MAXIT

„Да бе, и Британија вака се секира за нас; во пабовите само за нас зборуваат!“ Ова е една од реакциите на социјалните мрежи по наглиот наплив на коментари за Брегзит. Таа е можеби израз на цинизам и одраз на состојба на целосно запоставување на светот околу нас изминативе години (мнозина замислуваа дека светот се врти околу нас и нашата „шарена револуција“) и нималку нежното „будење“. Од друга страна, подбивање со импликациите од Брегзит може да е и одраз на провинцијализмот во нашата паланка, која е свет за себе. Молкот (и конфузијата – што сега?) кај опозициските сили – кои традиционално се презентираат и (само)перципираат како исклучиви и автентични чувари на светоста на европската интеграција е евидентен. Наративот на „револуцијата“ се темели токму на повикувањето на европските вредности и (очекуваната) поддршката од Брисел (и Вашингтон). Брегзит е настан со огромно значење за Британија, Европа и светот. Кај нас е само освестување дека додека се занимаваме со азбуката на демократијата (неретко романтизирана како за во детска читанка), живееме во нималу совршен свет, во кој нема добри и лоши момци (бидејќи и добрите се лоши, и обратно), а насекаде се надвиснале темни облаци. Токму затоа, брзината со која ќе ја затвориме тековната „турска серија“ наречена политичка криза, ќе ни даде време да размислиме за себе во новите констелации и будни да ги дочекаме другите случувања, како домино-ефектот во ЕУ и претседателските избори во САД.

Што/кој одлучи за излегување од земјата на бајките? Анализите покажуваат изострена слика: неразвиените против развиените региони; постарите наспроти младите (овие во огромен процент беа за останување, но процентот на излезност не беше толку висок како постарите). Идеолошки, сликата беше понејасна, бидејќи за Останување/Напуштање гласаа и десните и левите од различни причини. Исходот остави длабоки поделби внатре во секој блок, но и меѓу граѓаните и народите. Оттука, Лексит (левата аргументација за излез од ЕУ) придонесе за Брегзит, иако генерално (и симплифицирано) тој се врзува за ксенофобите и националистите (како Фараж). Некои калкулираа со невремето за време на референдумот. Кампањата на Брисел и Берлин во вид на застрашување со економски колапс во случај на Брегзит, но и агитирањето на личност како Блер за останување, се можеби дополнителни фактори со контраефект. Варуфакис смета дека победила перцепцијата за ЕУ како недемократска и нерационална, а Галтунг зборува на тројанскиот коњ, САД, кој одлучи дека му е дојден крај на проектот ЕУ. Вистината е секогаш комплексна.

Зошто Брегзит се доживеа како шокантен исход кога британското општество со децении го негува сентиментот на „посебност“, се ценка со Брисел и селективно ги прифаќа политиките, додека води љубов со САД и војува (децении после Никсон и Тачер)? Европскиот дух повеќе се пие со мајчино млеко во балканските кругови и училишта (за НВО и да не зборувам), отколку во Британија – која и натаму живее со перцепцијата за својата империјалистичка слава. Миграцијата е прашањето на кое се „прекршија“ гласачите. Ксенофобијата и расизмот се длабоко присутни ширум Тврдината Европа! Мигрантот стана жртвениот јарец за сите несреќи кои ги предизвика кризата на капитализмот, социјалната нееднаквост, егзистенцијалните стравови. Всушност, нема место за шок: ЕУ свесно одбегнува да го види рептилот во пазувите додека случува пакт со ѓаволот (дилот со Ердоган)? Дискриминацијата на Ромите и „другите“ од Источна Европа беа таму уште пред постерите со „плашила“ од Македонија, Косово и Албанија. За жал, тоа комплексно чувство победи со Брегзит и доби демократска легитимација! Како што во ирскиот референдум се собраа сите критичари на Лисабонскиот договор (со право), сега Брегзит е тригер за сите сепаратистички и националистички движења. Подлабоката причина треба да се бара во природата на ЕУ како елитистички концепт (оригинално, креиран од САД). Обичните луѓе не беа сметани за чинители на кои треба да им се верува (по крахот на Уставот, Лисабонскиот договор беше набрзина усвоен без делиберација, со исклучување на референдумот како средство). Сега во една земја членка се доживеа бумеранг ефект на сето она што елитите го држеа под капакот во лонецот (кој сѐ уште не е босански). На крајот на денот, национализмот ја победи интеграцијата, кои и да се причините, а приказната нема да заврши само на Островот. Евроскептиците беа замолчувани и етикетирани како противници на интеграцијата само затоа што отворено зборуваа за недостатоците! И додека еврофилите во паника смислуваат начини за манипулација со гласот на британските граѓани, а еврофобите слават, евроскептиците остануваат борци за поинаква Европа (и свет). Брегзит е нова состојба на умот на нацијата (која се прашува дали е сѐ уште нација), но и на ЕУ која ќе учи како да имплементира политика спротивна на нејзиниот доминантен наратив за обединување. Во моментов е само јасно дека од битката во Разединетото Кралство никој не е без лузни, дека политичката коректност типична за финото британско општество беше разголена (доволно е да се видат медиумските и политичките дебати од кампањата за да се сфати длабочината на јазот меѓу декларираното и стварното). Ова ќе биде момент на преиспитување на внатрешната кохезија или ќе се направи чекор кон амбисот на ЕУгославија. (Впрочем, сличностите меѓу СФРЈ и ЕУ никогаш и не биле безначајни, но како што своевремено под налет на национализмот СФРЈ немаше сила да се европеизира и да пристапи кон ЕЗ, така сега и ЕУ нема капацитет да ги промисли последиците од својот распад). Добрата страна на референдумот е што зададе удар на забеганата и склеротична ЕУ, слепа и глува за вистинските проблеми на граѓаните и нивната потреба да бидат слушнати. Тешко е сега да се проценат сите ефекти, но јасно е дека ќе траат многу долго. „Разводот“ ќе трае и десетина години (патем, животот познава и неуспешни разводи, а ниту еден не е без последици за партнерите и за оние кои зависат од нив). Има малку надеж дека овој удар ќе ги натера европските елити и евробирократите да размислат за поинаква, подемократска и посолидарна ЕУ – но надежта е, нели, дел од Пандорината кутија.

Какви се ефектите за нас? Интеграцијата одамна не е главна тема на Брисел освен како седатив за непослушните деца. Таа е сега колатерална жртва на балканизацијата на ЕУ. Справувањето со (сомотската) дезинтеграција ќе доминира, а ние по обичај сме без план Б, па дури и без капацитет за имагинација и внатрешна дебата! Тоа е последица на принципот There Is No Alternative. Не научивме дури и да размислуваме за „живот на стенд бај“, а сега предизвикот е можен живот без ЕУ перспектива. Можеби Грегзит ќе беше револуционерна вест за внатрешна промена на ЕУ на корпорациите и банките, но Брегзит отвора Пандорина кутија на наталожени и прикривани проблеми. Ова е поттик и за нашите сепаратисти и шовинисти, без морална и друга вертикала и иднина. Во залог е сега мирот, а не ЕУ! Темни облаци навестуваат состојба налик на онаа од пред сто години. Брегзит или Макзит се лош избор, бидејќи проблемите се заеднички и транснационални – и можат да се решат само со заедничка борба (со или без формално членство во остатокот на ЕУ), а не на национални острови. Паролата „пролетери на сите земји, обединете се“ е уште порелевантна од порано, иако можеме да разговараме за модерниот пролетаријат, прекаријат или нешто трето.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: iStock