Ајде и на наша глава!

Искрено, јас ја преспав драматичната ноќ во Турција. Немав поим што се случувало дури и наредното рано наутро: онака, „со засукани ракави“, одлучив да бидам домаќинка и да се фатам за „генералка“. Кога конечно дознав што се случувало, и дека некои други вистински генерали тргнале во авантура, веќе беше доцна: Ердоган не само што остана „султан“, туку и ја засили својата позиција со многу добро образложение, а Македонија доби уште еден повод за внатрешна конфронтација. Од коментарите на социјалните мрежи сфатив дека опозициските првенци и шарени интелектуалци во текот на ноќта ја зеле страната на „зелените“ (војската), а парламентарката (на стенд бај) Лидија Димова во екстаза извикала: Ајде и на наша глава, ама без насилство – што е оксиморон од невидени размери. Другиот дел од јавноста навивал за Ердоган: некои и од верски или етнички причини, а други од политички (демек, ете народот си застанал зад демократски избраната власт). Се заиграле мнозина, па си ги покажале и очекувањата и (не)демократскиот капацитет. Што да кажеш за интелектуалци кои посакуваат насилна смена на власта/режимот, воен (и/или граѓански судир), со што фактички би ја покриле својата политичка импотенција; или, пак, другите коишто посакуваат (нивниот дел од) народот да им покаже мускули на шарените пучисти исто како браќата Турци (а и тие се подеднакво импотентни, како и првите). Тоа што си проектираме нашата ситуација на еден вака значаен настан со потенцијал тектонски да ги потресе меѓународните односи, тоа е, се разбира, наш проблем. Таквите замислени сценарија се апсолутно неприменливи овде. Она што е особено индикативно за нашата политичка култура е старо/новата поделба на табори, од кои едниот навива (за нивна жал, неуспешна) за воен преврат, а другиот (на негова голема радост) за демократски избран султан. Најинтересни се оние кои се декларирани левичари, антимилитаристи и анти-НАТО кои сепак одбрале војска и жалат што народот ја спречи нејзината намера. Има тука многу двојни стандарди: ако се дигне народ во одбрана на Ердоган тоа е супер, ама во Македонија народот е херој само ако го урива режимот (со војска или без неа).

Зошто пучот не успеа? Кој стоеше зад него и со каква цел? Што ќе се случува сега: во Турција, во регионот, и глобално? Тоа се само дел од прашањата на кои се бара одговор. Покрај загубени преку 200 животи, настрада и демократијата (или она што беше останато од неа) колку од Ердогановите политики, толку и од тенковите, но султанот сега доби одличен претекст за пресметка со преостанатите опоненти. Не дека досега му беше важно оправдувањето за сето она што стана: заглибен до гуша во корупција, безмилосен во справувањето со критичарите или оние кои му беа само потенцијална опасност (новинари, професори, активисти), расипан до коска во византиските игри со САД, Русија, ИСИС, Асад. Најбрутален кон Курдите. Оние кои ја романтизираат победата на народот, односно победата на демократијата, не разбираат дека е ова Пирова победа: сѐ што ќе следува во иднина, нема воопшто да биде романтично. Првите мерки на одмаздата веќе ја почувствуваа илјадници припадници на судската фела. А ќе станува сѐ полошо. Некои го романтизираа(т) турскиот народ кој не дозволил со војска да се води земјата: навистина некои од сцените кои ги видовме зборуваат за луѓе подготвени да се соочат со ризик по сопствениот живот, и тоа не смее да се негира или игнорира. Веројатно, таквиот одек на граѓаните беше пресуден за неуспехот на пучот. Да не заборавиме уште еден битен факт: целата опозиција застана на страната на легално избраниот поредок и не даде поддршка на бунтовниците; кај нас тоа е незамисливо, нели? Други ја романтизираа(т) војската како бранител на демократијата, и тоа на слепо и според равенката: штом се дигнале против лошиот Ердоган, тогаш мора да се тие добрите момци кои ќе ја врата демократијата. Но, ретко кога војска, недемократска организација по дефиниција, со пуч донела демократија и човекови права. Но, знаела да донесе генерал кој ќе се пресоблече во цивилна облека, и наскоро ќе стане нов диктатор. За бунтовниците во Турција само знаеме дека ниту ја претставувале целата турска армија, ниту имале јавна поддршка, ниту пак добро ја извеле акцијата. Ете, Весли Кларк, убаво им кажал дека за успешен пуч е потребна вистинска намера, дури и ако тоа значи пукање во цивили. За целите на превратот и неговата иднина во случај на успех (со пукање во цивили) можеме само да шпекулираме. Работата е што нашите проекции за херојства и демократски промени се тотално небитни: тоа си е работа на турскиот народ! Дури и ако сака да избере султан.

Денот потоа, Македонија остана заплеткана во базична дилема: дали е народот херојски само кога е во опозиција кон власта, или може да биде херој и кога си ја брани демократски избраната власт (иако изборот не е цвеќе за мирисање). Ако настаните треба да се објаснат со зборовите на режисерот Александар Поповски (од интервјуто за белградска „Политика“) ќе излезе дека малиот (неписмен, корумпиран и беден) човек го одбранил Ердоган, додека во Македонија протестира Хамлет – ама тој е секогаш принц, и еднина (малцинство). Но, во демократиите (кои денес главно се сведуваат на избори, вклучително и во Турција или САД) не треба да си учен, паметен, чесен, социјално обезбеден, морален и непоткуплив за да имаш право на глас. Ништо поголеми/подобри луѓе не се ни оние кои ја сочинуваат владејачката каста. Она што се случува на протестите, според мене, најдобро го објаснува Жарко Пуховски, а што на хрватски гласи: побуна народа против пука, при што пук е всушност мнозинството кое некому, па и на Ердоган, Орбан или Оланд, му дало легитимитет да владее. А не е демократија кога победуваат оние кои ги посакуваме, ниту пак е демократија да посакаш да го снема малиот човек, виновникот за лудилото на Хамлет.

Да се вратиме на Турција. Некои мислат дека овие настани се удар за НАТО (поради држава членка) и непријатност за ЕУ (поради држава која сака да стане нејзина членка). Кај нив воените преврати се неприфатливи. Но, кога станува збор за воени удари во земји кои се за нив геополитички интересни – тогаш ги делат на демократски (прифатливи) и неприфатливи. Се сеќавате на Египет во кој брутално беше симната власт на Муслиманските браќа? Не само што беше поздравен ударот, туку и генералот Сиси како претседател. Еве, таму сега цвета демократија. Додуша, турската војска отсекогаш била гледана благонаклоно на Запад, дури и кога извршувала воени удари, само затоа што била чувар за секуларизмот (т.е. не дозволувала „застранување“ кон муслиманските вредности во управувањето). Но, и поради исклучително значајната геополитичка позиција за американските воени екскурзии. Тешко е и да се замисли дека американските разузнавачки служби немале сознанија што се подготвува, а прашање е и зошто со часови молчеа, па дадоа поддршка на „демократските институции“ дури кога превратот тргна наопаку? Засега е наивно да се верува дека не постоело можно странско замешателство. Турција е преважна за големите сили за да му биде оставена на превртливиот Ердоган или на турските граѓани. Затоа, ова многу наликува не само на неуспешен воен удар туку и на неуспешна промена на режим (regime change).

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Murad Sezer/Reuters