Ние не сме ангели

По прозивките кон професорите кои не се придружиле на Шарената револуција, напишав дека проблемот треба да се бара на друго место. Таму маршира најголем број доктори на науки и професори по глава на протестирач, но ги нема оние во чие име тие бараат правда и зборуваат за сиромаштија. Професори се појавија и како судии во „процес“ против УКИМ и на МАНУ, а граѓанскиот/морален трибунал предводен од Тричковски ги осуди поради тоа што не ја оствариле својата основна мисија; според „судиите“ (Спасовски, Фрчкоски, Пендаровски) таа е „претворање на универзитетот во место на кое ќе се обликуваат јавните интелектуалци и ќе се отвораат контроверзи за најважните теми за слободата и политиката“. (Небаре успеавме да правиме научници отаде Табановце, па до интелектуалци стасавме! Ова покажува дека мнозина не прават разлика меѓу научник, интелектуалец и политикос.). Ете, токму овие две институции се на „тапет“ во аферата со кривичните обвиненија за поткуп и други злодела врз студентите сторени наводно и од академик, покрај колегите од Економскиот факултет. Интересно, токму оние кои ги ставија УКИМ и МАНУ на столбот на срамот поради молкот, сега се подготвени во аферата да гледаат исклучиво како на безобразна конструкција на власта која сака да ја дефокусира јавноста од судските процеси кои се надвиснале над неа. Некои од нив зборуваа за селективна правда и дека помалку ги интересира основаноста на обвиненијата, а многу повеќе се загрижени што преку упадот на специјалци на УКИМ власта ги дисциплинирала и застрашувала професорите кои го дигнале гласот против заробената држава. Но, речиси симултано се води хајка од страна на провладините трубадури, па се бара колективна вина на сите вработени на УКИМ; колегите се редум портретирани како сексуални манијаци, од што засега сме поштедени ние од женски пол. Не е првпат УКИМ, најстариот и најквалитетен универзитет, да е предмет на посрамување и обвинувања. Да не одиме многу назад, но само во последниве десетина години го опсервираа Соросовите организации, па потоа бевме „истопорени“ на билборди со Оскар за корумпираност, за подоцна „куририте“ да нѐ заокружуваат поради поддршката за студентите, кои со право протестираа против државен испит кој беше директна негација на универзитетот како таков. Етикети за неморал и корупција доаѓале и од власта и од опозицијата; во тоа се единствени, само што тоа го правеле во различни периоди и со различни мотиви. Другата константа е блискоста на професорите со центрите на политичка моќ. На една политизација се одговара со друга, со поинаков предзнак. УКИМ е  повмровчен од врвот до базата, ама очигледно сѐ уште не им поминал меракот сосема да го освојат. Ако не можат да го освојат, подготвени се да го уништат и понижат.

Упадот на полицијата за мнозина професори е скандалозно кршење на автономијата, зошто не била во прашање нуклеарна бомба или терористички напад, туку обична корупција. За жал, лекцијата не е научена добро: неповредливоста на универзитетскиот простор значи само дека властите (полицијата) не можат да влезат во него без согласност на ректорот, директорот или лице овластено од нив, освен ако не се работи за спречување на извршување кривично дело или фаќање сторител на кривично дело, како и во случај на природни и други непогоди. Според службените наводи, во конкретниот случај станувало збор за фаќање сторител непосредно откако кривичното дело било сторено. Се сложувам дека власта по обичај прави спектакл со политичка цел, а поранешен декан е „капиталец“ во ваков миг. Повторно се прекрши пресумпцијата на невиност, тоа е факт. Но, кога си имаме работа со ваква власт, зошто професорите би биле исклучок? Затоа што слабиот студент од Прилеп, Груевски таму магистрираше во својство на премиер, а полициското обезбедување беше распослано на кампусот? Затоа што осомничениот академик му ја промовираше „генијалната“ магистерска теза во МАНУ, а академици како ученичиња чекаа за потпис и фискална сметка? Малкумина сакаат да се втурнат во болната операција на преиспитување на душата (soul searching). Веројатно ќе препорачаат дека ова треба да го оставиме за друго време. Но, од кога тоа корупцијата е нормална појава за нас? Зарем не е тоа еднакво на „нуклеарна бомба“ за нашата морална вертикала и професионален интегритет? Редно е барем да се обидеме да не правиме маченик од некој за кој со години низ аулите се зборува дека е корумпиран до гуша (Лупевска направи „Код“на оваа тема), а кој никогаш не бил ни критичар на власта, па дури ни пленумец. Тој е едниот од двајцата светски шампиони во декански стаж (другиот ми беше декан). Да не се лажеме! Византиските игри, па и политичките и други видови „лобирање“ се типичен фолклор на секој избор на ректор, декан, па дури и на раководител на оддел. Отсекогаш ми било енигма зошто човек со љубов за студентите и науката би сакал да се впушти во таква трка? Од славољубие или среброљубие? Кривичните дела во кои студентите се жртви (или соучесници) бараат итна реакција, наместо чување на досие во фиока по потреба. Тоа бара правда и индивидуализација на вината. Инаку, ризикуваме на селективност да одговориме со селективност – со барање посебен третман за професорите! Не е доволно да им се извиниме на студентите, бидејќи ако сме искрени ќе признаеме дека помалку храброст е потребна да се маршира или да даваат жестоки интервјуа против властите (а „све ќе то народ позлатити“), отколку да се биде „свиркач“/укажувач на нештата во својата средина. Најмалку јунаци ќе најдете на Наставничките совети (кога се вработуваат партиски војници или сопрузи и деца, кога се отвораат студиски програми по налог на власта, се објавуваат плагијати или обичен академски „смет“, кога се потпишуваат докторати на политичари итн.). Кривичните дела се работа за правосудството, но ние не реагираме ни за дела кои спаѓаат во суверениот домен на академијата. Вистината е дека примитивната корупција е реткост, типична за поединци, но е грев се превидува и премолчува. За изложување на софистицираната корупција нема да ми бидат доволни ни десет колумни. Етичкиот кодекс, фала на прашање, фаќа прашина некаде во кабинетите, а никој ниту го чита, ниту го спроведува. Професорскиот пленум не само што потфрли во неговата основна цел (нов закон), туку и заборави на најбитната работа: погледнување на вистината во очи за себе и за многу нешта кои самите не сме ги завршиле или сме ги завршиле лошо или неетички, а за кои ни Бранко ни Никола никогаш не ни биле криви. Прво на листата е што не сме ги научиле студентите да се одбранат од насилството на наставникот. Ние не сме ангели! Исти сме како и општеството кое гние, делумно благодарение и на соучеството на професорите, почнувајќи од криминалната приватизацијата и транзиција. Но, додека плукате по универзитетот од кој сте ги зеле дипломите и поттикнувате антиинтелектуализам, водете сметка: УКИМ е мачкина кашлица за она што се случува на другите универзитети! И тоа е јавна тајна.

Напишано за Нова Македонија