3, 2, 1 – 0!

Климаксот на револуцијата е одложен за вечерва, како што велат злобниците, поради лошата математика на организаторите (верски празник/продолжен викенд); Заев тврди дека тоа е сторено за да се избегнат блиски средби со учесниците на роденденската прослава на ВМРО-ДПМНЕ. Како и да е, малкумина очекуваат да видат грандиозна сцена на народ кој ја зема правдата и демократијата во свои раце. Се шпекулира со радикално сценарио, (упад во зградата на владата), но тогаш како е тоа можно ако најинформираните, медиумите преминаа на летна шема не очекувајќи „брејкинг њуз“? Денешниот перформанс, се чини, ќе биде само достоинствен начин да се спушти завесата и прогласи фајронт. Според Заев, доста е, дошло време на одмори, на луѓето им било доста од сѐ (за ова е во право: мнозина немаат пари за одмор, но политиката им се згади, наместо да ги привлече). Пржинските преговори оделе горе-доле добро. Без да бидат консултирани (или барем ние тоа не го знаеме), учесниците на Шарената револуција ќе бидат распуштени. По кој знае кој пат! Дали ќе соберат конечно храброст да го исвиркаат оној кој ги „извози“ и искористи? Пропуштена е уште една можност за ефектуирање на општествената енергија разбудена одоздола, што поради неискуство, што поради партиско замешателство. Повикот за денешниот чин употребува тешки зборови: „не простуваме“, „лути сме и гневни“, но звучи празно и наместено (можеби поради басната со овчарчето и волкот?). Како да веруваш некому дека е гневен кога самиот поставил рок (за собирање на гневот), а потоа и го одложува? Претпоставка за секој успешен ултиматум („ќе послушате, или – !!!“) е проценка на сопствените капацитети за реализација на „заканата“ – или е обичен блеф. Америкците велат: не посегнувај по стапот, ако не си подготвен да го употребиш – инаку, оние на кои им се закануваш само ќе се осилат. (Парадоксално, но токму лошата стратегија на опозициските сили е факторот којшто го одржува ВМРО-ДПМНЕ во некаков живот толку долго.) Можно е сѐ да заврши како во онаа „се трешесе гората, се роди глувче“, но не е доцна да се направи салдо на (не)научените лекции. Видливите ефекти од „револуцијата“ се мали, но општествено искуство е драгоцено за земја позната по политичка апатија. Потребата да се практикува правото на протест не смее да се доведе во прашање и покрај слабостите (неуспехот?) на ова движење. Место за (само)критика има на претек. Кога ќе се смират страстите, верувам дека и во Цивил ќе размислат и нема да им се закануваат на критичарите дека ќе останеле „запаметени сите што ја извитоперуваат вистината“. Неспособноста да се носат со критиките и да измислуваат непријатели кај што ги нема ги прави некредибилни и ранливи пред оние кои ги обвинуваат дека одработуваат за политичката опозиција.

Месеци минаа без вистинска делиберација, и внатре во хетерогеното движење, и со другите делови на општеството кое имаше потенцијал и желба за промени. Продефилираа НВО кои ја суспендираа својата мисија и забегаа во политички настапи (истапи е подобар збор), млади партии кои заборавија дека веќе не се движење и стара партија која дејствуваше од позадина. Наративот исполнет со големи зборови остана лишен од радикална суштина и се сведе на смена на власта, кривична одговорност на нејзините челници и на сочувување на неолибералниот консензус. Говорите и прогласите имаат симболичко значење, создаваат привид дека нешто се случува, но не продуцираа визија за инаква Македонија. Обидите за отворање критички дискурс за сите политички актери беа елиминирани во зачеток, рационалниот дискурс оттурнат, а неговите носители обележани како недоволно револуционерни „неутралци“. Видовме комбинација на прошетки и фарбање, малку герила-акции без поголем учинок или со контраефекти. Барањата на Шарената револуција се контрадикторни: се бара оставка на Иванов, а не се прифаќаат избори. Се порача: „Граѓанки и граѓани, Уставен суд сѐ уште не постапува по нашето барање за заштита на правдата. Прашуваме, планира ли овој суд, оформен во име на граѓаните и платен со пари на граѓаните да се произнесе за СЈО?“ Очигледен популизам за секој кој знае нешто за конституционализмот! Уставниот суд не е вистински суд, но уште помалку орган на демократијата (иако заштитува лимитиран број лични права). Тој не е оформен во име на граѓаните, туку е во име на заштитата на уставноста и законитоста, без оглед на волјата или бројноста на групите. Политика во границите на правото е формулата на либералниот поредок. И врапчињата знаат дека со децении Судот (како и сѐ друго) е под партиска контрола, а судиите не се избираат од редот на врвни правници, туку согласно партиската волја во центрите на моќ (владејачкото мнозинство или претседателот). Затоа, ултиматумот не може да го прави ниту подобар, ниту понезависен. Ставот на граѓан(к)ите може да е демократски/мнозински, но не и нужно согласен со Уставот и законот. Политичкиот компромис ќе стане општествен договор само со редефинирање на Уставот, а не со ултиматуми. Каква придобивка е партиски послушен Уставен суд да почне да потпаѓа под ултиматум од улица или под силата на јавното мислење? Што кога утре друга опозиција постави ултиматум? Тоа што Судот не се произнесе за Рамковниот договор, и за други работи од негова надлежност, е само доказ колку бил зависен.

Протестот го предводеа активисти на НВО секторот и опозиционери, но до масовна мобилизација не дојде. Во Скопје маршираа жителите на централните општини, а ехото не стаса ни блиску до Чаир или Драчево. Немаше концентрични кругови, а и како би кога најгласните му порачуваа на народот: „отпор, стоко, дај отпор“. Активистите, како што обично бива, не се обединија околу збир на политички ставови и практики, туку отворено флертуваа со опозицијата и меѓународната заедница, а имиџот го градеа на својот (наводно) бунтовен темперамент. Со право се вели дека многу активисти уживаат во својата маргинализираност, интерпретирајќи ја својата малубројност како доказ за сопствената посебност и исправност, без да размислуваат за ефикасноста на акциите. Во овој случај, тие живеат во илузија дека се мнозинство. Револуцијата се сведе на спектакл, во голема мерка посматран и од присутните спектатори-учесници. Храбрите „командосите“ носат качулки (?!), а мнозинството стои и во најдобар случај скандира. Уште поиндикативно е отсуството на лична пожртвуваност: најголемата „жртва“ се сведе на издвојување саат-два дневно (без викенди) од слободното време. Самофинансирање (и самолегитимирање) немаше, а материјалот платен од (не)познати финансиери, што само ја зајакна недовербата и даде муниција на власта. Револуционерите, луѓе со добра социјална и јавна позиција (замислете „обичен смртник“ во присуство на полиција да фрли боја на полициска станица и да мине неказнето?). Во брендирана облека, со најнов мобилен гаџет, велосипед или (подеднакво скапо) домашно милениче, сѐ на нив зборува дека се политички претприемачи, а не директни чинители. Протестот како талент шоу што оди во крајностите помеѓу спектакуларното и морбидното го изложи Анастасовски во два луцидни текста на својот блог. Кога спектаклот на шаренило се истроши, нештата добиваа лик на леење крв, политичка некрофилија, бесилки, итн. И што сега? Ништо, ако не се промисли зошто протестите не резултираа ниту со масовна поддршка, ниту со промени. На есен ќе „славиме“ 25-годишнина на држава на умирање и ќе се загреваме за избори со исти партии, во ист поредок.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: FOSIM via Flickr