Нато и новите војни

Сега кога (наводно) „политичката криза е завршена“ (според зборовите на амбасадорите-кумови на новата верзија на Пржино во македонската сапунска серија) веројатно ни е дозволено да погледнеме надвор од кафезот. Граѓаните (политичарите се посебна приказна) никако да сфатат дека најголем проблем на Македонија е самата Македонија, т.е. оние кои ја претставуваат и наводно се грижат за нејзината иднина. Додека се занимаваме сами со себе, без трошка желба да се упристоиме, светот отиде по ѓаволите! И тоа првенствено оној дел од светот кон кој сме наумиле и од чиј пат не смееме да скршнеме. Ако порано се пееше „Друже Тито, ми ти се кунемо“, во Македонија за чудо сѐ уште се пее „Драги НАТО, ние ти се колнеме“. Еве, читам деновиве, како еден опозициски и наводно светски експерт за глобална безбедност од Прилеп порачува дека секој оној кој е против членството во НАТО (алудирајќи на ставовите на Левица) бил велепредавник! А последниот самит на Алијансата мина и без да го забележиме. Како дел од локалниот фолклор, по обичај, се крена мала бура околу одбивањето на Иванов да учествува и (обратното) поданичко присуство на министерот за надворешни работи, а сето почна и заврши со „проблемот со името“. Малкумина воопшто и размислуваат што би добиле со членството во Алијанса која се распаѓа, било поради она што се случува во Турција (или претходно во Грција и Унгарија) или она што го најавуваат Трамп и Клинтон (наводните разлики воопшто не се разлики кога станува збор за интересите на Империјата, за која НАТО е само обична алатка – додека е потребна). Речиси никој и не ги коментира опасните пораки од Варшавскиот самит, кои Русија ја портретираат како архетипски непријател. Централната точка на Самитот беше зголемувањето на военото присуство долж границите со Русија (Балтичките држави и Полска). Прашањето за проширувањето на „евроатланските вредности“ и на членството на Алијансата воопшто и не беше поставено: Црна Гора влезе во НАТО во најлош можен момент во неговата, но и својата историја, во момент на жестока конфронтација и во време кога тревата страда додека слоновите се борат (или водат љубов, сеедно). Се сеќавам на една духовита изјава за тоа дека Хрватска влегла во ЕУ налик на гостин кој последен стасува на забавата, која веќе се претворила во погреб. Што да каже човек сега за членството на Црна Гора во воен блок кој не може ни територијата да ѝ ја забележи од сателитите? Дека храбриот црногорски народ ќе биде сојузник со најмоќната воена сила на планетата? Или дека таа најголема воена сила сега ќе ја штити малата Црна Гора? Слично е и со нас. Македонија, за среќа, едвај и да беше спомената – благодарение на Грција. Ако има трошка вистина во онаа изрека дека будалите Господ ги чува (бидејќи не се способни себе да се чуваат), тогаш нас нѐ чува Грција од заземање страна на линијата на фронтот (како што регионов го нарече Кери). Официјално на Самитот се прозбори и за НАТО силите во Авганистан и Ирак, односно за гарантирањето на безбедноста на двете нации далеку од евроатланската зона, за кои кога ќе се видат последиците токму од инвазијата на нејзините членки, човек не знае дали е ова комично или трагично. Колку и да се прикажува Русија како „грдиот и лошиот“ во вестерн-филмот за „Добриот, лошиот и грдиот“, фактите зборуваат дека мировната дивиденда од пред 25 години ја раскрчми токму НАТО (на чело со САД): глобалното ширење, бескрајните воени интервенции и окупации, воени злосторства и уништувања од Либија до Сирија и подалеку, тоа се изворите кои ја поттикнаа сегашната бегалска криза. Притоа, пред очите на светот и без никаква казна (дури и покрај Чилкот извештајот кој конечно го дочекавме), беа прекршени Повелбата на ОН и сите меѓународни конвенции, па дури и непишаните норми кои владееја и се почитуваа за време на Студената војна (со цел да остане студена). Ако денес НАТО некако се легитимира пред популацијата на своите држави-членки, тогаш тоа е како покровител и заштитник на нивните најголеми закани и стравови. На Варшавскиот самит, во духот на новоговорот, беше порачано дека „НАТО останува фундаментален извор на безбедноста на нашите народи, и на стабилноста на светот“. Но, од конкретните акции е јасно дека заканите и предизвиците за кои зборува НАТО се во голема мерка негова сопствена креација, фактичка или имагинарна. Како што забележува Јан Оберг, добрите луѓе мислат дека таму има компетентни експерти, кои врз основа на серија индикатори ги одмеруваат безбедносните закани и прават анализи, кои потоа политичарите ги користат за своите политики. Но, овој опис на безбедносната политика нема никаква допирна точка со реалноста!

Ако подобро погледнеме што се случува во НАТО, од Ница до Минхен како последни примери, а заедно со отвореното марширање на фашизмот во Турција за само една седмица, се поставува логично прашање: колку е (не)моќна Алијансата, ако не е способна да ја гарантира ниту демократијата, ниту безбедноста на сопствените? Двајца млади луѓе, државјани на Франција и Германија, успеаја да ги збркаат и безбедносните сили и политичкиот естаблишмент. Какви евроатлански вредности денес претставува Ердоган, кому дури и при масовна чистка без преседан – од судии до учители, само му вели дека можеби патот до членство во ЕУ ќе се оддолжи поради лошото однесување? Ако за толку децении овие општества не успеале да се демократизираат, и крахираат под притисок на параноја и милитаризација, тогаш што да се очекува од нас? Додека ги слушам Трамп, Килари (не е печатна грешка, името доаѓа од англискиот збор kill – убива), Борис Џонсон, Орбан или Ердоган, помислувам дека сѐ уште има шанса за нашиве политичари, но и за нас. Ако ништо друго, ние и низ (додуша мала) војна минавме, и на сета сиромаштија и реална и онаа на духот, ама сепак семето на омразата или внатрешната ексклузија не се од таков обем како на развиениот Запад. Говорот на омраза на водечките политичари и медиуми таму, особено кон бегалците, многу зборува за кревката толеранција, култура на човекови права, но и за отсуството на чувство за мултикултура: ние сме многу понавикнати да живееме заедно, дури и ако тоа го правиме едни покрај други, наместо едни со други. Не е ова никаква фалба на нашата глупост, напротив; но, е деконструкција на митот дека со членство во НАТО (или ЕУ) ќе станеме подобри. Новата уредничка на Шпигел пишува за можноста САД да се распаднат и за внатрешната декаденција на цел еден систем (нешто што Галтунг и Виберг го прогнозираа пред децении). Темните облаци навестуваат „совршена бура“: расцепкување на ЕУ (па и на НАТО), должничка/социјална криза, бегалска криза и „тероризам“ (и тероризам). Најголемата закана за која НАТО и ЕУ немаат одговор се т.н. home-grown терористи (не увезени, туку дома пораснати гневни млади луѓе кои државите не се ни потрудиле да ги интегрираат и извлечат од бесперспективност). Затоа, 18-годишно дете можеше да предизвика вонредна состојба во еден град, а друг безмилосно да прегази речиси стотина лица, пред очите на изненадената полиција во држава под вонредна состојба! На надворешен план, она што пред години само се нагаѓаше, сега е официјална политика: Втора студена војна. Ако треба да се одбере страна во ова светско лудило, тогаш тоа мора да биде страната на хуманоста, а не таа на моќните и богатите кои маршираат на самоубиствен пат. Приказната за членство во НАТО е наратив од крајот на минатиот век; време е да се разбудиме.

Напишано за Нова Македонија