувам, а не нудам решенија – небаре јас сум го покренала протесното движење или сум негов дел! (Последен пат кога бев во таква позиција научив дека таквата атмосфера не е погодна за конструктивни чекори, како на пример драфтување нов закон за високо образование; полесно е да се вика „уааа!“ одошто знаењето да се стави во функција и во работна група.) Себе не можам да се видам во група на граѓани-протестирачи или професори подготвени да прифатат и жртви на патот кон слободата, а пролевањето боја и енергија го сметам за безидејно, ќе ја повторам провокацијата за конституанта, уставотворно собрание. Ако од Уставот не остана ништо освен гола хартија, тогаш каде е лекот? Конституционализмот не значи (само) пишан устав, туку устав кoj живее, кој постои во материјална, а не само во формална смисла на зборот. Во 1991 година, Устав беше донесен во ургентни околности и без демократска дебата. Во рамки на тој општествен договор се реализираше неказнето, па дури и со ентузијазам, првобитната акумулација на капиталот. Општествената сопственост се приватизираше на криминален и неправичен начин, социјалните разлики станаа огромни, а класната свест се укина и забрани. Толку фалениот Устав (од неговите творци и од странците) не вгради ефикасни механизми за разрешување на внатрешните конфликти по институционален и мирен начин; поделбата на власта е недоследна, а собранието има чудна моќ да одлучува за својот живот и смрт, додека најголем дел од времето е безначајна институција, привезок на кабинетот. Судството беше моделирано согласно политичката волја и е инструмент на заштита на интересите на моќните, а не на сиромашните и обесправените. Султан-партиите се движечката сила на недемократските тенденции. Потоа дојде Рамковниот договор со странски претставници како гарантори; беше/се индуцираше промена на уставот, а притоа ниту беше ратификуван, ниту подложен на референдумско изјаснување или дури и симболична јавна дебата. Етницитетот стана уставна категорија поважна од демосот, а во име на мирот и стабилноста. Пржинскиот договор е акт кој го дерогира уставот со решенија кои треба да се лек за кризата, ама се со силни контраиндикации. Македонија стана Условна Република Македонија! Ако работата стасала до тоа дереџе, нели е нужен нов општествен договор откако ќе победи револуцијата, а за кој треба да се дебатира уште сега наместо да се демонизира секој кој не е гневен и не фрла бои? Ако е веќе сѐ специјално, зошто нема барања за конституанта, за ново претставничко тело кое ќе биде свикано со единствена цел да донесе нов устав? (Освен Тачи кој подразбира два општествени договори, и нови делби.) Зборувам за нов општествен договор кој нема да почива на власта на олигарси и корумпирани врхушки овенчани со етнички ознаки. Може ли ваква уставна криза да се избегне со овој устав или со негово крпење? Но, само нормативен илузионист би поверувал дека има капацитет за револуционерни промени и за уставотворно собрание, дека има сила да отфрли структурално неолиберално насилство или етнички делби. Идејата која ја нафрлам се чини однапред осудена на пропаст, ама предводниците на промените (партиски и непартиски) се како гуски во магла, па дури подготвени за револуција за сочувување на статус квото. ВМРО-ДПМНЕ е гроги, но ни опозицијата го има народот на своја страна; протестирачите имаат помала поддршка, а повеќе поликолор во балоните. Во пат-ситуација, пак ќе се соочиме со нов мртвороден политички договор наметнат однадвор. Но, новото не доаѓа прекуноќ, ниту лесно се раѓа. Битно е да се зачне, а да не се жртвува за козметички промени и за условна Македонија во која секој сака да е калиф наместо калифот.

Напишана за Нова Македонија
Фотографија: Ванчо Џамбаски виа FOSIM/Flickr