Бунарот на недовербата

Професорот во мене има потреба да напише некој збор за она што се чинеше дека ја разбранува јавноста деновиве: фарсата и криминалот на студентските избори на УКИМ, употребата на специјалци „за превенција“ и тоа врз не голем број голораки студенти, млаката реакција на универзитетското раководство, но и за неуспехот на Студентскиот и Професорскиот пленум, особено во мобилизацијата на членовите на академската заедница и слабоста во организацијата и дејствувањето во изминатата година и половина – колку и да е ова последново непопуларно. Човекот во мене, пак, е вознемирен од веста за смртта на четиригодишниот Алмир од Куманово којашто едвај допре до јавноста. Се кршев во себе, но во 90-тина реда не можам да кажам сѐ што мислам. Денес се одржува вонредна седница во ректоратот, но по завршувањето на изборот на нов ректор со студентски претставници без легитимитет – и уште пострашно, без легалитет – сето ова наликува на „по свадба тапани“. Имам дилема дали сета оваа драма околу ректор или „студентски лидер“ (категорија непозната во Македонија), воопшто има извориште на УКИМ. Сето ова е на реплика на општата (пред)политичка состојба, недоверба и омраза која врие и се прелева, слабост на институции и употреба на насилство, вербално или физичко, зависно од можностите. Ништо таму нема врска со академските прашања, стандарди и вредности, ниту пак нештата ќе се смират со повторување на изборите на есен. Особено е нејасна позицијата на Студентскиот пленум кој својата јавна промоција ја започна токму со положување мртовечки венец пред седиштето на Студентскиот парламент – но, оттогаш ниту себе се етаблираше (формално и фактички) како негова замена, ниту пак направи нешто за негово менување однатре. Професорскиот пленум е приказна за себе: не ја заврши својата мисија во вид на нов закон, ниту исфрли свој кандидат за ректор, а сега се промовира како заштитник на „децата“ – кои воопшто не се деца, и затоа заслужија општа поддршка. УКИМ стана мини-бојно поле, рефлексија на општата манихејска состојба, без оглед што проблемот кој сега исплива на површина е рак-рана на сите универзитети. Кога тоа постоел ректор или студентска организација со лидер за респект? Кога професорите и студентите претенденти за фотелји биле најдобрите и во академска смисла на зборот – или партиски независни? Кај тие длабоко посветени на науката, функциите (политички или фотељашки) никогаш не само што немале вредност, туку биле гледани со презир. Жал ми е што Студентскиот пленум изгуби речиси две години без да ги антиципира овие настани и да застане со појасна структура, и уште поважно – со масовна поддршка меѓу колегите-студенти. По обичај, критичната вечер имаше прозивки на професори кои не се појавиле да ги бранат „децата“ – кои никако не се деца, и на кои им требаше масовна студентска поддршка, а не пленумска од професори кои и самите не знаат колкумина членуваат во Професорскиот пленум, но се повикуваат на некакви си права и висока морална позиција. Нејсе! Се надевам дека УКИМ сепак ќе најде сила и доблест да ги постави нештата на вистински колосек, дека ќе му порача на СПУКМ (и оние зад него) дека вакви криминални избори се неприфатливи, заедно со вака избраните претставници, дека ќе инсистира на политичка и правна одговорност на оние кои наредиле употреба на специјални сили во ваков случај. Како и да е, УКИМ ќе заздрави само тогаш кога ќе заздрави и општеството; за жал, јас не го гледам како авангарда во тој процес, туку како дел од проблемот.

Поголемо внимание заслужува она што заврши со смрт на дете, за кое македонската јавност едвај и да беше свесна. Сеопштата грижа за УКИМ ме потсети на времињата кога за Албанците поважен беше (нелегалниот) Тетовски универзитет отколку немањето водовод или амбуланти по селата. Молкот околу околностите кои доведоа со смрт на детето потсетува на еден друг толку употребуван слоган „Пробавте да скриете!“. Само што овој пат не е Мартин, туку Алмир и што не станува збор за намерна операција на криење на непријатни факти од властите, туку за базична незаинтересираност кај медиумите на македонски јазик. Барем така се чини на прв поглед, доколку не излезе дека нешто друго се крие во овој случај. Во прв миг, кога се обзнани веста за смртта на детето, настана шок! Почна изразувањето сочувство и жалење, но никако да се разоткријат и околностите во кои дошло до инцидентот со крвави последици. Нема кредибилни факти, само интерпретации. Информативниот и медиумскиот јаз меѓу двете најголеми заедници останува да зјае, како создаден за нови конфликти. Покрај тоа, на официјалните соопштенија на полицијата и јавното обвинителство никој не им верува, а чаршијата и социјалните мрежи шират свои верзии за настанот. Извесно е дека сторителот и таткото на детето се скарале среде здравствен дом во врска со редот на пациентите, но индикативно е што кавгата ја продолжиле надвор и таа не била нималку вербална. Двајцата си повикале зајакнување, а никој не побарал полициска заштита. Ете, до таму сме дојдени! Страшно е што пошироката јавност е оставена сама да ги собира делчињата на една ужасна стоприја со трагичен крај, и тоа неколку дена по чинот – а притоа никој нема доверба ни во медиум, ни во институции. Дури некои новинари наместо објективна сторија и анализа, шират нов бран политичка некрофилија и така долеваат масло на оган. Голем број Албанци, со право, се чувствуваат изневерени и гневни, бидејќи сите денови до трагичната смрт, „македонската страна“ си ја тера приказната за студентите и револуцијата, што медиумите полнат страници со црна хроника од Србија или подалеку, а не ги интересираат околностите на случај во кој со намера е презгазено дете. Си споменуваат каква беше јавната реакција кога беше убиен Ангел од Ѓорче, и како албанските (и муслиманските) објекти и лица беа предмет на напади, ни криви ни должни. Во ваквата реакција има и многу генерализирања, се будат страстите, се бара смртна казна, се бара некакво нивелирање на јавното сочувство, итн. Има напади и на Шарената револуција, на тоа што медиумите будно следат секое приведување во полиција на некој активист, но ниту еден новинар од тие редови не покажал интерес за овој случај. Се разбира, има тука и неправедни обвинувања, и колатерални жртви. Но, овој случај зборува за фактот кој сега испливува на површина: кризата не донесе пресврт ниту стана можност за промена! Овие неколку години станавме „чудо“: колку помала земја, толку повисок, речиси опиплив интензитет на омраза, пизма, злоба и нетрпеливост. На момент помисливме дека острицата е поместена од меѓуетничките на интраетничките и/или политичките односи, но деновиве станува јасно дека ниту Шарената револуција дејствува надвор од епицентарот, ниту носи нови струи меѓу граѓаните, ниту сите заедно сме станале подобри и похрабри луѓе. Институциите се дерогирани, никој не им верува, владее тотална аномија, а јазот на недоверба станува длабок бунар. Или како што велеше Ниче: оној кој се бори против монструми, треба да припази и самиот да не стане монструм. Кога долго стоиш на работ и гледаш во амбисот, и амбисот ќе се загледа во тебе.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Gajus-Images via Depositphotos