Американските херои

Шарената револуција има „командоси“ со маски на лицата, на кои – замислете – им доделува (ракотворени) ордени за заслуги. Наградувани биле оние со најредовно присуство и со најголеми дострели во катапултирањето боја врз зградите и спомениците. Поддршката од странските амбасади за овие ненасилни командоси, се чини, е доволна; не може да се забележи видлив и конкретен напор насочен кон мобилизација на сограѓаните, освен повикот на „спектакуларен огномет“ и гости од Скопје (Пендаровски, Најчевска), како што неодамна беше случај во Паланка. Нема да признаат, а секој кој тоа ќе го каже гласно ќе биде означен за (крипто) вмро-вец и колаборатор, но Шарената револуција страда од склероза. Веќе е јасно дека губи здив, нема јасна цел, ниту стратегија, уште помалку капацитет за самокритика. Проценката е дека наскоро, со подобрување на временските прилики, командосите ќе стивнат и заминат на заслужен годишен одмор; битката за правда и демократија ќе продолжи по одморите. Но,овој пат темата не е прилично безидејната и здодевна револуција.

Мерлин Монро (Фото: Alfred Eisenstaedt/Time Life)

Неодамна гледав документарен филм („Со љубов, Мерилин“), во кој врвни глумци изговараа делови од интимните записи на славната секс-икона. Многу различен, топол и тажен – а првенствено длабок и човечки – приказ на една жена која и после 90 години од раѓањето, а децении по нејзината смрт, буди контроверзии. За мнозина таа беше и остана секси блондинка, будалеста и интелектуално плитка, од која медиумите уште за време на нејзиниот живот направија симбол кој добро се продава. Филмот ја открива другата, помалку позната страна на едно човечко суштество кое се бори за сопствениот дигнитет и афирмација во еден бескрупулозен и доминантно машки свет, чиј живот завршува прерано и трагично, но не пред да остави зад себе неизбришлива трага. Гледано низ оваа призма, Мерилин беше предвесник на едно ново време, на сексуалната револуција и на еманципација на жената која ги отфрла оковите на лажниот пуританизам и уште полажниот јавен морал. Нејзината реакција – т.е. одбивањето да излаже дека токму таа позирала гола за календар (како што бара филмското студио) или јавно да се покае за изложувањето на своето тело е херојски чин во време кога САД, и генерално Западот, портретираат поинаква слика за добрата жена, сопруга и мајка. Мерилин станува симбол на една самосвесна, храбра жена која не се срами од себе и од својата сексуалност. (Сосема друга приказна е онаа за нејзината лична злоупотреба, дури и од нејзиниот сопруг писател, како и за злоупотребата на ваквото ослободување на жената во комерцијални цели. За тоа, другпат.)

Мухамед Али

Пред неколку дена почина Мухамед Али. Како и во случајот на Мерилин, или која било друга славна личност, и овде се преплетуваат митот и вистината за личноста, за која е тешко да се каже дека е светец/светица, а сето тоа зачинето со солзи и цунами на зборови од рубриката „сѐ најдобро за покојниот“. Веста ми ги врати спомените за ноќите во кои со татко ми и брат ми со возбуда чекавме да почне боксерскиот меч. Навистина, од моите најблиски научив да го сакам спортот, а тоа не беше тешко за дете во земја која беше светски првак во многу, особено колективни спортови. Но, со Али беше друга приказната: за мојата генерација, тој беше симбол на она што поединец може да стори кога се бори за своите принципи и гласно зборува за неправда дома и за таа врз Виетнамците, таму надвор. Од бројните реакции по повод смртта на Али, особено ме трогна една на американски публицист и критичар. Ендру Полак се присеќава на тоа како плачел кога Али го загуби мечот против Фрејзер и на тоа како неговиот пример го мотивирал него, конзервативно момче во гимназија, да почне да размислува за она што е длабоко погрешно во неговото општество, за расната опресија и војната во Виетнам. Интересно е дека сеќавањата ни се слични, иако сме живееле на различни „светови“. Али будеше восхит особено поради подготвеноста да ја плати цената за она во што верува. „Испратете ме во затвор, па што?“ – е една од речениците која се врзува за овој боксер, кој беше многу повеќе од тоа. Познатиот фалбаџија, Најголемиот (како што себе се нарече), беше икона на целиот спортски свет, во време кога светот беше намерно поделен на два непомирливи дела. „Јас ја претставувам вистината. Светот е полн со луѓе кои се потчинети поради репресија, сиромашни луѓе. Тие се за мене, тие не се за системот. Сите црни милитанти, сите хипици, сите дезертери, сите тие сакаат јас да бидам победникот“ – изјави тој во далечната 1971 година. Тој ги надмина границите на спортот и како никој пред него, стана политичка личност од извонредно значење на сите меридијани. Последната реакција на Али – каква иронија – се однесуваше на исламофобијата на еден од главните претенденти за нов претседател на САД, Доналд Трамп. Не е пораз на Али тоа што неговата земја војуваше во Виетнам, без воопшто да се соочи со своето минато и злосторствата врз цивилното население, и што остана држава зависна од војни. Тој го стори своето, толку колку што може да се очекува од еден човек.

Со сета резерва, па дури и скепса, кога станува збор за некритичка глорификација на личности од светот на славните, ги споменав (само) Мерилин и Али поради нивното влијание врз мојата генерација и поради времето во кое растев. Кога твојата татковина е легитимен сојузник со најсиромашните и воено најслабите држави во светот, и кога од најмали нозе не сонуваш да станеш дел на воена алијанса, туку да бидеш различен и свој, и да бидеш антивоено позициониран кон сите војни, растеш со поинакво уверување од она кое го води денешните генерации. Нашите јунаци мислат дека без НАТО нема живот, дека е грев и да кажеш нешто против „нашиот најголем сојузник и поддржувач – САД“, и дека е хумана работа да војуваш во Ирак и Авганистан, дека е голема гордост да те поканат на прием во американската амбасада. Можеби наивно, но ние растевме со уверување дека сме на страната на оние кои се борат со хегемонијата на супер-силите, против капиталистичката експлоатацијата и злоупотребата на социјализмот и во името на социјализмот. Наши херои, меѓу другите, беа Че Гевара и Хо Ши Мин; плачевме поради убиството на Аљенде. Им се восхитувавме на Битлсите и Ролингстоунсите кои уриваа табуа и го тресеа конзервативниот поредок. Не бевме (и не сме) анти-западно ориентирани, бидејќи бевме на подеднаква дистанца и од лажните светла на велеградот на Западот и од занданите и тенковите на социјализмот на Истокот. Она во што потфрливме беше неспособноста да го детектираме и да се справиме со злото кое се раѓаше дома, додека пеевме песни за мирот во светот и собиравме пари за гладните деца од Бијафра. Денешните млади, обратно, полесно го детектираат злото дома (во ликот на корумпирана влада/лидер), ама не ги гледаат корените токму во системот етаблиран од оние против кои Мухамед Али се бореше до својата смрт. Правда бараат од токму од американската амбасада, верувајќи во нејзината справедливост и покрај прогонот на Челси Менинг, Асанж и Сноуден и тоа поради кажување на вистината. Истата вистина поради која висока цена плати и Мохамед Али.

Напишано за Нова Македонија